ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АТАНАС НИКОЛОВСКИ: Нервозите со кајакот во Македонија за малку ќе беа кобни за мене, спортскиот „инаeт“ и доктор Шунковски ми го спасија животот

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Емотивно и искрено интервју со најдобриот кајакар во Македонија, Атанас Николовски. Николовски за ЕКИПА.МК говореше за неговата соработка со кајакарите од Тајван, но и за следните предизвици и соработката со казахстанските репрезентативци и подготовката за Летните олимписки игри во Париз 2024. 

Тој вели дека најголема грешка во животот му е што десет години изгуби во Кајакарската федерација на Македонија, место порано да замине во странство и барем ако ништо друго финансиски да има поубав живот за себе и за неговиот син. 

Популарниот Гале откри една интересна приказна од Летните олимписки игри во Пекинг 2008 година каде беше знаменосец на Македонија, но и се отвори за ЕКИПА.МК за победата над смррта која ја имаше во 2018 година. 

==========================================================================================================================

 СЕ ТРГНАВ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА ДА ОБЕЗБЕДАМ УБАВ ЖИВОТ ЗА СИН МИ!!

По десет години работа во Македонија, реши да се повлечеш и да заминеш да работиш во Тајван. Зошто го направи тоа? 

Се тргнав од Македонија бидејќи немаат чувство за соработка и напредок. Затоа и тапкаме во место. Има едно дете Ангел Петрушев заврши 13. на Европско првенство за јуниори. Многу е квалитетен е сега бара професионална работа. Тоа што го гледав, годинава малку стагнира. Не знам што и како тренираат и затоа јас и се тргнав од тука. Нема никаква стручност. Ниту се едуцираат нашите тренери, а што е најлошо е тоа што се егоцентрични што не сакаат помош бидејќи мислат ќе им го земеш детето. Мене тоа не ми е цел бидејќи знам што имам постигнато во животот, а како доказ е тоа што успеав и натпреварувач од Тајван да однесам на Олимписки игри. Криво ми е бидејќи знам дека можам да однесам наша екипа на ЛОИ, но веројатно оној македонски синдром на самоуништување најверојатно функционира секаде. Ќе повторам голема грешка е што изгубив десет години со работа во Кајакарска федерација на Македонија. Можев многу порано да заминам во странство и ако ништо друго барем да бидам финансиски покриен и да можам на син ми да му помогнам и да живеам убав живот во Македонија. Менталниот склоп и систематското нерешение носи лоши резултати. Се чувствувам некако виновен дека ги лажеме децата. Тренирај, тренирај, тренирај и во моментот кога треба да направи нешто, на крајот се случува ништо. Спротските работници имаат голема вина за сето тоа, поради нестручноста и се останато, но државата е таа која мора да контролира и да влезе да види што се случува. Не може во устав да стои дека државата го потпомага, а не го финансира спортот. Криво ми е што Хрватите, Србите, Словенците го задржаа тој систем од Југославија, ние ја згрешивме работата.

КОГА Е НЕШТО ДОБРО, КОПИРАЈ ГО – ТОА Е ДЕВИЗА НА АЗИЈЦИТЕ

Како си задоволен од времето поминато во Тајван и каков е начинот на работа таму? 

Тајван се млади во однос на Европа, но некаде од 2008 година почнуваат со кајак-слалом. Тие константно бараат странски тренери. Интересно е кај нив што имаат таков менталитет сите азијци. Учат и крадат буквално се. Се се снима, се се следи, секој тренинг, секој извештај се разгледува. Што за мене беше вистински шок кога стигнав и културен и ментален како се тоа функционира. Нема како кај нас борба секој да кажува дека се знае, туку точно се знае кој е претседател, кој носи одлуки, која е задачата на тренерот и за сето тоа се поднесуваат извештаи. За живеење Тајван е убаво место и мислам дека секој треба да го посети барем еднаш во животот. Менталниот склоп на луѓето е тотално различен од тој во Европа. Ако за нас е црно, за нив е бело. Цело време во корона пандемијата Тајван беше отворен и немаше никакви забрани ниту за тренинзи, ниту било што, што беше од голема полза за нас да земеме норма за ОИ во Токио. Премногу се дисциплинирани и затоа и поминаа без забрани за време на корона. Нема емоции многу кај нив. Ти си тука како роб-работник. Одработуваш, земаш парите и си одиш дома.

ПРЕД ЗАМИНУВАЊЕ ОД ТАЈВАН МЕ ПОГОДИЈА ЗБОРОВИТЕ „АТАНАС, ПРИЈАТЕЛЕ, ТАТКО“

Имаше една олимписка норма за игрите во Токио. Како си задоволен од целиот престој и што ќе ти остане најмногу како сеќавање од времето поминато во Тајван?

Дечките и девојките со кои работев се неверојатни. Успеав Цу-Хан да ја однесам на ЛОИ. Инаку интересно е тоа што тие имаат европски имиња за подобро комуникација со нас и таа засекогаш ќе биде мојата Џулија. Четворица имав во олимписки тим и уште десет во азиски тим. Се уште соработувам со нив иако работам со Казахстан. Им направив тренинг план до азиските игри. Кога си заминав од Тајван ми дадоа фото-албум кој сами го направиле со фотографии од сегде кај што сме биле и посвета напишана од сите натпреварувачи, физиотерапевтот и преведувачот. Емотивно беше премногу за мене. Еден од дечките ми напиша „Атанас, пријателе, татко“. Јас сум човек кој скоро никогаш не плаче, но тогаш ми се насолзија очите.  

Следен предизвик е соработка со репрезентацијата на Казахстан и ЛОИ во Париз 2024. Може ли да направиш разлика меѓу Казахстан и Тајван и работата во овие две земји? 

Следна мисија ми е репрезентацијата на Казахстан каде во моментов работам како тренер. Првичниот договор ни е до ЛОИ 2024 во Париз, но имаат азиски игри 2022 што се главна цел за нив. Во моментов работам како тренер консултант. Заедно одработуваме подготовки и во моментов тука е олимпиецот нивни од Токио и бидејќи во моментов таму е ладно времето се подготувавме тука. Има голема разлика меѓу Тајван и Казахстан. Казахстанците повеќе имаат СССР систем. Финансиски ако правиме муабет, Казахстан е голема земја, вложуваат многу во спорт, но оној социјалистички систем не им дава да се комерцијализираат. Се уште работат по старт систем, но мене ми одговара бидејќи сум растен во некој сличен систем. Од друга страна Тајванците повеќе „газат“ и се желни за резултат, поради проблемот со Кина и докажувањето дека тајванската држава постои. Добив финансиска награда од Тајван кога отидоа на ЛОИ, бидејќи тоа беше прва олимписка норма за нивната држава во кајак слалом. Имаат специфичен систем на работа и покрај тоа што работев со Џулија цело време, јас не отидов во Токио бидејќи сакаат да покажат нивни тренери таму и тоа беше мал проблем за Цу Хан бидејќи и двајцата сметаме дека да бев таму ќе имаше и подобар резултат.

Да се навратиме на твојата натпреварувачка кариера. Колку беше тешко да се биде во врвот и да се натпреварува со далеку по моќни нации во тоа време?

Јас и татко ми беше мојот тим. 1000 евра во џеб и со татко ми по шетање по светот. Сепак, немав проблем од психички аспект. Иако бевме мал тим, никогаш не ги перцепирав другите земји дека се нешто надмоќни над нас. Сите сме од крв и месо. Доаѓаат големи тимови, но мене тоа ми беше дополнителен мотив и така размислував. Кај младите сега не можам да го видам тоа за жал. Дејан Георгиевски покажа како треба да се оди со „муда“ на Олимписки игри. Нема мали и големи во спортот има срце и многу работа. Ме почитуваат надвор само поради тоа што не сум ги идолизирал натпреварувачите од големите земји. 

ВО ПЕКИНГ МИ СЕ СКРШИ ЧАМЕЦОТ НА ПОЛА!

Главна вест во Македонија беше дека Атанас ќе добие нов кајак за игрите во Пекинг 2008. Можеш ли да ни раскажеш се што се случуваше таа 2008 година и проблемите кои што си ги имал пред настапот? 

Другите земји натпреварувачите менуваат по два кајака во сезона бидејќи таков е спортот. Сега ќе откријам нешто што се случи во Пекинг кое досега го немам кажано, токму на темава кога главна вест беше дека добив нов кајак. Го добив тој фамозен кајак од МОК. Доаѓа денот кога треба да одиме во Пекинг. Добив чест да бидам знаменосец што ми даде дополнителен мотив. Доаѓам во Пекинг го вадам чамецот тој скршен на два дела. Затоа другите одат со два кајака и еден имаат таму резерва. Четири дена не можев да тренирам. Морав со татко ми да го поправаме. Ми понудија да позајмиме друг кајак, но има голема разлика меѓу кајаците, сите се правени посебно за секој натпреварувач. Го лепевме со татко, баравме смола се снаоѓавме да го залепиме. Чамецот беше буквално на пола скршен. Татко ми среќа што е мајсториште па го среди, но чамецот беше потежок од тежината која ми одговараше за мене. Од МОК имаше смешни понуди како дали може да најдеме па ти сам да го платиш, па ние ќе ти вратиме бидејќи сега немаме пари. Собравме некако пари со татко ми го нарачавме, но не можев да се натпреварувам со тој чамец бидејќи дојде два дена пред трка и немавме време да го подготвиме. Морам да кажам дека тоа ми е криво бидејќи бев премногу подготвен, но поради овој проблем на крај не направив поголем резултат за жал. Ако на некој му се направат кочници како јас што имав и многу порано ќе се откажеше од спорт од мене. Се борев до крај и истерав најмногу што можев.

ТРИ ГОДИНИ НЕ МОЖЕВ ДА ЈА ГЛЕДАМ СНИМКАТА ОД ТРКАТА НА СП!

На светското првенство 2010 го имаше најголемиот успех освојувајќи го седмото место. По полуфиналето имаше прво време и дали жалиш за тоа што не успеа да освоиш медал? 

Многу ми е криво за тоа Светско првенство во 2010 година. Бев прв по полуфиналето, а на крај поради една грешка во финалето завршив како седми. На средина на патеката имаше низводна капија и тука беше меѓувремето. Слушнав дека имам второ време и ме дефокусираше тоа. Следната капија влегов директно во неа и минимално ја закачив со кацигата и тука веќе се изгубив. Знаев дека тие две секунди ќе ме тргнат од медал. Направив до крај уште две грешки и тоа беше тоа. Многу ми е криво за тоа Светско првенство бидејќи никогаш не ми се случило една работа толку да ме дефокусира како што беше случај на тоа Светско првенство. Криво ми е бидејќи завршив седми, а можев да освојам медал. Не сакав да ја гледам трката од финалето добри три години. Јас гледав првпат кога прекинав со професионална кариера. Од овој аспект беше грешка што ја завршив кариерата толку рано. Еден момент мислев да се вратам за игрите во Рио, но сепак не се случи ништо од тоа.

Во 2018 година ти се случи несреќа во која за малку ќе го изгубеше животот. Што се случуваше цел тој период и како успеа да ги пребродиш сите проблеми и на еден начин да ја победиш смртта? 

Ќе повторам тоа што го изгубив во 10 години во Кајакарската федерација на Македонија и сите притисоци во последните две години од мојата работа и во федерација и во клуб. Нешто се случи со мојот организам кој никој не успеа да ми открие што е, паднав и имав пукната коска на главата. По недела дена ми востановија дека имам пукната артерија и во 5 до 12 ме спасуваат и се одлучуваат за операција. Доктор Роберт Шунковски ме оперираше, премногу сум му благодарен. По пет часа операција се разбудив. Две недели не се сеќавам буквално на ништо. Ниту кај сум, нити што сум, ниту што ми се случило и еве и ден денеска не можам да се сетам на ништо. По операцијата еден час сум станал и сум тргнал кон тоалет, по што ме врзале сестрите за кревет. Првото прашање ми било дали може да одам на скијање? Два дена по операцијата со дрен шетав по ходниците на неврохирургија. Со дренот на рака по сто пати шетав нагоре/надолу. Желбата за живот те бутка напред. Шунковски ми кажа дека единствено спортот и желбата за преживување ме одржале да не умрам. Инаку вакви случаи завршуваат кобно. Се борев максимално. Ми требаше 20 и нешто минути да се качам до втор спрат во зградата кај што живеам. Не се предадов во ниту еден момент. Тогаш донесов одлука дека треба да си одам од федерација. Тој момент тотално ми го смени животот.

Се вчитува...