ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЈОШКО МИЛЕНКОСКИ: Мојата цел е на вистински начин да ја промовираме македонската одбојка пред Европа

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски отворено за ЕКИПА.МК говореше за неговите очекувања од Европското првенство. 

Миленкоски емотивно говореше за својот прв натпревар по враќањето на клупата на Македонија, и емоциите кои го преплавиле на мечот против Белгија во „Борис Трајковски“. 

Како човек кој има работено со најдобрите одбојкари во светот, тој говори и за соработката со нив, но и за неговите успеси во текот на интернационалната кариера. 

Миленкоски смета дека во Македонија недостига поголема работа во клубовите, а дека негова цел по завршувањето на ЕП е да работи во едукација на македонските тренери и се што има во кариерата како материјал да им го подари на нив. 

==========================================================================================================================

ЦЕЛТА НА МОЕТО ВРАЌАЊЕ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е ДА НАПРАВИМЕ ДОБАР РЕЗУЛТАТ НА ЕП! 

Kоја е целта на Јошко Миленкоски во овој негов мандат на челото на одбојкарската репрезентација? 

Целта на моето враќање е да направиме и добар резултат на ова Европско првенство, а не само да бидеме учесници на него. Ние на претходните две првенства игравме, но не успеавме да се пласираме во вториот круг. На второто првенство не освоивме ниту еден бод и завршивме со само два освоени сета. Целта е пред нашата публика во Скопје на вистински начин да ја промовираме македонската одбојка и по можност да направиме и голем успех и пласман во нокаут фазата. Тоа се нашите амбиции и желби, но Европските првенства се многу тешки. Се играат многу натпревари со квалитетни репрезентации во краток рок. Полска е дефинитивно прв фаворит, а тука се Холандија и Чешка кои се исто така во врвот. Наша шанса се Данска и Црна Гора иако и тие се квалитетни репрезентации. Ние мораме да се потрудиме да направиме добар резултат со нив. Тоа ни се амбициите, а се ќе зависи од подготовките, моменталната форма и инспирација. За жал ситуацијата е таква во македонската одбојка и ние во последните десетина години немаме доволен број на млади и квалитетни одбојкари. Истите играчи веќе долго време го носат товарот на репрезентацијата, но се уште се со голем мотив да го дадат својот максимум кога е во прашање Македонија. Тоа е сликата која ја имаме и тоа е за жал нашата реалност. Ќе направиме се тие што сме, иако не сме многу на број да се обидеме да извлечеме максимум за на Европското првенство да бидеме на максимално ниво. 

МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ЌЕ ИМА ШАНСА ВО СКОПЈЕ ДА ЈА ВИДИ ОДБОЈКАРСКАТА ЕЛИТА!

Зошто македонската публика да дојде и да ги гледа натпреварите на Европското првенство? 

Зошто да дојдат на Европско првенство? Се разбира прво да ни дадат поддршка на нас за да успееме да направиме историски резултат. Потоа во Македонија доаѓа Полска со група на најдобрите одбојкари во светот. Тука е Леон кој е еден од најдобрите одбојкари во историјата и секогаш е атракција било каде и да се појави. Ги полни салите ширум Полска и светот, а сега ќе имаме можност да го гледаме и ние во Македонија. Леон во одбојката е како во Македонија да ти дошол Леброн Џејмс во кошарката или во фудбал Роналдо или Меси. Доаѓа и Курек кој е двапати МВП на Светските првенства. Очекувам голем број на Полјаци во Македонија, бидејќи тие секогаш патуваат со својата репрезентација и имаат неверојатна спортска култура, а одбојката им е спорт број еден.

Имавме настап во Златната лига. Колку сте задоволен од резултатите кои ги постигнавме?

Имавме доста време за подготовки. Златната лига ни послужи како добар тест за тоа што не очекува на Европското првенство, а во овој период ќе одиграме и единаесет контролни натпревари, кои верувам дека ќе бидат доволни за да се подготвиме за Европското првенство. Не беше сеедно како ќе се претставиме и во оваа Златна лига бидејќи бевме заедно со 12 квалитетни репрезентации. Постигнавме добри резултати со квалитетни репрезентации. Одигравме со репрезентации како Украина, Хрватска и Белгија одлични мечеви. Можевме да играме Сребрена лига и да ја освоиме, но наша цел ни беше да имаме силни натпревари против квалитетни репрезентации за да можеме да видиме до каде сме. Подобро во Златната лига да изгубиш неколку натпревари, откако лажна слика да ти даде освојување на Сребренета лига.

ЕМОТИВЕН БЕШЕ ПРВИОТ МЕЧ ПО ВРАЌАЊЕТО НА ЧЕЛО НА МАКЕДОНИЈА

Првиот меч по враќањето во репрезентацијата го имавте на домашен терен против Белгија. Што значеше тој натпревар за вас? 

Долго време не бев присутен во македонската одбојка. И да сака и да не сака човек по долго време кога ќе се врати дома мора да чувствува малку трема и возбуда. По долго време се враќаш во својата куќа и си заборавил како се тоа изгледало. Беше возбудлив и емотивен тој натпревар со Белгија. Притисокот и врз играчите и врз мене беше голем за тој прв натпревар за да се покажеме во што подобро светло. За мене беше навистина нова и возбудлива ситуација.

ВО МАКЕДОНИЈА НЕДОСТАСУВА ПОВЕЌЕ РАБОТА ВО КЛУБОВИТЕ!

Што е тоа што недостасува во македонската одбојка?

Тоа што недостасува во Македонија е повеќе работа во клубовите. Квалитетот е на најниско ниво и не знам дали може да одиме подоле. Прво бев позаинтересиран за друга помош и за едукација на тренери да го пренесам своето искуство и знаење како тренер кој работел во врвни клубови и постигнувал врвни резултати. Се што имам јас како материјал сакам да го понудам и подарам на нашите тренери. Сето тоа ми е во план за иднината бидејќи со федерацијата се договорив тука да биде мојата помош. По Европското првенство мојата функција селектор ќе заврши, па тоа ми е цел во иднина се разбира секогаш ќе бидам тука за доброто на македонската одбојка.

ВО КАРИЕРАТА РАБОТЕВ СО НАЈДОБРИТЕ ОДБОЈКАРИ ВО ИСТОРИЈАТА

Долго време работите надвор од нашата земја. Работевте со најдобрите одбојкари во светот. Колку тоа значи за вас и како е да соработуваш со најголемите ѕвезди во одбојката? 

Мојата кариера ја почнав во Македонија и горд сум и на тие години. Работев со многу генерации македонски одбојкарки и како селектор на репрезентацијата, но и во Работнички од кого создадовме европски бренд. Долго време работам надвор каде исто така работев со врвни екипи и репрезентации. Со играчи со високо европско и светско ниво. Дел од најдобрите светски одбојкари биле дел од моите тимови. Бев селектор на турска репрезентација, тренер на Зират банк каде работев со најдобрите турски одбојкари. Со селекцијата на Турција во 2017 година игравме Лига на нации, а на ЕП во Полска истата година стигнавме до 11. место што беше до тогаш најдобар успех за оваа земја. Со четири различни екипи играв четири завршни турнири во ЦЕВ купот. Сум работел со Курек, Калиберда, Антонов, Никиќ, Ивовиќ, Јововиќ, Винчиќ, Конарски, Вено, Фингер, Штерн, Херензуело, Ѓуриќ… На последното Европско првенство дури шест играчи со кои имам соработувано освоија медали. Еве Курек ќе го кажам како еден до најдобрите одбојкари во светот, да работиш со него е нешто прекрасно. Неверојатен професионалец. Кога дојде кај нас беше нешто повреден, полека влегуваше во форма, а истата таа сезона со Полска на крајот стана Светски шампион и беше прогласен за МВП на истиот шампионат.

За крај. Имавте одлична сезона во ПАОК. Како бевте примени во Грција и колку сте задоволни од соработката ссо овој клуб? 

Во Грција ме пречекаа на неверојатен начин. Во Солун навивачите ми скандираат. Навистина годинава со освојувањето на титулата во купот и финалето во шампионатот завршивме голема работа, а тоа беше препознаено и од раководството на клубот кои одлучија да ми го продолжат договорот. Задоволен сум на работата во Грција и дефинитивно останувам таму и во следниот период. Кога ми стигна понуда од Македонија да ја преземам репрезентацијата, без никаков проблем ми рекоа да ја прифатам понудата.

Се вчитува...