ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЈОВАНА МИЦЕВСКА: Полна сала, подот се тресе, а емоциите не се задржуваат, тоа е чувството кога играш за Македонија

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Голманката на женската ракометна репрезентација на Македонија, Јована Мицевска говореше за новите ветришта кои дуваат во женскиот ракомет и очигледниот напредок кој го има репрезентацијата во последната година. Таа вели дека е голема чест e да се настапи за Македонија на ЕВРО 2022 и дека тој шампионат е одлична шанса да покажеме до каде сме во моментот. 

Та за ЕКИПА.МК говореше и за француската Ница каде го направи првиот интернационален трансфер и соработката со македонскиот стратег Марјан Колев на кого му е неизмерно благодарна. Мицевска се појави и на деновите поминати во ЖРК Вардар каде има многу научено од најдобрите голманки во историјата Амандин Лејно и Ина Суслина. 

Мицевска кога би направила разлика меѓу ЖРК Вардар и Ница вели дека прво е тоа што македонскиот шампион беше меѓу најдобрите тимови во Европа и набојот на важни натпревари се чувствуваше само на крајот на сезоната, додека во Ница кој е тим кој дава шанса на млади играчи тоа е случај во секој меч. 

==========================================================================================================================

ВРЕДНО И НАПОРНО РАБОТИМЕ СИТЕ ЗА ДА ИМА НАПРЕДОК ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА!

Се гледа голем напредок во играта на женската репрезентација во последно време. Дали конечно почнувавте да верувате дека можете со секого да се надигрувате и кој беше моментот кога се се промени, пред се на психолошки план?

Многу ми е драго што е видлив напредокот во нашата игра. Верувајте многу вредно и напорно работиме за уште повеќе да напредуваме. Во изминатиот период се направи еден спој на младост и искуство во репрезентацијата и тој спој доведе до зголемено ниво на самодоверба кај нас и желба и жар за успех.

На крајот на годинава сме домаќини на Европското првенство. Што значи за тебе настапот пред домашната публика на големо натпреварување и кои се твоите очекувања од турнирот?

Уште од кадетските категории гордост и голема чест за мене е настап за репрезентацијата на било кој настан и турнир. Европското првенство кое ќе се одржи во Скопје е одлична шанса да покажеме до каде сме, да дадеме максимум и на крилата на публиката да постигнеме најдобар резултат. Сигурна сум дека ќе го добиеме тој поттик од публиката која никогаш не не разочарала.

БЕСКРАЈНО СУМ МУ БЛАГОДАРНА НА КОЛЕВ!

Веќе неколку години си во Ница каде соработуваш со македонскиот стратег Марјан Колев. Како си задоволна од твоите настапи во најсилната ракометна лига во светот и кои се целите на тимот до крајот на сезоната? 

Ќе го повторам она што во многу наврати сум го кажувала. Неизмерно сум благодарна на тренерот Колев и на тимот и раководството на клубот Ница за укажаната шанса и доверба изминатите години. Навистина е предизвик да се игра во најсилното првенство во светот, особено во екипа која може да се носи со најдобрите. Ница е амбициозен тим кој секогаш имал долгорочна стратегија за успех во најсилното првенство и затоа продолжуваме како и досега на секој натпревар да излеземе и да се бориме за победа. Искуството што може да се стекне во тимот е непроценливо.

МНОГУ НАУЧИВ ОД НАЈДОБРИТЕ ГОЛМАНКИ ВО СВЕТОТ, ЛЕЈНО И СУСЛИНА!

Кариерата ја почна во ЖРК Вардар. Беше во тимот кога во него беа и најдобрите ракометарки во светот. Колку во тој период успеа да научич од Суслина, Лејно и останатите? 

Научив многу од две од најдобрите голманки во женскиот ракомет. Непотребно е да се спомнува што тие претставуваат во ракометот, со сите трофеи и освоени медали. Нивните совети ми помогнаа да направам правилни избори во мојот развој, да верувам во себе и да го давам максимумот на секој натпревар. Соработката со Ина Суслина и Амандин Лејно е една од најголемите придобивки од моето време во Вардар. Taa е мојот идол и многу сум среќна што имав шанса да бидам дел од иста екипа каде што таа настапува и да учам од нејзе. 

МАКЕДОНСКАТА ПУБЛИКА Е НАЈДОБРА ВО СВЕТОТ!

Што е тоа што најмногу ќе го помниш од времето поминато во ЖРК Вардар?

Полна сала, подот се тресе, а емоциите не се задржуваат. Ретко кој може да го искуси она што играчите во Вардар го добиваа на секој натпревар. Македонската публика е најдобрата на светот и тоа е она што најмногу ми недостига и најмногу го памтам од настапите во Вардар. А замислете го чувството кога таа публика е со вас и на завршниот турнир во Лигата на шампионите. За мене тоа е незаборавно искуство.

Можеш ли да направиш разлика меѓу условите во Македонија и во Франција и разликата не само во тимовите во првенствата туку и во начинот на работа? 

Тешко е да се споредат искуствата стекнати во Вардар и македонското првенство со она што сега е мое секојдневие во Франција. Вардар во периодот кога играв таму беше најдобрата светска екипа и само заради недостиг на среќа не успеавме да освоиме титула во Лигата на шампионите. Во екипата играа едни од најдобрите светски ракометарки, одлично се познаваа, а надополнето со знаењето кое го поседуваа сите тренери кои поминаа низ екипата, Вардар навистина беше најсилната екипа во тој период. Собраното искуство и тежината во трофеи и медали во таа екипа денеска е тешко да се повтори на друго место. Екипата ретко наоѓаше вистински ривал на европско ниво, па затоа и отскокнуваше во квалитет и во македонското првенство. Во Ница работите се поставени на поинакви принципи. Клубот има долгорочни стратегии за работа со млади играчи, нивна афирмација и постојано напредување. Оној позитивен набој пред тежок натпревар што во Вардар се чувствуваше најчесто на крајот од сезоната, во Ница се чувстува во секое коло од првенството.

СОН МИ Е ДА ЗАИГРАМ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ!

Каде се гледа Јована за некоја година и во кој клуб од Европа и е цел еден ден да настапува?

Јована во моментов е пресреќна и многу задоволна во Ница. Моја цел е да напредувам, уште повеќе да подобрам некои елементи од мојата игра, на секој натпревар да го пружам максимумот, да ја задржам мотивацијата која досега ја имав и долги години да бидам способна да ги бранам боите на репрезентацијата. Иднината ќе покаже колку и каде мојата кариера ќе ме одведе, ама нормално дека имам амбиции, би сакала да настапувам во некоја екипа која е во Лигата на шампионите.

Како е да се живее во Франција и што е тоа што најмногу ти се допаѓа од животот во Ница и што сакаш да правиш во слободно време? 

Одлична клима, море, солена вода, благи зими и убави лета. Франција е организирана држава каде секој си го знае редот. Клубот ми овозможува одлични услови за работа, а слободното време го користам за дружба со моите колешки од екипата. Како и секоја млада личност кога сум слободна од ракометните обврски обожавам да шетам и да видам и научам нови работи, исто така слободното време го користам да прочитам некоја добра книга или изгледам серија, сакам да посветам што можам повеќе време на својата фамилија и пријатели. При крај сум и со моите студии на Бизнис Академија Смилевски, така што се надевам дека за брзо ќе го реализирам и тој циклус.

 

Се вчитува...