ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДРАГАНА РИСТОВА: Многу му должам на Раул Гонзалез, во Будуќност сфатив колку ме ценат во Европа

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Едно од најдобрите балкански леви крила во историјата, а во моментов тренер на ЖРК Вардар, Драгана Ристова некогаш Пецевска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзините цели како тренер, но и за ситуацијата во која се наоѓа македонскиот женски ракомет.

Таа за ЕКИПА.МК се потсети на времињата кога женската ракометна репрезентација беше гордост на Македонија, но и за нејзините настапи во Кометал Ѓорче Петров и загубеното финале од Шлагелсе во Лигата на шампионите. 

Ристова говореше и за нејзините подеми и падови во кариерата, но и за деновите поминати во Будуќност каде што имала неверојатна соработка со тренерот Драган Аџиќ и за првпат во животот сфатила колку ја цената во Европа. Во тренерската кариера вели дека многу му должи на Раул Гонзалез кој според неа е еден од најдобрите ракометни тренери во Европа и светот. 

==========================================================================================================================

СИСТЕМ И ПРАВИЛНА РАБОТА СЕ ГЛАВНАТА ТАЈНА НА УСПЕХОТ!

Водиш група на млади ракометарки во ЖРК Вардар кои ги водиш од најмлади години. Дали според тебе тоа е правилниот начин на создавање на квалитетни ракометарки и останува ли цел освојување на двојна круна во домашниот шампионат? 

Повеќето девојки со мене се веќе осум години. Јас би рекла системот е важен кој го спроведуваме во ЖРК Вардар јас и моите соработници. Секоја нова девојка која ќе ни се приклучи во тимот го учи тој систем и се вклопува во нашата игра. Не сметам дека токму е потребен тренажен процес од осум години, но дефинитивно е потребен систем и правилна работа за да можат да дојдат и резултати. Точно е дека сме млад и перспективен тим кој во иднина треба да прави и многу поголеми резултати. Сепак, резутлатот во првиот дел од сезоната ни наметна таква цел да ја посакуваме титулата и да се стремиме да бидеме подобри од минатата сезона. Ми се чини дека е природно да се надеваш на најдобро. Се надевам дека ќе бидеме фокусирани до крајот и здрави пред се и нормално ќе дадеме се од себе за да направиме успех сезонава. 

Беше дел од Вардар во периодот во кој Раул Гонзалез беше тренер на првиот тим. Дали женскиот ракомет доби или загуби во тој период и колку успеа да научиш од него и колкав е неговиот удел односно шпанската школа во твојата тренерска кариера?

Не се проблем странците туку тоа што не се вложуваше доволно во женскиот ракомет и со самото тоа не се создаваа наши домашни ракометарки. Кога се појави ЖРК Вардар по долги години конечно живна женскиот ракомет. Раул Гонзалез е најзаслужен за тоа што сум јас денеска. Ми дозволи да учам од него и несебично ми ги откри сите тајни на неговиот систем. Навистина ми беше голема чест што имав шанса да учам од еден од најдобрите светски тренери. 

По 2008 повторно сме организатори на Европско првенство. Твои очекувања од овој шампионат и дали има Македонија талентирани ракометарки кои можат да ја вратат славата на женскиот ракомет како таа од времето во кое и ти беше во дресот на националниот тим? 

И тоа како Македонија има талентирани ракометарки. Единствено е само проблем дали тие ракометарки и тој потенцијал што го имаат ќе направи од нив да прераснат во врвни ракометарки. Искрено имаме навистина голем број перспективни девојки и се надевам дека сето тоа ќе се склопи убаво и навистина време е веќе да се крене женската репрезентација на ниво на кое ние бевме долги години. Навистина се надевам на тоа и на овие млади девојки им посакувам голем успех во иднина. 

НАЈМНОГУ ГИ ПАМЕТАМ МУНДИЈАЛОТ ВО ИТАЛИЈА И ЕП ВО МАКЕДОНИЈА !

Да се навратиме на играчката кариера. Кој е најголем успех во репрезентативната кариера и првенство или натпревар на кој си посбено горда и се уште радо се сеќаваш на тие времиња? 

Искрено најмногу се сеќавам на моето прво првенство во дресот со националните бои. Тоа беше Светското првенство во Италија во 2001 година и иако немав некоја значителна улога навистина се уште кога ќе се сетам на тие времиња ми навираат емоции. Тоа беше мојот почеток. Истата година бев прогласена и за најдобар млад спортист на Македонија. Сепак, морам да го издвојам и европскиот шампионат во Македонија во 2008 година. Тие денови некако се беше магично и прекрасно, а на крајот забележавме и одличен резултат, беше навистина неверојатно. 

Имаше подеми и падови во Кометал ЃП. Колку во тој момент ти ја разниша самодовербата враќањето во вториот тим, откако тренерот ти соопшти дека немаш потребен квалитет за првиот тим и дали сметаш дека им докажа на сите дека вредиш со тоа што стана едно од најдобрите леви крила на Балканот? 

Не беше проблем тоа што бев вратена во вториот тим, туку тоа што јас чувствував и знаев дека можам и имам квалитет за првиот тим. Знаев дека можам и сакав да играм во Суперлигата и тоа беше моето најголемо разочарување во тој момент. Затоа прејдов во клуб што игра во Суперлигата и тука почна да оди се во нагорна линија. И после тоа имаше луѓе кои не веруваа дека ќе успеам, но најважно е сама на себе што си докажав дека можам да се носам со епитетот „врвно крило“. Ми се исполни сонот кој го сонував целиот мој живот и целите кои што си ги поставив. 

ЖАЛАМ ШТО НЕ УСПЕАВ ДА СТИГНАМ ДО ТРОФЕЈОТ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ! 

Дали се уште чувствуваш горчина на загубеното финале против Шлагелсе во ЛШ и пропуштената шанса да се освои ЛШ? 

Еднастовно ја немав таа среќа да ја освојам Лигата на шампионите. После поразот од Шлагелсе со Кометал Ѓорче Петров имав шанса да стигнам до трофејот и со црногорскиот Будуќност, но едноставно не ме посака. Само што си отидов од Подгорица тимот успеа да се качи на врвот на Европа. Едноставно таков е животот некогаш не завршува се како што имаш замислено. 

ВЕЧНО ЌЕ ЈА ПАМЕТАМ СОРАБОТКАТА СО НЕВЕРОЈАТНИОТ ДРАГАН АЏИЌ 

По Кометал следеше трансфер во Будуќност каде што ги помина најдобрите денови од твојата кариера. Неверојатни две сезони во кои го освои Купот на победниците на куповите и играше полуфинале во ЛШ. Колку си задоволна од двете сезони поминати во Подгорица? 

После распадот на Кометал Ѓорче Петров Будуќност и Подгорица беа мојата следна дестинација. Иако бев повредена кога потпишував одлично ме прифатија и успеав да се вратам од повредата во одлична форма. Во Будуќност конечно сфатив колку ме цени и почитува цела Европа. Претходно не бев свесна за тоа. Сосема различен пристап и однос играч/тренер или играч/раководство, се беше поинаку. Имам преубави спомени од времето во Будуќност и соработката со неверојатниот Драган Аџиќ. 

Што сака да прави Драгана во слободно време и каде се гледа за пет години? 

Тоа малку слободно време што го имам го користам за создавање на креативни работи. Сакам да плетам и да правам некои рачни изработки. Тоа ме исполнува и успева да ми ги отргне мислите од обврските и проблемите кои што одат со животот. За пет години сакам да водам тим во Лигата на шампионите. Тоа е некоја моја желба и цел и се надевам дека ќе ми се оствари. Сепак, нормално е да одам чекор по чекор. 

Се вчитува...