Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Македонецот Андреас Трајковски кој дел од својот живот го помина во Данска отворено за ЕКИПА.МК говореше за неговата досегашна кариера и плановите кои ги има за во иднина.
Трајковски вели дека кога ќе се спомене Македонија прва асоцијација му е „дома“, а дека главна цел во следниот период му е да ја претставува Македонија на следните Летни олимписки игри во Париз 2024.
Спортски идол му е Карл Луис, а еден од најдобрите дански атлетичари на сите времиња, Вилсон Кипкетер е негов добар пријател и менаџер.
==========================================================================================================================
ТАТКО МИ Е ВИНОВНИКОТ ПОРАДИ КОЈ ПОЧНАВ ДА СЕ ЗАНИМАВАМ СО АТЛЕТИКА!
Од каде љубовта на Андреас кон атлетиката?
Љубовта кон атлетиката дојде од моето семејство на многу рана возраст. Почнав со атлетика на 8-годишна возраст, но ја сфатив сериозно кога имав 13-14 години. Татко ми отсекогаш бил пример за мене и тој беше личноста што ме натера да пробам атлетика.
Што значи за тебе настапот за државата од која потекнува твојот татко и која е првата асоцијација која ти доаѓа кога ќе се спомене Македонија?
Асоцијација за Македонија е само дома. Ништо друго. Тоа е неверојатно чувство. Отсекогаш сум сакал да ја претставувам Македонија и со нетрпение очекувам да го облечам црвено-жолтиот дрес. Ќе дадам сè од себе за да ја направам Македонија горда.
МОЈА ЦЕЛ Е ПЛАСМАН НА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ 2024
Кои се твоите цели во продолжението на кариерата и дали планираш да се насочиш само кон една дисциплина (100 метри или скок во далечина) или ќе продолжиш и во двете дисциплини да напредуваш?
Мојата најголема цел е да стигнам до Олимпиското финале во 2024 година и да скокнам над 8 метри. Исто така, сакам да станам првиот Македонец што некогаш успеал да се пласира во финале на голем меѓународен натпревар. Оваа година скокнав 7,83 метри што е мое најдобро постигнување во кариерата, а притоа подготовките не се одвиваа како што посакував бидејќи се здобив со повреда кога ја започнав сезоната со натпревари во сала, па затоа сум мотивиран следната сезона да направам уште подобри резултати. Мојата главна дисциплина е скок во далечина, но учествувам и во трките на 100 метри.
НИТУ ВО ДАНСКА НЕ Е ИДЕАЛНА СИТУАЦИЈАТА КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ АТЛЕТИКАТА
Имаше одлични резултати како младинец во Данска. Дали можеш да направиш споредба меѓу условите за атлетика во Данска и во Македонија?
Условите не се далеку едни од други. Нема многу атлетси патеки во сала во Данска, затоа обично тренираме во Малме, Шведска, преку зима. Се надевам дека ќе придонесам за популаризација на атлетиката во Македонија со моите резултати, и дека наскоро Македонија ќе добие подобра атлетска инфраструктура, бидејќи на Скопје му недостасува атлетски стадион кој ќе им биде достапен на атлетичарите во текот на целиот ден преку цела недела.
МОЈ СПОРТСКИ ИДОЛ Е КАРЛ ЛУИС!
Кој ти е спортски идол и дали имаш запознаено некој од данските атлетски легенди како Вилсон Кипкетер?
Мојот спортски идол отсекогаш бил Карл Луис и да, јас лично го познавам Вилсон Кипкетер. Тој беше мојот поранешен менаџер. Нашите семејства се многу блиски.
Своевремено беше дел од штафетата на 4х100 метри која го постави државниот рекорд на Данска. Што значеше тогаш за тебе тоа остварување и како сега гледаш на него?
Ми значи многу, бидејќи татко ми беше поранешен рекордер на Данска на 4х100 метри и трчавме иста измена (1 измена во штафета). Оваа година штафетата на Данска многу се подобри и јас всушност бев избран за тимот во Токио, но го одбив повикот бидејќи сакам да ја претставувам Македонија до крајот на мојата кариерата.
Дали цел на Андреас е настап на Летните олимписки игри во Париз 2024?
Да! 100%! Тоа е мојата крајна цел. Мојата цел не е само да учествувам, туку и да се пласирам во финалето.
Што сака да прави Андреас надвор од атлетиката?
Покрај атлетиката, јас сум претприемач кој поседува два бизниси. Едниот се вика Jumpers World, кој е фокусиран на атлетиката на социјалните медиуми. Медиумска агенција со над 380.000 следбеници на Инстаграм. Другиот мој бизнис е Recruiters Eye, тоа е компанија која се фокусира на помагање на атлетичарите од целиот свет за да се запишат на колеџ во САД.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА