Македонскиот репрезентативен фудбал стартуваше со нова страница во својата историја, по настапот на првото историско учество на Европско првенство. Малку нешта на вистински начин се отворија по завршувањето на ЕВРО 2020 останувајќи во голема мера „под тепихот“, иако јавноста беше сведок на одредени несоодветни случувања кога е во прашање репрезентација-учесник на ЕП. За некои од нив во интервјуто за ЕКИПА отворено за првпат директорот на репрезентацијата Дени Масев кој нагласува дека аномалиите во функционирањето на националниот тим мора постојано да се нагласуваат како објективен коректив на се што мора да се промени.
„Да, македонскиот фудбал со септемврискиот репрезентативен собир почнa еден вид нова ера. Ги оставаме зад нас сите добри и лоши моменти од минатото и се насочуваме, според мене, кон поставување вистински професионални темели на националниот тим. Онака како што сакаме да биде поставен еднаш засекогаш согласно сите стандарди на организација, професионализам и дисциплина. И ова, според мене, доаѓа во вистински момент токму по најголемиот успех во историјата, настапот на Европското првенство, што треба да биде само мотив плус за продолжување во вистинскиот правец“ – вели Масев на стартот од нашиот разговор.
МАКЕДОНИЈА МОРАШЕ ДО МНОГУ ПОДОБРИ ИГРИ И РЕЗУЛТАТИ НА ЕВРО 2020, А НЕ ДА СЕ ЗАДОВОЛУВА САМО СО УЧЕСТВО НА ИСТОТО
Како директорот на репрезентацијата од сегашен аспект, по стивнувањето на целокупната еуфорија, го оценува настапот на ЕВРО 2020 од резултатски аспект и прикажаното на терен во друштво на најдобрите на Стариот континент?
„Факт е дека пласманот на ЕП е голем успех за македонскиот фудбал. Но, ми се чини дека останавме само на тоа и дека не успеавме да го искористиме квалитетот на оваа генерација а со присуството и на еден Горан Пандев. Жал ми е што се задоволивме само со еуфоријата дека сме учесници на ЕП, а заборавивме на играта на терен. Можевме на навивачите, кои секако беа пресреќни само со тоа што сме меѓу најдобрите, да им подариме и многу повеќе моменти за радост. Убеден сум дека овој состав на селекцијата можеше и мораше до многу подобри игри и резултати од само три порази, иако мора да се нагласи дека секој од фудбалерите на тие три натпревари го остави и последниот атом од себе на терен. Тоа го знаат и го чувствуваа и поголемиот дел од репрезентативците. Но, никој во тој момент во Романија не сакаше јавно да го споделува.“
Тогаш, која беше причината за таквиот изглед на ЕВРО и неможноста да се дојде барем до првиот историски бод од еден европски шампионат?
„Игрите и резултатите на Европското првенство се рефлексија и на целокупната нарушена атмосфера во репрезентацијата и недисциплина на репрезентативниот собир кои останаа далеку од очите на јавноста. Да бидеме искрени, од тоа што го видов низ тренинзите и низ тој подготвителен циклус, ние воопшто и не реализиравме соодветни подготовки како за учество на едно Европско првенство. Сами бевте сведоци и на недисциплината која владееше и во хотелот, и тоа во пандемиски услови, со секојдневно присуство и на бројни лица од надвор. Но, и поделеноста во репрезентацијата поради нееднаквиот третман на сите репрезентативци подеднакво. Во јавноста веќе и се пишуваше и за нарушен однос меѓу пооделни членови во стручниот штаб. Сето тоа не може а да не влијае на финалниот изглед на тимот. Е, целта сега е токму тоа комплетно да се промени, а репрезентацијата да ги добие сите максимални професионални нормативи на едно врвно ниво. На крај околу изданијата на терен и резултатите секако влијаеше и тактичката подготовка за самиот меч. Од тоа што лично го мислам од претходно, а и тоа што сега го видов на изминатиот септемвриски собир со новиот стручен штаб, убеден сум дека под водство на Благоја Милевски Македонија ќе имаше бодови од ЕВРО 2020.“
Факт е дека спортските медиуми, па и целокупната јавност, во тој период одлучивме да замижеме пред бројните несоодветни случувања во и околу репрезентацијата пред ЕП, повторно само поради фактот дека не чека прво историско учество на ЕВРО. Журки, роденденски забави, присуство на медиуми од забавна конотација кога и како сакаат во хотелот на репрезентацијата, каде согласно протоколите во суштина никој не смееше да има пристап. Вечери во Романија среде ЕП, незадоволсто на одредени репрезентативци…, нарушување на протоколи со присуство на новинари од политичко-информативни емисии…
„Тоа не можеше да се сокрие. Социјалните мрежи денес откриваат нешта и кои не беа соодветни за една репрезентација која се подготвува за ЕП. За жал, тоа што се градеше со репрезентацијата повеќе од четири години се наруши некако низ последната година и тоа токму кога го очекувавме највозвишениот момент во историјата на македонскиот фудбал, пред настапот на ЕП 2020. А, се знае кој е одговорен за редот, правилата и однесувањето во репрезентацијата“.
ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПАНДЕВ ЗА СЕ ШТО НАПРАВИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Македонската репрезентација сега, на извесен начин, врти еден нов лист. Во тимот ќе го нема најголемото име во македонската фудбалска историја Горан Пандев кој, без сомнение, е име кое силно ќе недостасува на репрезентацијата.
„Не треба да се трошат зборови за тоа кој е Горан Пандев и колку направи за македонскиот фудбал. Мора да искажеме огромна благодарност за Пандев за се што направи за македонскиот фудбал и за успесите на репрезентацијата. Но мора да разбереме сите дека се во животот има свој крај. Па така и репрезентативната кариера на Горан, кој најдобро знае кога може да се повлече. Сега македонскиот репрезентативен фудбал почнува нов лист, со еден нов огромен предизвик пред себе. И уште од првиот собир се виде кај репрезентативците дека горат од желба да покажат дека овој национален тим има огромен квалитет за идни успеси и во оваа нова консталација, без Пандев, и со новиот стручен штаб и со новите млади сили кои се дополнети во репрезентативните редови“.

ФОКУСОТ НА ОВАА НОВА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НАСОЧЕН КОН ЕП 2024…
Дени Масев е четири години во репрезентацијата, директно вклучен во сите случувања во националниот тим, па може и најдобро да даде компаративна анализа за македонската селекција до ЕВРО 2020 и сега низ последниот собир кој во јавноста остава се уште многу прашалници.
„Огромна е разликата од начинот на подготовка за натпреварите од претходно, и сега под водство на новиот стручен штаб. Тоа може да ви го каже и секој од репрезентативците. Очигледна е интенцијата на Милевски да ги корегира нештата кои досега недостасуваа во А-репрезентацијата, а кои треба да бидат темел за иднина: професионализам и дисциплина за време на собир, тактичка дисциплина на терен и анализа на противник… Да. Речиси четири години сум директно во репрезентативните редови како директор, а долги години секако го следам националниот тим. Може слободно да кажам дека Македонија никогаш не играла така доминантен фудбал како на последните три натпревари, со висок пресинг, посед на топка, доминација над противник. Дел од јавноста постојано потенцира дека едни такви лоши на терен Ерменија или Романија морало да бидат победени. А, дали се поставува прашањето зошто изгледаа така на терен. Дали некој со својата игра ги натерал така да изгледаат? Во голема мера, не ретко, противникот на терен изгледа онака каков вие ќе го натерате со вашата игра да изгледа. Ете ние изминатиот период пред ЕП и игравме против Ерменија и против Романија. Па, дали тогаш на тие натпревари тие изгледаа така инфериорно?“
Меѓутоа, секако на крајот спортската јавност очекува само резултати… Колку во ФФМ се задоволни од три ремија под водство на новиот селектор?
„За нас е основно како Македонија така експресно со само еден собир го промени начинот и стилот на игра. Променет е и менталниот склоп кај репрезентативците кои сега знаат и чувствуваат дека тие треба да бидат носители на игра на терен, а не да се чекаат грешки на противникот. Во ФФМ немаме сомнеж дека со еден таков пристап и поставеност на игра головите и резултатите ќе дојдат, и затоа Милевски и стручниот штаб ја имаат максималната поддршка да продолжат во тој правец“.
Во секој случај, сега ќе биде тешка битката за второто место во групата во квалификациите за СП 2022.
„Добро, ние уште во првиот момент по завршувањето на ЕП нагласивме дека новиот проект на новата репрезентација под водство на Милевски е пласман на ЕП 2024. Целокупниот фокус е изградба на селекција која ќе игра на ЕП 2024. Секако, тоа не значи дека се откажуваме од актуелните квалификации за СП 2022. Напротив. И последните резултати посочуваат дека Македонија е и тоа како се уште во игра, и до крај ќе се бориме да дојдеме до посакуваниот бараж за пласман на СП. Секако, резултатските амбиции течат паралелно и со централната интенција за изградба на репрезентација која ќе биде препознатлива на терен и надвор од него на најдобар можен начин“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

