ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЈОВАНА КИПРИЈАНОВСКА: Женскиот ракомет се враќа на сцена…, репрезентативната кариера ми почна со натпревар кој траеше само една минута

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Една од најдобрите млади ракометарки во Македонија Јована Кипријановска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата во следниот период. 

Специјално за ЕКИПА.МК откри за нејзиното искуство и деби мечот со Литванија на кој покажа дека Македонија доби ракометарка која во следните години треба да го врати сјајот кој го имаше женскиот тим во првата деценија од минатиот век. 

Кипријановска искрено зборува и за ЖРК Куманово и нивната цел сезонава, а тоа е освојување на двојна титула во домашниот шампионат. 

==========================================================================================================================

Како се одлучи за ракомет и што беше клучно во твојот живот за да почнеш да тренираш? 

Прво одев на танци како мала. Потоа се отвори клубот во Куманово. Татко ми има тренирано ракомет како млад и ме праша дали сакам да пробам. Се запишав и на ракомет, и една година одев и на тренинзи ракомет и на танци. Не дека нешто бев премногу заљубена во играта, но ми беше поубаво од танците и атмосферата и луѓето, а со тек на време се роди и голема љубов кон ракометот која ја носам и денеска. Од мала сум во Куманово и ги имам поминато сите младински категории. Еден период игравме и младинско првенство и сениорско. Освоивме второ место во пионерска лига, а потоа следуваа само титули. Прво бев дел од тимот кој стана кадетски шампион, а пред почетокот на пандемијата бевме први и во младинско првенство, но поради пандемијата мораше да биде прекинато. Сега сум само дел од првиот тим, бидејќи на две години се менува генерацијата, а јас ќе полнам годинава 20 години. Мислам дека треба да има што повеќе млади играчи и да им се даде шанса уште од најрана возраст. Јас од најрана возраст играм во еден клуб и напредувам и тоа исто така кажува многу и за клубот бидејќи ни дава шанса на нас младите ракометарки.

Против Литванија го имаше својот прв посериозен настап во дресот на репрезентацијата. Во последните 15 минути одигра одлично. Успеа да постигнеш три гола и неколку пати асистираше. Колку си задоволна од прикажаното на тој меч? 

Овој собир ми беше опуштен и се чувствував навистина убаво. Стручниот штаб и поискусните ракометарки одлично работеа со нас. Навистина има и кој да ти обрне внимание, да ти покаже што треба да поправиш. Презадоволна сум. Се беше на време, нема за што да се нервираш. Супер беше се, се беше испланирано и ти останува само да дадеш максимум на секој тренинг и секој натпревар. По некое време влегов храбро во натпреварот. Знам да имам трема и дека ми треба време да се опуштам, но тоа не беше случај на овој меч. Имам претходно играно малку и против Шведска во бараж, но ова за мене беше првото вистинско деби во дресот со националните бои. Влегов храбро во натпреварот и мислам дека одлично се покажав, па се надевам дека во иднина ќе имам поголема минутажа.

ЃОРГИЕВСКА И РИСТОВСКА СЕ ВИСТИНСКИ ЛИДЕРИ! МНОГУ НИ ПОМАГААТ НА НАС МЛАДИТЕ И СЕКОГАШ ИМААТ ДОБРОНАМЕРНИ СОВЕТИ!

Колку поискусните ви помагаат на вас младите ракометарки и која од соиграчките тебе лично најмногу ти помага? 

Многу сакам да работам со Елена Ѓоргиевска. Ми дава многу совети на тренинзи и на натпревари. Што и да погрешам веднаш ми сугерира, но на најдобар можен начин. Нејзиниот пристап со нас младите ракометарки е неверојатен. Таа е лидер на нашата репрезентација и има направено голема кариера, а се однесува многу скромно и поради тоа е одличен лидер на нашата репрезентација. Многу ми се допаѓа тоа што не се чувствуваат воопшто дека е тоа што е, бидејќи цело време е на исто ниво со тебе. Исто е и со Сара Ристовска. Игра во еден од најдобрите тимови во Европа, но на терен никогаш нема да забележиш дека те гледа како ти играш во македонска лига, а таа во ЛШ. Професионалноста од нивна страна е на неверојатно ниво и се што ќе забележат ни сугерираат и кога сме со нив сите напредуваме и стануваме подобри ракометарки. Искрено на почеток ми беше многу страв како ќе ме примат искусните како ќе биде на тренинзи. Тренерите подобро ги знаеме бидејќи селекторот ми беше тренер и во Куманово, со Билјана Црвенковска исто така имам одличен однос. Професорот Стрезовски исто така ми дава голема мотивација. Цело време ми велеше да шутирам повеќе. Мене маана ми е некогаш да гледам повеќе за другите отколку за мене, сакам да ги проигрувам соиграчките, а професорот цело време ми довикува да шутирам што повеќе. Кога ќе видам дека не ми оди со шут, одам повеќе да асистирам и малку беше проблем бидејќи знам да не шутирам, но професорот многу ми помага околу самодовербата. 

НЕАГУ Е МОЈОТ ИДОЛ… СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ ГИ ДОСТИГНАМ НЕЈЗИНИТЕ УСПЕСИ!

Кристина Неагу е твојот ракометен идол. Дали со нетрпение го очекуваш бараж дуелот со Романија? 

Се надевам дека ќе добијам повик и за баражот со Романија, но сепак на крајот тоа е одлука на селекторот. Иако немавме среќа на ждрепката и ни се падна тежок противник одлично за нас е што ќе играме со силна репрезентација. Кристина Неагу е мојот ракометен идол и ми се исполни сонот да играм против неа. Голем професионалец и неверојатен лидер. Долги години е во врвот и тоа кажува колку голем спортист е. Се угледувам на такви ракометарки. Иако е типичен лев бек шутер и не игра на моја позиција, сепак нејзиниот пристап и тоа како се однесува на теренот мене лично ме воодушевува. Пратам ракометарки кои играат на мојата позиција ги следам, на пример Ана Грос исто така многу ја почитувам, но идол дефинитивно ми е Неагу и одвај чекам да се сретнам со неа. Јас сум сигурна дека ќе дадам максимум против мојот идол, ќе бидеме добро подготвени и зошто да не се обидеме и да направиме некое изненадување. 

ХРВАТСКА ПОКАЖА ДЕКА И СО ПОМАЛ КВАЛИТЕТ, НО СО ГОЛЕМА ЖЕЛБА И РАБОТА СЕ Е ВОЗМОЖНО

Во 2022 година Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство. Кои се твоите очекувања и дали притисокот е поголем што ќе играте пред македонската публика? 

Хрватска покажа дека доколку се даде максимум и се има силен тимски дух се е возможно. Мислам дека можеме да направиме добар резултат на Европското првенство. Голема чест е да ја претставуваш својата земја на натпреварување на кое таа е домаќин. Се надевам дека ќе помине коронава и ќе можеме да играме пред полна сала во Македонија. Има голем интерес во Македонија за ракометот и дека ќе не поддржат на тој шампионат. Стварно се надевам дека до 2022 ноември ќе помине се со коронава и ќе може да играме пред полна сала. Сон на секој спортист е да игра за својата држава и сега кога зборувам во моментов целата се наежувам.

Првиот настап во младите категории го имаше на мечот со Грција, на кој грчките ракометарки го напуштија теренот, како се чувствуваше во тој момент? 

Во 2017 за кадетска репрезентација мене ми беше првиот настап за селекцијата на Македонија. Трениравме три месеци тоа лето навистина бевме подготвени. Прв натпревар со Грција, јас асистирам до пикер поведуваме со 1-0. Се враќаме во одбрана и репрезентативките на Грција го напуштија теренот после првиот напад зошто на грбот пишувало МКД. Навистина мислам дека во спортот не треба да има место за политика, особено па во младите категории каде ние младите ракометарки треба да уживаме во играта и да се надигруваме едни со други и ништо друго да не е важно. На интересен начин почна мојата репрезентативна кариеара со натпревар кој траеше една минута. Во тој момент кога свирнаа крај судиите гледав само да останам загреана, бидејќи мислев дека сепак ќе продолжи мечот. Сепак, селекторката ни кажа дека службено ќе ја добиеме. Тоа првенство ќе го паметам цел живот бидејќи првпат играв за репрезентација. На крајот завршивме четврти, за трето место изгубивме од Бугарија.

Како го издржа периодот на карантин кога сите спортови беа стопирани и не можевте редовно ниту да тренирате ниту да се натпреварувате?

Беше тешко кога се вративме по короната. Самиот ритам на тренинзи го загубивме. Колку и да трениравме по дома не е исто. Вежбавме по дома во соработка со кондициски тренери, но воопшто не е исто. Трчав во Куманово, но беше многу тешко. Се чувствував добро, но не е исто. Кога се вративме беше тешко на почетокот. Но, почнавме со подготовки уште во јули и се подготвувавме месец и пол за новата сезона. По четири месеци фативме топка и тогаш бев најсреќната девојка во светот. Не можам да кажам дека од кревет директно отидов на тренинг, бев во некоја физичка кондиција, но воопшто не е исто.

ДВОЈНА ТИТУЛА СО ЖРК КУМАНОВО ЗА НА НАЈУБАВ НАЧИН ДА СЕ ПРОСТАМ СО МОЈАТА НАЈГОЛЕМА ЉУБОВ!

Куманово во моментов е на првото место во Суперлигата. Кои се твоите очекувања сезонава и планови за следната. Можеби трансфер во некоја од најсилните европски лиги? 

Лошо е што лигата ни е слаба и секоја година е се послаба и послаба место да оди напред. Се надевам дека ќе оди напред, бидејќи феноменално е да се има голема конкуренција и поголем број силни натпревари. Колку имаш поквалитетни противници, толку си и ти подобар и напредуваш во играта. Едноставно тоа е потребно во женскиот ракомет во Македонија. Одиме годинава на двојна круна и мислам дека ќе успееме да ја освоиме и на најубав начин да се простам од дресот на ЖРК Куманово. По крајот на сезоната планирам да ја продолжам кариерата во странство. Разгледувам неколку опции и се надевам дека ќе успеам да направам трансфер во странство. Не се чувствувам дека ја имам надминато домашната лига, туку едноставно слаба е лигата и немаме најдобри услови за игра. Играме во школска сала и знаете кои се проблемите за секој спортист во Македонија. Искрено да има услови секогаш би останала во Куманово, но поради целиот квалитет во лигата и сето тоа со што се соочува секоја ракометарка за жал мора да барам ангажман во странство. Се би било супер, но немаме сала добра за тренинг, немаме теретана и навистина ми е жал што морам тоа да го направам. Бидејќи ако станеме шампиони ќе играме и Европска лига ќе има и повеќе натпревари. Имаме одличен тренер, но за жал немаме услови за надоградување. Сепак, за конкретно понуди од странство ќе разгледувам на крајот од сезоната, бидејќи во моментов прва цел ми е освојување на двојна круна во домашниот шампионат со ЖРК Куманово. Во моментов воопшто не ми е за платата или поголеми финансии, туку сакам да напредувам и да бидам што подобра. 

СО МИЛА ТРАЈКОВИЌ СМЕ НЕРАЗДВОЈНИ И НАДВОР ОД РАКОМЕТОТ…

Колкав е тимскиот дух во Куманово и со која од соиграчките си најблиска и надвор од терените?   

Со Мила Трајковиќ  сме заедно од деца и многу сме блиски и надвор од ракометот. Кај и да отидеме цимерки сме и не ја давам за ништо. Многу сме различни како карактери, таа е гласна и секогаш подготвена за забава, а јас сум помирна, но едноставно се поврзавме. Секогаш знае да ме мотивира и многу пати се случувало пред спиење да се зазбориме и наеднаш да ме снема да заспијам и неа тоа многу ја нервира. Кај легнам може да заспијам и се сметам сама себе за голема „спанка“. Друга работа сакаме да правиме имитации на тренери други играчи и многу се забавуваме. Многу пати знаеме да се расправам на некоја тема со неа, но најчесто таа победува бидејќи е поупорна од мене да го истера своето. Јас треба многу да сум сигурна за да одам до крај, но најчесто и попуштам. Блиска сум и со Медеа Чокели нашиот пикер која е од Грузија. Ние три сме нераздвојни и многу се дружиме и надвор од ракометот. Јас сум бек, таа пикер и имаме добра конекција. Слични сме многу во карактер со Медеа бидејќи и двете сме јарец во хороскоп и многу добро се разбираме не само на теренот туку и надвор од него. Иако тие две ми се најблиски дефинитивно имаме одличен тимски дух и супер соработуваме сите во клубот.

Што прави Јована покрај ракометот. Дали се има време за студирање, некое хоби или целосно си посветена на кариерата? 

Студирам физиотерапија на медицински факултет. Сега за сега ми е супер. Искрено не сум многу посветена во моментов. Планирам ако одам надвор да го ставам во мирување, за да можам потоа да се посветам убаво. Не сакам да го завршам колку да се рече, туку сакам да имам знаење да можам по крајот на кариерата да останам во некој спорт како физиотерапевт. Да бидам меѓу спортисти и да им помогам на тој начин колку можам. Успевам да постигнам се и ракомет и факултет, претходно и средно училиште. Бев во Исланд со младинска репрезентација и по враќањето ми се погоди цела недела мене да ме испрашуваат профеосорите. Од некои имав разбирање, но од некои професори не беше така, но задоволна сум што успевав да стигнам на сите страни.

Се вчитува...