ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Нема нешто поубаво од тоа да ја претставуваш во светот нашата прекрасна Македонија

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Македонскиот таеквондист и освојувач на А-норма за Летните олимписки игри во Токио, Дејан Георгиевски, отворено за ЕКИПА.МК говори за големиот успех, но и за подготовките за најголемото спортско натпреварување во светот.

Со Георгиевски разговаравме големата чест и привилегија што ја носи изборот тој да биде знаменосец на Македонија во Токио, но и за многуте откажувања и напорната работа за да се стигне до големиот успех. Георгиевски се потсети на историската борба во која го елиминираше актуелниот олимписки шампион и се пласираше на игрите.  

Георгиевски вели дека на првиот тренинг како дете се заљубил во овој спорт, а дека најголема поддршка му се неговите брат и сестра, како и тоа дека целата таеквондо организација во Македонија е една голема фамилија. 

==========================================================================================================================

А-НОРМАТА ЗА ЛОИ ВО ТОКИО Е УСПЕХ НА ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА!

По пауза од 2008 година стана првиот роден Македонец со А-норма за Олимписки игри. Што значи тоа за тебе и како се чувствуваш сега откако ги среди првите впечатоци? 

Имав две борби во квалификациите. Првата ми беше со противник од Босна и Херцеговина. Се работи за квалитетен борец. Во втората борба се борев против олимпискиот шампион од минатите игри во Рио. Го имав и претходно победено така да знаев дека можам да се борам против него. Сега бев уште помотивиран за да го победам и да обезбедам норма за ЛОИ во Токио. Ние бевме подготвени на најдобрите. Тој беше прв носител и знаев дека во еден момент ќе треба да се борам со него за да одам на ЛОИ. Ова е голем успех за Македонија, бидејќи по долг период успеавме да го скршиме мразот и еден наш спортист со норма да оди на олимписки игри. Искрено од една страна и жалам бидејќи претходно не сме имале норма. Јавноста во Македонија е во чудо бидејќи по долго време имаме спортист со А-норма на едни игри. Бев премногу среќен по завршувањето на борбата. Полека легнува ситуацијата и работите ги гледам малку поинаку. Многу емотивен момент беше тој за мене. Бев многу среќен и за мене, но и за тренерите бидејќи премногу веруваа во мене. По завршување на борбата се враќаме во соба и заедно со сестра ми и Филип се погледнавме и само си кажавме луѓе успеавме. Морам да повторам ова не е само мој успех туку на целото таеквондо во Македонија и да не бев јас тој што освои норма верувајте и повеќе ќе се радував да беше сестра ми или Филип кој поради повреда тесно ја загуби битката против еден од најдобрите во неговата категорија. Ова е успех за сите нас бидејќи на секои подготовки пред големо натпреварување тие се тука за мене по 20 дена и работат за мене за јас да успеам. Многу сум им благодарен и ова е заеднички успех.

Што беше главниот фактор за еден ваков успех и обезбедување на норма за Летни олимписки игри?

Мислам дека покажавме дури и со нашите услови и дека од оваа наша прекрасна Македонија не само во таеквондото туку и во другите спортови колку и да е тешко може да се освои олимписка норма. Едноставно истрајноста е најважна. Не смеат спортистите да имаат страв од неуспех и пред време да се откажат. Јас сум сигурен дека успехот ќе дојде само од себе. Мене некој да ми кажеше кога бев помал дека уште во Токио ќе обезбедам норма јас не би му верувал. Сепак како созреваш сфаќаш дека тие соништа многу лесно може да станат јаве, како што е сега во мојот случај. Кога станав во 2017 европски сениорски шампион почнав да верувам дека еден ден можам да стигнам и до ЛОИ, бидејќи долго време бев непоразен. Од тогаш почнав да собирам поени и почнав се повеќе и повеќе да верувам дека може уште во Токио да бидам дел од смотрата на најдобрите спортисти во светот.

БОРБАТА ЗА ПЛАСМАН НА ЛОИ ЈА ОДРАБОТЕВ СО ПОВРЕДА НА ПРСТОТ…

Борбата ја одработи со повреда на прстот. Како успеа да ја издржиш болката во тие моменти и да го пребродиш и тој проблем?

Клучната борба за пласман на ЛОИ ја одработив со дислокација на прстот. Уште во првата борба на квалификациите ја заработив повредата, но адреналинот си го направи своето. Се уште не беше оладен прстот и среќа колку и да беше голема болката со тренерите се договорив дека оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. Толку време се подготвував за ова и ако треба и со една нога ќе се борам и ништо нема да ме спречи да го исполнам сонот. Среќа по дополнителните прегледи се виде дека нема посериозна повреда и ќе бидам максимално подготвен за игрите.

Дали одложувањето на игрите поради коронавирусот за оваа година ти помогна во тоа подобро да се подготвиш за квалификациите? 

Колку и да е лоша целата ситуација со короната и навистина во моментов за сите најважно нешто е здравјето, мене одложувањето на игрите во Токио ми дојде одлично. Имав една година плус за да созреам бидејќи се уште сум млад и имав и повеќе време да се подготвам. Лично познавам спортисти кои што сакаа по 2020 да заминат во пензија, на тие спортисти тоа не им одговараше, но мене искрено ми дојде многу добро. Многу ми помогна одложувањето. Некој откажувањето го сфати на многу негативен начин и тоа е добар став. Но, мора во се да се најде нешто позитивно, а тоа во оваа ситуација е дека имаш многу време физички да се подготвиш. Кога има турнири распоредот е толку згуснат што се нема време за нишо. Имавме повеќе простор за базични подготовки и подобро да се подготвиме и физички и психички. Недостигаа турнирите да, но искрено мене ми дојде добро одложувањето и морам да кажам дека се во животот се случува со причина.

НАЈГОЛЕМА ЧЕСТ ЗА ЕДЕН СПОРТИСТ Е ДА БИДЕ ЗНАМЕНОСЕЦ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА НА ОИ!

Ќе бидеш знаменосец на Македонија на ЛОИ во Токио. Дали овој потег е најголемото признание за твојата напорна работа? 

Голема чест за мене е тоа што ќе бидам знаменосец на Македонија на ЛОИ во Токио. Тоа е момент кој ќе го помнам целиот живот. Голема чест е да ја претставуваш оваа прекрасна земја на Олимписките игри, а уште поголема чест и гордост е тоа што ќе бидам знаменосец на мојата земја. Мислам дека е во ред најдобриот спортист да ја има таа чест да го носи знамето и ветувам дека ќе дадам максимум и да го израдувам македонскиот народ и да освојам медал. Ова е континуитет од четири години во кои освоив пет европски медали, второ место на медитерански игри и воопшто не е туку така како што е дел од јавноста запознаена. Сега сум сигурен дека со оваа олимписка норма луѓето ќе дознаат многу повеќе за таеквондото и дека родителите ќе ги запишуваат децата не само на таеквондо, туку на било кој спорт бидејќи многу е важно младите луѓе и децата да се занимаваат со спорт. Два три пати да дојдат на тренинг на таеквондо децата ќе се заљубат во таеквондото за цел живот. Интересно е секој да проба и искрено се надевам дури и гарантирам дека на секои следни ЛОИ ќе имаме претставник во таеквондо со А-норма.

Како ќе течат подготовките за ЛОИ и колку всушност е тежок целиот пат бидејќи само 16 најдобри од целиот свет од две категории може да се најдат во Токио? 

Уште не ја знам целата програма на подготовки. Тренерите се при крај со планот. Знам дека ќе имаме базични подготовки во Крушево и Охрид, но се уште не е утврдено колку дена ќе траат тие. Верувам во моите тренери дека ќе го направат тоа на највисоко ниво, а се разбира на мене е само напорно да тренирам до почетокот на игрите. Во моментов сум во добра форма, но до стартот на игрите морам да ја подигнам на едно досега невидено ниво и да се надминам себе си бидејќи конкуренцијата ќе биде неверојатна. Најважно е здравјето да ме послужи и сигурен сум дека ќе биде се како што треба. Мора луѓето да сфатат колку всушност само под себе е да се квалификуваш на Олимписки игри. Како прво во таеквондо се седум категории, но на ЛОИ се само четири. Се спојуваат категории, а само шеснаесет спортисти од цел свет се дел од нив. Од Европа на ЛОИ ќе бидеме само шест таеквондисти. Навистина е премногу тешко и да се квалификуваш. Конкуренцијата е ултра тешка, видовте дека актуелниот бранител на златото од Рио нема да биде дел од ЛОИ, бидејќи јас го елиминирав. Има многу квалитетни таеквондисти во светот, а на крајот нијанси одлучуваат и тоа дава уште поголемо значење на целиот успех.

НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ СЕ ЗАЉУБИВ ВО ТАЕКВОНДОТО…

Како се роди љубовта на Дејан Георгиевски за таеквондо? 

Во основното училиште каде што учев во Бутел на голем одмор дојдоа од таеквондо клубот Бутел и ни држеа презентација. Демонстрацијата беше како на филм со кршење даски, со скокање, а јас и брат ми веднаш се заљубивме и решивме да одиме да се запишеме. Како мали ни беше интересно, а со тек на време сфаќаш дека тоа е тоа со кое што сакаш да се занимаваш во животот. Иако како многу млад почнав со таеквондо не мислам дека имам изгубено дел од детството, туку баш напротив многу имам добиено. За излегување со другари секој може да го прави тоа. Многу е потешко некој да биде професионален спортист да се натпреварува, да се бори и да остварува големи резултати. Време во животот има за се, ако си го распоредите денот. Ние сме навикнати сите тие откажувања ни се навика и тоа ни е начин на животот. Така сме воспитани во клубот и не е никаков проблем за мене лично. Таеквондото е начин на живот.

СИТЕ ШТО СЕ ЗАНИМАВАМЕ СО ТАЕКВОНДО ВО МАКЕДОНИЈА СМЕ ЕДНА ГОЛЕМА ФАМИЛИЈА

За крај. Велиш дека сите таеквондисти во Македонија се едно големо семејство. Како поминуваат подготовките кога сте заедно и имаш ли да споделиш некоја интересна приказна?

Интересна ситуација се случи на подготовки во Охрид минатата година. Трчавме некаде осум километри во еден правец. Не фати големо невреме во Охрид. По шеталиштетот имаше вода па до коленици буквално кажано. Бевме голема група и во ниту еден момент никој не се откажа и останавме заедно до крајот. Беше многу лошо времето, врнеше многу. Имаше многу деца, но никој не се откажа и си дававме поддршка едни на други. Сите одиме и нема шанси некој да биде оставен. Ова е уште еден пример дека сите што тренираме таеквондо во Македонија сме едно големо семејство и сме тука едни за други.

Се вчитува...