Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Најдобрата македонска кошаркарка, Анџелика Митрашиновиќ, отворено за ЕКИПА.МК говори за успехот и освојувањето на Купот на Македонија со Кам Баскет, но и за продолжението на лигата во која тимот од Македонска Каменица е прв фаворит за освојување на трофејот.
Со Митрашиновиќ разговаравме и за репрезентацијата на Македонија, но и што е главната причина поради која женската кошарка каска зад останатите земји од овие простори. Се потсетивме и на Марјан Лазовски кој за неа бил како втор татко и со тоа дека со неговата загуба, кошарката во Македонија изгуби голем профсеионалец, но и уште поголем човек.
Митрашиновиќ вели дека како мала сакала да биде фудбалерка и дека по цели денови детсвото го поминувала или на фудбал или на кошарка со другарчињата од нејзиното маало во Карпош 4.
==========================================================================================================================
Еден месец си дел од Баскет Кам и веќе го освоивте првиот трофеј во домашниот куп. Колку си задоволна од овој проект и твоите очекувања до крајот на сезоната каде ве очекува битка за освојување и на титулата во Првата лига?
Презадоволна сум од тимот. Има голема хемија меѓу нас и многу ми е мило што излезе шанса да дојдам и да им помогнам во освојување на титулата во Купот. Мене ми заврши првенството во женската АБА лига, а во црногорскиот шампионат Будуќност игра само со домашни кошаркарки. Голема е паузата и затоа ја прифатив поканата на Баскет-кам и дефинитивно не погрешив. Реално очекувавме победа. Сметам дека сме поискусна екипа од Бадел, иако имаат и тие репрезентативки и добри млади кошаркарки кои се иднина на македонската кошарка. Сепак, искуството беше на наша страна и тоа беше клучот за освојување на првиот трофеј на овој клуб. Мислам дека сме фаворити и за титулата во Лигата. Бадел нормално ни е главен конкурент и во лигата. Имаме ривалство со нив годинава има и дуели на игра, но сето тоа останува на теренот. Еднаш ги победивме во Суперлигата, еднаш загубивме, но тој меч имав проблеми со лични грешки, добив три за три минути, а до крајот бев и исклучена. Мислам дека можеме да ги добиеме и да ја донесеме првата историска титула за екипата на Баскет Кам. Главна цел ни е двојна титулата годинава и очекувам тоа и да се случи бидејќи сме најискусен и најквалитетен тим во Македонија.
ЗА ЖАЛ КОГА ЈАС ПОЧНУВАВ СО КОШАРКА ПОГОЛЕМ БЕШЕ КВАЛИТЕТОТ ВО МАКЕДОНИЈА!
Пред да заминеш во Будуќност настапуваше за Бадел. Дали има напредок во женската кошарка во Македонија или назадува од времињата кога настапуваше за екипата на Бадел и колку е таа далеку од најдобрите балкански тимови?
Мислам дека кога играв претходно во Македонија пред да заминам во странство имаше поголем квалитет во домашната кошарка. И лигата беше посилна. Како поминуваат годините се помалку има и девојчиња кои сакаат да тренираат и кои сакаат да се занимаваат со кошарка. Кога ќе стигнат некаде до 18 години сфаќаат дека во Македонија не може нешто да се направи од кошарка и многу се откажуваат и бараат друга професија. Треба големо производство на домашните кошаркарки кои ќе заминуваат во странство. Проблемот е што немаме многу интернационалки, македонски кошаркарки кои играат во странство. Македонската лига е многу слаба. Суперлигата и овој дел е поквалитетен, но многу каскаме зад земјите во опкружување, не па подалеку. Едноставно не се работи доволно кај нас, со еден тренинг не можеме да напредуваме. Будуќност е одличен клуб и таму може да се живее од кошарка. Многу вложуваат во женскиот спорт и затоа мислам дека имаат и одлична репрезентација која редовно игра на Европските првенства и имаат и доста интернационалки што е главен предуслов за успех на овие простори. Многу се работи со младите и уште од млади години им се дава голема шанса во Црна Гора и тоа е најважно за една мала земја. Настапував и во Босна и Херцеговина и таму лигата е поквалитетна од Црна Гора, но Будуќност е врвот во просторите од поранешна СФРЈ. И двете лиги за жал се далеку над нашата и се многу поквалитетни.
МИСЛАМ ДЕКА Е ВРЕМЕ ДА СЕ ОТКАЖАМ ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, НО КОНЕЧНАТА ОДЛУКА ЌЕ ЈА ДОНЕСАМ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА
Твои очекувања за репрезентацијата на Македонија и дали и понатаму планираш да продолжиш во дресот со националните бои или е време да им се отстапи место на младите?
Искрено планирам да се повлечам од репрезентација на Македонија бидејќи моето тело веќе не може да го издржи тој напор. Некако се чувствувам уморно од репрезентација и тие репрезентативни натпреварувања, бидејќи таму навистина треба да го дадеш својот максимум за да направиш колку толку позитивен резултат. Последниот прозорец добро поминавме иако ги загубивме мечевите. Бонер е феноменална како личност. На натпреварите играше како да е родена за Македонија. Неверојатен професионалец и даде максимум на мечевите. Имам премногу дадено за репрезентацијата и мислам дека е време да им оставам простор на помладите. Сепак, ќе видам како ќе се чувствувам до ноември кога и ќе ја донесам мојата конечна одлука околу иднината во дресот со националните бои.
Го прележа коронавирусот по подготовките во Охрид. Колку е тешко за еден професионален спортист да се врати во топ форма по прележување на Ковид-19?
Ми беше навистина тешко да се вратам по коронавирусот. Знаете дека бевме заразени на подготовките во Охрид и како прво голем удар за нас беше тоа што навистина се подготвувавме за тој балон и сакавме да ја претставуваме Македонија, но на крај не отпатувавме за Рига. Беше големо разочарување за нас што не можевме да играме. Бидејќи ги очекувавме тие натпревари, а на крај ништо од тоа не излезе. Првите седум дена имав температура и колку и да сум во топ форма и професионална кошаркарка беше многу тешко да се вратам на терените. На Ф4 во кој освоивме второ место во ВАБА лигата ми беше многу тешко на тие натпревари. Почнав да се гушам уште во прва четвртина и не можев да дишам. Веднаш барав замена од тренерот. Се уште имам мали проблеми и на моменти не можам да го воспоставам дишењето. Навистина е сериозен вирусот и многу е тешко да се вратиш во топ форма откако ќе го прележиш. Последиците остануваат уште долго.
МАКЕДОНИЈА ЗАГУБИ ГОЛЕМ ЧОВЕК СО СМРТТА НА ЛАЗОВСКИ, А ЈАС ЛИЧНО ГО ИЗГУБИВ МОЈОТ ВТОР ТАТКО
Коронавирусот зема многу жртви и истакнати спортски работници во Македонија, меѓу кои и Марјан Лазовски. Соработувавте заедно во репрезентацијата и колку тој беше важен во твојата кариера, но и во животот?
Марјан Лазовски беше предобар човек. Мене ми беше како втор татко. Со него имав најдобар однос меѓу играч и тренер во мојата кариера. Се поставуваше со нас на еден феноменален начин. Не знаеше никогаш да викне, да не искара, јас самата барав од него да не биде предобар со нас. Некои ја користеа неговата добрина. Бев во Црна Гора кога ја слушнав веста дека ја загуби битката со коронавирусот, бев уништена. Бев многу блиска со него, навистина имавме релација како татко и ќерка. Секогаш ми се јавуваше да ме праша како ми е дали ми е добро во Црна Гора. Македонската кошарка загуби голем професионалец, но уште поважно го загуби најдобриот човек што некогаш го имала.
КОБИ БРАЈАНТ Е МОЈОТ ИДОЛ… ДВА ДЕНА ПЛАЧЕВ КОГА СЕ СЛУЧИ ТРАГИЧНАТА НЕСРЕЌА
Кои од македонските кошаркари и кошаркарки се твои идоли, а кој е твојот идол од светската кошарка?
Од македонските кошаркари врв ми беше Врбица Стефанов. Врбица беше еден од моите идоли. Исто така ќе го споменам и Перо Антиќ и Тодор Гечевски и целата генерација која беше дел од Европското првенство во 2011. Бев главна на плоштад кога беше дочекот во Скопје. Браќата Стојановски исто така многу ги почитувам како кошаркари. Од дамите Славица Димовска ми е најголем идол. Со неа тренирав како дете. Кога почнував таа беше во Младинец. Во тоа време беше врвен играч, а јас се уште бев дете. На тренинзи не ми даваше пола терен да поминам. Дома си одев со плачење, но сега сфаќам дека тоа беше голем плус за мене и многу научив од деновите поминати со Димовска. Со Стојна Вангеловска соработував во репрезентација. Исто една прекрасна и неверојатна личност од која многу научив. Следам НБА многу и европска кошарка. Во моментов најомилен ми е Факундо Кампацо бидејќи го обожавам тој начин на игра, „магијата“ која што ја има Кампацо и одличното чувство за проигрување на соиграчите. Во историјата Коби Брајант ми е врвот. Многу го следев и секогаш ги гледав неговите финти и се обидував да ги копирам. Јас сум од таа генерација која растевме со Коби Брајант од почетокот на неговата кариера па се до крајот. Го имам малку фатено и Мајкл Џордан. Неговата игра е чиста перфекција, но Коби за мене е Бог. Кога почина два дена не можев да престанам да плачам. По него се водев цел живот. Ја следев буквално неговата кариера цела, читав книги кои ги има издадено и бев заљубена во неговиот начин на играње кошарка. Кога играа финалето со Бостон во 2010 година, останував будна цела ноќ и потоа следниот ден не одев на прв час во училиште.
Која беше причината Анџелика да ја одбере кошарката како своја професија во животот и кога се роди љубовта кон баскетот?
„Како мала многу играв фудбал, бидејќи кај мене во зграда имаше само машки деца и по цел ден со нив. На почеток ги терав моите да тренирам фудбал, бидејќи многу го сакав. Така по цел ден во маало фудбал, баскет и на крај на осум години моите ме запишаа на кошарка. Долго време тренирав со машки кошарка и кога дојде време да ме префрлат во женски тим за да играм прва лига плачев дома, сакав да играм уште со машки. Се уште тренирав со машки, но потоа одев и на тренинзи со женски. Не ми беше едноставно интересно. Подинамична кошарка е со машките и затоа повеќе сакав со нив да играм. Во младински категории имам постигнато 64 поени и ден денеска го чувам записникот. Играв за Младинец против Велес од вкупно нешто повеќе од 80 поени на мојот тим постигнав 64 и тој меч ќе го паметам целиот живот. Имам доста индивидуални признанија за најдобра кошаркарка на годината и за МВП на плеј-оф и на куп. Сите тие ми значат многу бидејќи колку и да е кошарката тимски спорт, индивидуалните награди исто така многу значат за секоја од нас.
ИМАМ СВОИ РИТУАЛИ И СУЕВЕРИЈА… ИМАМ ПОСЕБНИ ЧОРАПИ КОИ ГИ НОСАМ САМО НА НАТПРЕВАРИ
Голем дел од спортистите имаат свои ритуали. Дали ти имаш твои и кои се тие?
Имам свои ритуали и суеверија пред натпревари. Точно се знае колку време пред натпревар доаѓам во сала, како се загревам. Секогаш ги носам истите чорапи и тие ми се само за на натпревари. Имам неколку работи кои ги носам само на натпревари и никогаш не ги користам на тренинзи. Во соблекувална се знае што прво облекувам. Пред натпревар сакам музика да ме дигне, а кога се поважни мечеви најчесто визуелизацијата на мечот е главното нешто со кое се концентрирам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА