ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – КИРИЛ ЛАЗАРОВ: Јас сум амбициозен човек, ќе создадеме селекција за наредните 20 години

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот македонски ракометар во историјата, Кирил Лазаров за ЕКИПА.МК говореше за завршувањето на играчката кариера и почетокот на новата епизода од неговиот живот, тренерската кариера и предизвиците кои претстојат во иднина. 

Тој вели дека одлуката за играчка пензија не била воопшто тешка, бидејќи ја планирал веќе подолго време. Во Нант е вистинска легенда, а неговото испраќање кое што се случи на крајот на минатата сезона беше главна вест во ракометниот свет. Не очекувал дека од Нант ќе му приредат такво спектакулано простување, но дека е благодарен за сите години поминати во тој клуб. 

Околу очекувањата за Светското првенство во Полска вели дека тој е амбициозен човек со визија и дека неговите апетите се секогаш големи. Околу проектот РК Алкалоид, Лазаров смета дека требаат повеќе такви тимови во македонскиот спорт, бидејќи за една мала земја како Македонија тоа е единствениот начин за држење чекор со најмноќните во Европа. 

==========================================================================================================================

ОДЛУКАТА ЗА ПЕНЗИЈА НЕ БЕШЕ ВООПШТО ТЕШКА! 

По толку долги ракометни играчки години, летово конечно кажавте збогум на ракометот… Колку беше тешка таа одлука и имавте ли понуда да останете и да продолжите како играч уште барем една година?

Одлуката воопшто не беше тешка. Мојот план беше и порано да ја завршам мојата играчка кариера, но со Ковид ситуацијата пред се и во договор со клубот бидејќи имаше потреба од искусен ракометар уште некое време играјќи на повеќе фронтови се договоривме да одиграм уште една година. Имав неколку понуди да продолжам каде што исто така би помагал со секундарна улога, но имајќи предвид каква почит добив од Нант изминатите пет години сакав кариерата да ја завршам баш во тој клуб и да ја оправдам довербата дадена што на клубот исто така многу му значеше. 

НЕ ОЧЕКУВАВ ДЕКА НА ТОЈ НАЧИН ЌЕ МЕ ИСПРАТАТ ОД НАНТ! 

Како го доживеавте оној последен меч во Нант и „крунисувањето на Кралот Киро“?

Искрено не очекував дека ќе направат таков настан и на таков начин ќе ме испратат. Едноставно функциониравме многу природно и нормално минатите пет години. Знаев дека нешто подготвуваат, но не очекував таков спектакл. Во текот на сите поминати години таму чувствував дека публиката ме цени, но знаете секогаш сте претпазливи со оглед на тоа дека ова е спорт и само една победа или пораз ти носи различни расположенија и различни перцепции. Тој ден ми покажа дека взаемно многу дадовме едни на други… И клубот мене, но и јас нив. Едноставно растевме заедно со клубот кој беше добар и дотогаш, но не беше афирмиран на европската сцена. Два пати игравме на Ф4 турнирите во Лигата на шампионите (едно финале и едно полуфинале), па овие успеси веројатно оставија значаен белег кај луѓето во клубот. 

Што за вас како стручен штаб ќе претставува успех на претстојниот светски шампионат?

Јас сум амбициозен човек со визија. Мислам дека сме на правиот пат. Нашите апетити секогаш се големи, а секако можам да кажам и моите. Создавањето е многу тежок и долг процес, а ние тоа го правиме во моментов. Правиме промена на генерации која е можеби малку и закаснета. Во целиот тој процес ние делуваме и доста храбро, бидејќи уфрливме многу млади ракометари кои немаат наполнето 20 години. Ќе створиме репрезентација за следните 20 години. За брзо време ќе бидеме многу компетитивни и „тврд орев“ за најдобрите во Европа и светот, а ќе имаме и свој идентитет на игра и препознатлив систем. Не сум оптеретен со пласманот. Важно ми е само да го презентираме на терен тоа што го работиме на тренинзи. Очекувам квалитетна и незгодна Македонија за сите наши противници. 

Ако Норвешка се издвои како фаворит за првото место во групата, која од останатите две селекции, Аргентина или Холандија, повеќе ни одговара како стил на игра со кој можеме да се носиме и да се надигруваме?

Нема да бираме противници. Ќе ја посакуваме победата против сите, дури и против Норвешка. Сите три репрезентации се екстремно квалитетни, но квалитетни сме и ние. Едвај го чекам почетокот на Светското првенство. 

ЛУЃЕ КАКО СТОЛЕ И ЖУТИ СЕ НЕЗАМЕНЛИВИ!

На прес-конференцијата по мечот со Чешка рековте дека Стоилов многу ќе и недостига на оваа репрезентација. Како гледате на тоа шест месеци подоцна, откако веќе одигравме два меча без него, но и без Миркуловски?

Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски се незаменливи. Тие двајца се легенди на македонскиот ракомет. И едниот и другиот се неверојатни карактери на терен што е реткост во спортот. Ќе ни недостасуваат многу, бидејќи Македонија се навикна на нив. Им благодарам уште еднаш што не ја оставија Македонија на цедило и не дозволија да се прекине континуитетот на репрезентацијата на големите натпреварувања. Со нив и без нив немаше да биде исто во баражите против Романија и Чешка. 

НА МАКЕДОНИЈА И СЕ ПОТРЕБНИ ПРОЕКТИ КАКО РК АЛКАЛОИД!

Сезонава почнавте нов проект со РК Алкалоид кој е составен само од домашни играчи. Како сте задоволни од првиот дел од сезоната во кој завршивте како второпласирани во групата, блиску до скалп на Вардар на првиот меч со актуелниот првак?

На Македонија и се потребни повеќе вакви проекти. За да имаме квалитетен спорт/ракомет во иднина само на овој начин една држава од два милиони жители може да биде конкурентна во Европа. Сакаме да направиме систем кој што ќе функционира совршено од најмладите категории до сениорите. Задоволен сум што сум дел од овој проект. Тимот составен само од домашни играчи дава уште поголем мотив за работа. На почеток сме и функционираме квалитетно. Имаме голем простор за „растење“ и целиме кон тоа. 

Каде го гледате овој млад тим на РК Алкалоид за пет години од сега?

Со квалитетна работа и стратегија може да се постигне многу. За краток период го кренавме нивото прилично многу. Целта е да правиме квалитетна база на македонски играчи од најмладите категории. Очекувам брзо да растеме како тим. 

ПРВА АСОЦИЈАЦИЈА ОД ЕП 2012 МИ Е МАКЕДОНСКАТА ФАЛАНГА!

На 3. Јануари ќе се игра ревијален натпревар на кој ќе биде поздравена цела генерација која ги имаше најголемите успеси. Колку емотивно овој меч ќе значи за вас и кога ќе ви се спомене ЕП 2012 година која е првото нешто на што се сеќавате од тој шампионат?

Одличен настан, одлична идеја. Сите присутни што ќе бидат го заслужуваат ова внимание и почит. Емоција ќе постои, во тоа сум сигурен. Јас не почувствував „играчко пензионирање“, затоа што преминав веднаш од игра во тренер и немав многу ниту време за емоција и тага. Самите големи предизвици со репрезентацијата и клубот не ти дозволуваат ниту да одмориш, ниту да размислуваш што било во минатото. Од ЕП 2012 прва асоцијација ми е македонската фаланга во Ниш и Белград. Неповторливо искуство. Нема зборови со кои може да се опише таа атмосфера како капитен на таа генерација. 

Работевте во најголемите клубови во светот. Колку во моментов заостануваме, посебно во клупскиот ракомет зад големите клубови и условите кои ги имаат и начинот на работа?

Тешко е да се направи квалитетна компарација. Играв во најдобрите клубови во Европа водени од најдобрите европски тренери. Бидејќи сум во Македонија несебично ќе се вложам да го пренесам сето мое искуство стекнато со годините. 

ЖЕЛБИ СЕКОГАШ ЌЕ ИМА, НО ТИЕ ТРЕБА ДА СЕ РЕАЛНИ!

Која е твојата новогодишна желба за оваа 2023 година (на спортски план)?

Амбиција постои голема за работа, труд и посветеност. Желби секогаш имаме и ќе ги имаме, но треба да бидеме и реални во нив. Ме очекува многу работа и тоа го знам. За квалитетна торта да направиш треба и добар мастрав. Ќе се посветам максимално, па ќе покаже времето што сум сработил. 

Се вчитува...