ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ДРИТА ИСЛАМИ: Цел ми е да обезбедам норма за во Париз… Младите девојки не смеат рано да се откажат од спортот

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобрата македонска атлетичарка, Дрита Ислами отворено за ЕКИПА.МК отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата во следниот период. Специјално за ЕКИПА.МК открива како е чувствуваше по поставувањето на новиот национален рекорд на 400 метри со пречки, но и за повредата на ахиловата тетива која ја мачи цела година. 

Ислами искрено зборува и за условите кои ги имаат македонските атлетичари, но и за недостатокот на конкуреција во Македонија која е важна за подобрување и на сопствените резултати. 

Како една од најпознатите македонски спортистки им советува на младите девојки кои што сакаат да се занимаваат со спорт, а особено со атлетика да не се откажуваат така лесно, бидејќи најдобрите резултати доаѓаат подоцна во животот. 

==========================================================================================================================

Неодамна повторно го урна рекордот на 400 метри со пречки и стана првата Македонка која оваа делница ја трча под 58 секунди. Знаеше ли дека го имаш тоа време во своите нозе и каков беше целиот процес на подготовка за трката? 

Првпат кога го урнав рекордот беше пред да одам на игрите во Рио. Ми значеше тоа што бев првата жена во Македонија што трчаше 400 со пречки под 61 секунда. Следниот пат успеав да истрчам и под минута и секоја година следна си давам нови цели да го подобрам мојот личен резултат кој исто така е и државен рекорд. Се бориш самиот против себе. Знам колку е тешко да истрчам под 57 секунди. Последниот тренинг пред да одам на Кипар беше три дена пред заминување тука во Скопје. Направивме една контролна трка со тренерот и видовме дека имам добар резултат. Две седмици претходно го урнав рекордот во Скопје и јас само сакав да истрчам под 58 секунди. Тренерот ми рече дека ќе трчам под 57.50, но во тој момент не и верував. Кога видов 57.53 прво бев во неверување, но додека трчав почувствував дека имам подобар од ритам од резултатот претходно што го направив во Скопје. Мојата реакција по истрчаното време кажува се за тоа како се чувствував.

ЦЕЛА СЕЗОНА СЕ МАЧЕВ СО ПОВРЕДА НА АХИЛОВАТА ТЕТИВА… НЕ МОЖЕВ ДА ПОВЕРУВАМ КОГА ИСТРЧАВ НАЦИОНАЛЕН РЕКОРД

Цела сезона се мачеше со повреда на ахиловата тетива, но и покрај тоа успеа да оствариш најдобри резултати во кариерата. Како се избори со сето тоа и која е тајната на успехот? 

Од јануари месец сум со повреда на ахиловата тетива. Два пати неделно одев на терапија. Напаѓам со десна нога и со неа доскокнувам и многу голема болка имав на ахиловата тетива. Пред натпревар на секое загревање чувствував многу голема болка. Едноставно и психички те убива. Сепак, кога ќе почнеше трката заборавав и на болка и на се, а кога ќе завршеше трката повторно поткривнував и чувствував голема болка. Следната сезона ми е цел да бидам подготвена и затоа следниот период ќе гледам да се одморам и да успеам целосно да ја санирам повредата.

ЦЕЛ МИ Е НОРМА ЗА ЛОИ ВО ПАРИЗ!  

Беше претставник на Македонија на игрите во Рио. Која е твојата следна цел и дали напаѓаш норма за игрите во Париз? 

Моја цел останува во Париз 2024 да одам со норма. Имам голем прогрес направено од Рио па до денеска. Трчам некои пет секунди побрзо. Во Рио се уште не бев зрела и психички не бев подготвена да трчам на преполн стадион. Затоа сега сакам да се подготвам за таа 2024 година и да отидам со норма на Летните олимписки игри. Времето поминува многу брзо и искрено да ви кажам нема многу до следните игри. Мора да работам напорно секој ден за да успеам во мојата цел“. Само две секунди сум далеку од нормата, а од лани до сега веќе за две секунди го подобрив моето време. Мислам дека тие 55 секунди не се нешто недостижно. Верувам дека можам да намалам минимум по 75 стотинки во две години за да успеам. Знам дека и во истрчаниот рекорд имам доста технички грешки направено кои морам да ги поправам. Техниката ми е најважна за добар резултат. Мора да одработиме добри висински подготовки кои одлично ми влијаат и затоа ќе се трудам периодот што следи колку можам повеќе да тренирам на планина и само за трки да се симнувам во град. Следна година има Европско првенство во Германија и светско во САД, ќе има и медитерански игри. Светското првенство е како Олимписки игри конкуренцијата е најсилна. Моја цел е да стигнам во полуфинале на Европско првенство и на Медитерански ќе се обидам да освојам медал.

Колку е проблем за Дрита Ислами тоа што нема конкуренција во Македонија и какви се условите во нашата земја во споредба со соседите? 

Немам многу трки во Скопје бидејќи најчесто ќе треба да трчам сама. Трчам само на Државно првенство и државен куп. Не сакам бидејќи за жал мора да трчам сама и тоа не е убаво чувство. 400 метри со пречки е тешка дисциплина и нема ниту машки кои трчаат. Со тек на време од 2015 се навикнав да трчам сама во Македонија. Некогаш се чувствуваш како на тренинг, некогаш па знам да истрчам одлично и да поправам најдобро време. Сакам да трчам и со машки во трка, бидејќи секако е добра конкуренција, но така резултатот не се важи. Морам да бркам посилни митинзи бидејќи и на Балканов нема некоја конкуренција во мојата дисциплина. Цел која сакам да си ја зацртам е учество на Дијамантска лига, бидејќи годинава имаше атлетичарки и со 57 секунди кои беа дел од ова натпреварување, па така се надевам дека во иднина можам и јас да настапам на еден од митинзите. Не можеме да се споредиме ниту со земјите на Балканот, кога се условите во прашање. Ние прво немаме атлетска сала каде би можеле да тренираме зимно време. Токму во зима се прават базичните подготовки и со таа база и тие тренинзи што ги правиш во зима, тренираш цело лето. За жал поради тоа мораме да одиме во Бугарија или Србија каде што имаат подобри услови и таму мораме да тренираме. Секоја стотинка е важна и затоа секој детаљ треба да биде погоден. Не можам само со тренинзи да напредувам туку мора и многу други работи да бидат на високо ниво за тоа да успее. 

НЕВЕРОЈАТНИ СЕ МЕКЛАФЛИН И МУХАМЕД… СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА БОЛ 

Твојата дисциплина бележи неверојатен напредок во светски рамки. Дали ги следиш најдобрите во светот и на која атлетичарка најмногу и се воодушевуваш? 

Ги пратам најдобрите атлетичарки во мојата категорија. Трката во Токио со која испишаа историја Меклафлин, Мухамед и Бол искрено ме наежи. Како да трчаат обични 400 метри, а не со пречки. Неверојатно е како трчаат така брзо. Фемке Бол трча исто неверојатно и многу ми е мило за неа што е во оваа конкуренција бидејќи е многу скромна девојка и е вистински спортист. Навистина заслужи што зема медал на игрите во Токио.

Како Дрита Ислами се одлучи да тренира атлетика и таа да биде нејзина професија? 

Како дете покрај атлетика тренирав и одбојка три години. Многу повеќе ми се допадна атлетиката бидејќи е индивидуален спорт. Татко ми и чичко ми имаат тренирано борење, тетка ми е тренер по ракомет. Имавме атлетски натпревари во моето училиште и таму бев најдобра и во училиштетот и на општински натпревари. Ме виде тренер од мојата општина и почнав да тренирам атлетика. Поинтересна ми беше атлетиката од одбојката бидејќи цело време се бориш сам со своето време. Одбојката не ја сфаќав многу сериозно и ми беше само како забава. Кога почнав не очекував долго да тренирам атлетика, мислев дека додека сум млада ќе тренирам и потоа еден период ќе се откажам. Кога беше отворањето на игрите 2012 во Лондон ми стана предизвик еден ден да бидам и ја дел од неа. Ни на крај памет не ми беше на почетокот дека ќе уривам рекорди. 2015 сфатив дека можам и јас да стигнам до ЛОИ бидејќи бев најдобра во Македонија. Многумина ми велеа дека по игрите во Рио ќе се откажам, но еве поминаа пет години и јас се уште сум во атлетиката. Сакам да работам со позитивни луѓе како мене и сакам околината да биде на иста бранова должина со мене. Се уште ми е чудно како го избрав најдобриот пат и ја одбрав Александра Војнеска да биде мој тренер.

МЛАДИТЕ ДЕВОЈКИ НЕ СМЕАТ РАНО ДА СЕ ОТКАЖАТ ОД СПОРТОТ… ИМА ВРЕМЕ ЗА СЕ ВО ЖИВОТОТ!

Како за крај, како една од најпрепознатливите дами во спортот во Македонија, што ќе им порачаш на младите девојки кои се почнуваат да се занимаваат со спорт?

Мислам дека е добро тоа што ме препознаваат мене и е добра промоција не само на атлетиката туку и на женскиот спорт во Македонија. Има многу девојки млади што завршуваат со спортот до 18 години и до запишување на факултет. Едноставно поради образование се откажуваат од спортот. Јас студирав економија и сакам да им покажам на сите девојки во Македонија дека може да се постигне и може да се има време и за образование и за спорт. Ништо не ми пречеше да тренирам професионално и да завршам факултат. Сакам да видам што повеќе жени, сениорки во атлетиката, а јас со 24 да бидам најстара. Кај нас е многу лошо што нема поголема конкуренција и сите се откажуваат баш во годините кога може да направат најдобри резултати. Мене искрено ќе ми беше многу криво да се откажев по Рио и немаше да бидам успешна како што сум денеска. На сите би им порачала „Да бидат упорни и да си зададат некоја цел во животот. Никако да не се откажат бидејќи ништо не доаѓа лесно во животот. Спортот не е лесен, посебно за девојките. Не значи дека ако си девојка дека не можеш. Атлетиката бара голема жртва, но јас тоа го правам со задоволство“.   

 

Се вчитува...