-
Бев рекреативец до 15 години, потоа во Штип пристигна Академијата на ФФМ, се запишав, се изборив да бидам дел од неа и после 10 години сум дел од шпанското првенство и од Лигата на шампионите. Кој вели дека чуда не се случуваат?
-
2024 година за мене е најдобрата и на професионален и на приватен план. Трансфер, Лига на шампиони, одлични резултати со репрезентација, но и се оженив
-
Селекторот Милевски има огромен удел во мојата кариера, многу ми има помогнато на фудбалски и ментален план. Имаме голема шанса да се пласираме на идното Светско првенство
Бојан Миовски имаше одлична 2024 година. Од Абердин, направи трансфер во една од најсилните првенства, шпанската Ла Лига, но и имаше остварување на сонот – играње со најдобрите во Лигата на шампионите.
И, тоа не е се. Миовски имаше незаборавна 2024 година и на приватен план. Се ожени со својата партнерка, со што и дефинитивно зад себе има незаборавни 12 месеци.
На репрезентативен план, Македонија го освои првото место во Лигата на Нации, а Миовски постигна клучни голови, како што беше против Фарски Острови на домашен терен, но и против Ерменија во Ереван.
Во новогодишно интервју за ЕКИПА, Миовски зборува за себе, за следните цели во кариерата, и за тоа како е да се биде дел од Ла Лига и од Лигата на шампионите, како и за репрезентацијата, за головите, и за идните очекувања…
Како ја оценуваш оваа 2024 година?
„Дефинивно најуспешна. Бев избран за играч на сезоната во Абердин и во најдобрите 11 во шкотското првенство за минатата сезона. Потоа следуваше трансферот во Шпанија па првите погодоци во Ла Лига дебитирав во Лигата на Шампионите, и успехот со репрезентацијата. На приватен план се оженив, така да многу работи се случија оваа година и нормално дека ја оценувам за најуспешна во кариерата, но и во животот.
Што значеше за тебе играњето во едно од најсилните првенства и во Лигата на шампионите?
„Секој фудбалер кога почнува со фудбалот, сонува еден ден да игра во Лигата на шампионите, за мене тоа беше остварување на уште еден сон. Морам да признаам дека имав тежок фудбалски пат за да стигнам до тука. Имав голема самодоверба, работев напорно, и никогаш не губев верба во самиот себе. Затоа секој кој сака да стане професионален фудбалер и да игра еден ден во друштво со најдобрите, мора да работи напорно, да верува во себе и сметам дека успехот ќе дојде. Талентот игра улога, меѓутоа верувам дека на прво место е напорната работа“.
Се надеваше ли дека вака ќе се одвива твојата кариера, и дека ќе заиграш во Лигата на шампионите кога почнуваше да се занимаваш со фудбал во детството?
„Да бидам искрен не. Играв мал фудбал до моите 15 години, никогаш не ни играв голем фудбал, но бидејќи морав да се запишам прва година средно и имав среќа таа година во Штип да се отвори академија ФФМ каде низ тестови требаше да се влезе во најдобрите 25 деца и тогаш играв прв пат фудбал во Скопје на Петар Милошевски терените и тоа како лев бек. Па, кој би рекол дека чуда не се случуваат и дека ќе стигнам до тука?“
Што треба едно дете кое сега почнува да тренира фудбал, да помине низ животот за да стигне онаму каде што стигнавте вие?
„Да бидам искрен на ова прашање имам да одговорам и кажам многу, но би оставил некој работи за во иднина. Јас поминав многу тежок период посебно во Македонија, не ни играв во Македонската прва лига освен во Ренова последните година ипол за кој сум им многу благодарен. Не добивав шанса никаде да заиграм ни да ги покажам моите квалитети секогаш играв на различни позиции дури и во у19 кога бев на неколку собири играв како последен играч за врска, па тоа доволно кажува се. Но, мојата најголема работа што ме краси е напорната работа, упорноста и глад за успех и да докажам дека луѓето грешат ме донесоа денес каде сум, нормално во тоа не сум бил сам во тие најтешки фудбалски моменти каде не сум ни бил ниту во состав на натпреварите во Прва лига. Најголема доверба имаа моите менаџери фамилија Томовски каде безрезервно веруваа во мене уште на самиот почеток и секогаш ќе им бидам благодарен, нормално и мојата фамилија која секогаш е била тука за мене“.
Каква е разликата помеѓу шкотската и шпанската лига?
„Шпанската лига е повеќе тактички и многу посед, секоја екипа сака да игра фудбал за разлика од Шкотската каде што 4-5 екипи сакаат да играат фудбал, а другите се повеќе на физички план супериорни, но да бидам искрен некој екипи во прва лига Шпанија што се борат за опстанок да се во Шкотската лига исто би им било тешко и би се бореле за опстанок бидејќи на физички план многу би потфрлиле. Шкотската лига е исто така многу повеќе директна и има доста многу повеќе уфрлања према гол за разлика од Шпанската која се форсира некогаш премногу посед, а без никаков учинок во нападот“.
Какво е чувството да се биде неизбежен дел од репрезентацијата на Македонија во нападот?
„Нормално дека сум горд што добивам шанса од селекторот Милевски и се трудам на најдобар начин да го искористам тоа со моите игри, Милевски има огромен удел во мојата кариера и ми има многу помогнато на фудбалски и ментален план“.
Што значи за тебе гол за националниот тим?
„Се чуствувам горд и исполнет,да се даде гол за репрезентација е најубавото чувство за еден фудбалер. Ја радуваш цела нација а тоа мене и мојата фамилија не прави најсреќни и најгорди. Тоа чувство не може да се опише со зборови, нешто посебно, нешто гордо, да ја радуваш твојата нација, твојата репрезентација, твоите сограѓани“.
Македонија ја доби групата за пласман на Светското првенство, дали сметаш дека имаме шанси преку квалификациите да одиме првпат на Мундијал?
„Имаме супер група, нормално тешка, но за разлика какви великани добивавме порано од типот на Англија, Германија, Италија сега ги имаме Белгија и Велс. Сите сме свесни и знаеме дека не е таа Белгија од предходно и дека не бележат добри резултати, и ако би требале да бираме момент да играме против таква репрезентација тоа би било дефинитивно сега. Со другите сметам дека можеме да се надигруваме и да бележиме добри резултати“.
Каква е атмосферата во репрезентацијата и дали има хемија која може да ја однесе Македонија на идниот Мундијал?
„Имаме одлична атмосфера имавме одлични настапи и резултати во Лигата на Нации зад нас и срушивме доста рекорди, но тоа е се зад нас и секогаш гледаме кон иднината. Се воигрувавме и имавме многу дебитанти во последните 3 години допрва треба да докажеме на фудбалската јавност каков квалитет имаме, а подобар момент од овој нема. Само со тимска игра и сплотеност можеме да стигнеме до нешто големо и да го исполниме сонот на сите македонци и за прв пат да заигра Македонија на Светско првенство“.
Против кој играч ти е најголемата желба да играш во кариерата и дали имаш некоја желба во некој тим каде би сакал да настапуваш во иднина?
„Најголемата желба ми беше да играм против мојот идол Кристиано Роналдо и тој сон го исполнив кога игравме против Португалија. Во Шпанија нормално против Реал и Барселона е исто исполнување на детскиот сон, но би сакал да играм и против Меси за жал тој е сега далеку од Евроап и е пред пензија, па шансите се минимални. Немам некој тим специфично да сакам да играм, се се однесува до стилот на игра на екипата и тренерот што бара доколку тоа би ми одговарало за моите карактеристики тогаш не би ми пречело“.
За крај, кои се твоите очекувања за новата 2025 година?
„Најпрво да се вратам од повредата која ја добив почетокот на декември треба да сум надвор од терените најкасно до крајот на јануари, потоа да продолжам со добрите игри за Џирона имаме цел како тим да избориме место во Европа за следната сезона. На репрезентативен план да дадеме се од себе и како што кажав да изиграме одлични квалификации и да го израдуваме македонскиот народ со Светско првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА