ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ИРИНА ДИШОВСКА: На првата планинарска тура се онесвестив, а сега го искачив Ама Даблам

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Планинарката, Ирина Дишовска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзиниот голем подвиг и искачувањето на Ама Даблам кое го имаше годинава во октомври месец заедно со својот партнер и пријател Лазо Миновски. 

Таа за ЕКИПА.МК специјално откри и детали за документарниот филм кој премиерно ќе биде прикажен на крајот на јануари на Македонската радио телевизија. Покрај искачувањето Дишовска може да се пофали со тоа што во текот на експедицијата успеала да му го спаси животот на својот колега од Полска Валдемар Ковалевски, кој само поради нејзината брза реакција успеал да преживее. 

Дишовска емотивно ни открива и за тоа зошто се нафати во фустан да искачи еден дел од Матка, поради нејзиниот пријател Ивица Митровски кој токму на таа патека несреќно го загубил животот.

==========================================================================================================================

НА КРАЈОТ НА ЈАНУАРИ НА МТВ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ ЗА АМА ДАБЛАМ!

На промоцијата на искачувањето најавивте документарен филм за целата експедиција. Како си задоволна од целиот настан и кога ќе може да го погледнеме филмот посветен на вашиот голем успех? 

Се плашевме дека ќе трае долго и ќе им биде здодевно на посетителите. Подготувавме документарец за нашиот успех. Интересен е врвот и многу луѓе сакаат да одат. Искрено и јас имав гледано многу документарци за Ама Даблам, но ниту еден од нив не може да ти го долови тоа што се случува таму. На многу од тие снимки има само што се случува по камповите, а не во текот на искачувањето. Ние имавме камери со нас цело време и успеавме да го доловиме целиот момент. Мислам дека документарецот ќе биде навистина нешто посебно. Премиерата ќе биде некаде на крајот на јануари на Македонската радио телевизија.

Колку искачувањето на Ама Даблам ти го промени животот и колку ти значат признанијата кои што ги доби периодов?

Ми ласка кога ќе добијам награда како и на секој човек. Ми годи затоа што спонзорите ме запознаваат. Претходно се било инкогнито и многу малку сум добивала помош. Луѓето не се запознаени многу со врвовите. На пример кога ќе има кажеш Алпи, тие го знаат само Мон Блан, а има многу тешки и други врвови. Далеку пострашни и потешки. Сакам се да се обидам, но потребна е дополнителна опрема, дополнителна логистика. И кога и да се обратев за некој спонзор муабетот беше „ајде ќе видиме“. Сега откако го искачив врвот и почнав да добивам награди се е некако полесно бидејќи луѓето знаат дека си напраил нешто посебно и многу е полесно да се најдат и спонзорства. 

ЦЕЛИОТ ВЛОЖЕН ТРУД И ТОА КАКО ВРЕДЕШЕ!

Од денешна гледна точка дали вредеа сите жртвувања и се од што мораше да се откажеш?

Целиот труд што го дадов вредеше. Ништо да не добиев, никакви признанија и награди по искачувањето на Ама Даблам јас ќе продолжев да го правам ова. Планинарењето е мојот живот и не планирам да се откажам од тоа, без разлика на се. Имам зацртано и знам што сакам да постигнам во животот. Сакам да искачам неколку врва повисоки од 8 илјади метри без кислородна поддршка и да бидам првата жена и воопшто првиот Македонец што ќе стапне над осум илјади метри и тоа ќе го направам во мај следната година во Пакистан, Каракорум висок е 8055 метри. Тоа ми е следен предизвик и многу сум самоуверена дека ќе успеам.

Имаш ли некоја посебна приказна која вечно ќе ја паметиш од Ама Даблам, нешто што се случило таму, а не е поврзано со самото искачување?

На Ама Даблам го запознав Валдемар Ковалевски тоа е полски планинар кој го следев многу и пред да се запознаеме. Тој беше еден од преживеаните на искачувањето на К2 во јануари годинава. На тоа искачување Ковалевски загуби пет другари кои починаа на тоа искачување. Решава да дојде на Ама Даблам бидејќи цел живот му било цел да го искачи. Се запознавме со него направи муабет човекот со нас и му ја објаснивме рутата. Го известивме дека следни три четири дена ќе има страшно невреме и дека не смееме да одиме нагоре. Сепак, тој се реши да оди нагоре и тргна. Надвор снег паѓаше првпат во 19 години во базниот камп падна снег. Го мислев цела вечер како е човекот и што прави. Следниот ден станувам сабајле одам во шатор се уште не се вратил. Четири пати тој ден проверував дали се има вратено и иако сите ми викаа да се смирам јас не можев да се опуштам. Дојде еден Американец вечерта и ми вели ми се причини дека светна некоја челна ламба на планината. Облеков фул опрема подготвена да тргнам во спасувачка акција. Излегувам и некаде на половина гледам челна ламба. Тој не може да го најде базниот камп бидејќи е во тотален мрак, а тој се наоѓа на час и половина од нас. Целиот бил дезориентиран и не можел да се снајде. Им кажав на сите дека го најдов Валдемар сите станаа и тргнаа да му помогнат, а мене ми рекоа да останам бидејќи беше ризично после цел ден замора да одам до горе. Го симнаа долу за некои 45 минути, а јас чекав во шатор да го донесат. Кога дојде не личеше на човек. Очите испаднати надвор, лицето пропаднато, кожата му беше залепена за коските. 14 часа лутал по олујата и не можел да се врати назад. Го удрила лавина, паднал во дупка. Имаше повреда на коленото. Почнав да го соблекувам отидов кај него во шатор го облеков и седев до два часот сабајле со него за да го пазам дали е добар. Тоа е една навистина интересна приказна која цел живот ќе ја помнам.

МИ НЕДОСТИГА МОЈОТ ДРУГАР МИТРОВСКИ КОЈ ТРАГИЧНО ЗАГИНА НА МАТКА!

Се нафати во фустан да искачиш еден дел од Матка. Зошто го направи тоа и која беше главната причина?

Мојот најдобар другар меѓу другото ми беше и партнер со кој многу качував и имавме планови за во иднината Ивица Митровски ми погина за Матка. Несреќата се случи на патеката на која јас се качував и поради таа случка решив да го направам тоа. Секој ден го качувавме тој дел бидејќи ни беше дел од тренингот. Тој се качил, се случил одрон по што изгубил биланс и сето тоа трагично заврши. Бев да го видам падот и навистина беше тешко за мене. И прочитав навистина лоши коментари. „Планината си го зема данокот. Тоа е кога одите без јаже на Матка.“ Ставив статус дека тоа што се случи може на секој да му се случи. И да имаше јаже ќе завршеше уште потрагично целата ситуација. На Матка има само седум смртни случаи, но на овој предел беше само овој еден смртен случај. И добив нов коментар „Ако е толку лесно качи го со фустан“. И јас решив да го направам тоа да им докажам на сите. Многу ми недостига Ивица. Немаше подобар човек од него. Горда сум што имав чест во еден период од животот да го имам него за поддршка. 

НА ПРВАТА ТУРА ВО ЖИВОТОТ СЕ ОНЕСВЕСТИВ!

Кога почна љубовта на Ирина кон планината? 

Од многу мала почна мојата љубов кон планината. Ние во Тетово од раѓање сме на скии. Татко ми на 5 или 6 години ме качи на Попова Шапка. Многу често одевме со гондолата на Попова Шапка и поминувавме голем дел од времето. Првата тура ја направив на 13 или 14 години на Љуботен. Се онесвестив бидејќи се качив два пати во ист ден. Беше организирана тура ме пуштија од дома. Имаше искачување на изгрејсонце. Ние се качивме на изгрејсонце, потоа се вративме назад се беше убаво. Дојде група нови планинари и им се придружив уште еднаш да се качам горе. Се качив уште еднаш и откако се спуштив долу влегов во кујна за да јадам и да измијам раце паднав во несвест. Ништо страшно не се случи, но интересна приказна е за тоа како помина мојата прва планинарска тура.

Се вчитува...