ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – МАРИО МЛАДЕНОВСКИ: Задоволство е да се работи со селекторот Милевски…, Горан Попов е мој втор татко

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најдобрите млади одбранбени фудбалери во Македонија, Марио Младеновски отворено за ЕКИПА.МК говореше за досегашната кариера и очекувањата во следниот период. 

Говоревме и за наградата за најдобар дефанзивец која ја доби на силниот турнир во Анталија, но и за првиот настап во А-тимот. Тој вели дека Вардар вечно ќе остане негова прва и најголема љубов, но дека едноставно ситуацијата во клубот е таква што младите фудбалери мора да заминат во странство. 

Младеновски вели дека фудбалски идол му е Немања Видиќ, дека сака еден ден да го чува Кристијано Роналдо, но и дека сон му е да заигра во англиската Премиерлига. 

==========================================================================================================================

Ја доби наградата за најдобар дефанзивец на турнирот во Анталија. Што значи ова признание за тебе и како си задоволен од настапот во У21 репрезентацијата?

Презадоволен сум од тоа како одиграв на турнирот во Анталија. Со Казахстан беше прв натпревар на новата генерација. Mислам дека ги задоволив барањата на селекторот. Сите фудбалери на тој турнир играат стандардно во своите клубови и навистина ми значи што покрај толку играчи јас бев избран за најдобар дефанзивец. Имаше многу млади фудбалери 2002, 2003 годиште. Тоа е одлично за младите играчи да се развиваат. Резултатот на тој прв натпревар беше во втор план. Селекторот прв кажа дека не е важен резултатот, важно е да се видиме и да изиграме, па да знаеме што имаме за иднина. По тој меч селекторот ни кажа главата горе не е ништо страшно, важно беше да ве видам како играте. Сите одигравте со срце, тоа што го барам од вас го дадовте. Со Словачка ни даде шанса на сите иста и воопшто не беше страшно што не го добивме и тој натпревар. На крајот со Бугарија беше вистинска убавина. Победа која многу ни значеше на нас бидејќи одигравме одличен натпревар. Ги познавам добро бугарските фудбалери и нивната репрезентација е доста квалитетна. Затоа победата од 5-1 е добар резултат за почеток на новата генерација. 

Имаше проблеми со повреда во минатиот период која ја разниша твојата самодоверба. Дали настапот во Анталија значи враќање на правиот пат? 

И кариерата како и животот носи подеми и падови. Кога се преселив од Данска во Бугарија имав повреда на коленото поради која морав да правам операција и ми беше потребно време да се вратам во добра форма. Кога ќе тргне се на лошо мислиш дека си малер и дека се е против тебе. Се оптеретуваш со лоши мисли. Си кажуваш сам на себе зошто мора ова мене да ми се случува.  Тренерот очекува многу од мене и цело време притисокот го насочува кон мене и тоа малку ја разниша мојата самодоверба. Сепак, млад сум и се надевам дека добрите партии на турнирот во Анталија ќе значат почеток на кревање на формата и прикажување одлични партии.

ЗАДОВОЛСТВО Е ДА СЕ РАБОТИ СО СЕЛЕКТОРОТ БОБИ МИЛЕВСКИ

Како е да се работи со Благоја Милевски и колку тој е клучен во вашиот напредок како фудбалери?

Голема благодарност до селекторот Боби Милевски кој е неверојатен фудбалски стратег, но и тоа како знае во работата со млади играчи. Буквално на секој од нас ни посветува посебно внимание, ни укажува на секоја грешка и е голем мотиватор. Дури ни помага и повеќе од што треба. Задоволство е да се работи со Милевски и мислам дека и тој е еден од главните ‘виновници’ за актуелните успеси на националните тимови. Еден од ‘виновниците’ е и што ја добив наградата за најдобар дефанзивец на турнирот во Анталија. Имаме добра генерација на фудбалери која може да направи добар резултат во квалификациите кои почнуваат во септември. Јас ќе давам максимум, а на селекторот е на крајот да го одбере тимот. После сите проблеми кои ги имав и лошиот период. Кога дојдов во репрезентација, уште првиот натпревар против Казахстан селекторот ми ја врати самодовербата.

Кои се твоите очекувања од квалификациите за Европското првенство до 21 година и првите два натпревари во септември во кои се среќавате со Франција и Србија?

Во септември во квалификациите почнуваме против Франција и Србија. Тоа се двата најквалитетни противници во нашата група и добар резултат против нив ќе ни даде голема самодоверба за продолжението на квалификациите. Има време до септември, а најважно е да бидеме стандардни во клубовите и да се подготвуваме за тоа што не чека во септември. Искрено овие натпревари во Анталија ми дадоа дополнителе мотив за докажување. Едвај чекам да дојде тој септември, да почнеме во квалификациите и со најдобрите репрезентации да покажеме дека местото ни е меѓу елитата во Европа и да го повториме успехот кој го имаше Милевски со генерацијата во 2017 година. Секој играч што игра во репрезентација моментално дали А или младинска има квалитет. Играњето за репрезентација е отскочна даска буквално за сите нас. Ќе играме во квалификации со Франција и тоа многу значи за нас. Познати скаути од Европа ги следат тие натпревари, ако добро се покажеш многу лесно можеш да напредуваш во кариерата. Многу е полесно преку репрезентација и натпревари со самата европска елита да дојдеш на радарот на големите клубови, отколку играњето во домашниот шампионат или некоја од не толку атрактивните лиги во Европа. Ќе повторам голема шанса за сите нас се тие квалификации и навистина се надевам дека и оваа генерација фудбалери ќе ја израдува македонската јавност. 

СО ГОРАН ПОПОВ ЌЕ ОСТАНАМ ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ… ТОЈ МИ Е КАКО ВТОР ТАТКО

Горан Попов е еден од нашите фудбалери со најдобра интернационална кариера. Колку тебе ти значи што ти е менаџер и колку ти помага на фудбалски план? 

Со Горан Попов ќе останам до крајот на животот. Тој ми е како втор татко. Многу сум благодарен за се што направи досега за мене. Има многу контакти низ Европа и долги години беше еден од најдобрите наши фудбалери. Со Попов многу сум близок и ми помага во се. Се што и да ми треба секогаш е тука за мене. Дали на фудбалски план, дали приватно тој се ми кажува. Пред секој натпревар се слушаме ми дава сугестии и до детаљ ми објаснува како да изиграм. Кога заминував од Вардар, добив многу подобри понуди од клубот од Данска, но ниту јас ниту Горан не сакавме прв трансфер да ми биде во некој од добрите клубови бидејќи сите ќе знаат за тебе, но времето ќе го поминуваш на клупа. Едноставно многу е потешко од македонска лига директно да заминеш во топ првенствата бидејќи таму фудбалот е на многу повисоко ниво. Заминав во Данска таму одиграв полусезона и сега сум во Ботев Пловдив.

КОГА ДОБИВ ШАНСА ВО А-ТИМОТ БЕВ ПРЕСРЕЌЕН БИДЕЈЌИ ЗНАЕВ ДЕКА МОЈАТА ФАМИЛИЈА Е ГОРДА НА МЕНЕ

На 19 години дебитираше за А-тимот на Македонија. Како се чувствуваше во тој момент и што значи за тебе настапот во сениорската репрезентација на Македонија?

Натпреварот со Шкендија смени се во мојата кариера. Многу значи кога ќе кажат ќе дојдат и твоите пет минути. После тој меч селекторот ме викна и во А-репрезентација и со тој настап против Австрија веќе го остварив мојот детски сон, а тоа е да заиграм во дресот со националните бои. Бев пресреќен бидејќи знаев дека сите мои блиски се горди за тоа што успеав така млад да стигнам до репрезентација. Покрај среќата имав и многу трема, бидејќи го чував Марко Арнаутовиќ еден исто така неверојатен фудбалер со голема кариера. И тој има играно во Премиерлигата и навистина беше неверојатно искуство што го чував на тој квалификациски натпревар. Големо искуство за секој млад играч е да биде дел од репрезентацијата и да работи со тие одлични фудбалери. Пред се сите се одлични луѓе секогаш расположени да им помогнат на помладите и да те советуваат. Не можам да го опишам тоа чувство со самото тоа што го делиш теренот со нив. Кога ќе погрешиш сите ти даваат дополнителен мотив да продолжиш и никој не ти замерува за тоа. Навистина Македонија има одлична генерација на фудбалери со која е голема чест и задоволство да го делиш теренот.

ВАРДАР ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ОСТАНЕ МОЈАТА ПРВА И НАЈГОЛЕМА ЉУБОВ!

Одличните партии во Вардар ти донесоа повик во репрезентацијата. Како дете на Вардар што ќе кажеш за целата ситуација во мак-фубалот, но и во најтрофејниот македонски клуб?

Нашиот клупски фудбал за жал е многу пониско од елитниот европски. Има голема разлика кога играме во ПМФЛ и кога ќе заминеме во странство. За жал условите се катастрофа и не треба да бидеш фудбалер или фудбалски работник да го знаеш тоа, тоа го знае буквално секој Македонец. Факт е дека не може сето тоа преку ноќ да се промени и затоа младите фудбалери многу рано бараат како да заминат во странство. Вардар ќе остане моја прва и најголема љубов и со задоволство би останал во мојот омилен клуб, но морав да заминам во странство како би напредувал бидејќи домашната лига е навистина слаба. Ситуацијата во Вардар веќе неколку години е катастрофална. Тој период имаше многу понуди и секој ден некој од нас заминуваше. Играв како млад во Металург, но Вардар е мојот прв професионален клуб и секогаш ќе остане во моето срце. Да не беше Вардар немаше да стигнам ниту до репрезентација на Македонија, но за жал ситуацијата во клубот е катастрофална и не се знае што ќе биде со него.

НЕМАЊА ВИДИЌ Е МОЈОТ ИДОЛ… ЕДЕН ДЕН САКАМ ДА ГО ЧУВАМ КРИСТИЈАНО РОНАЛДО

Кој ти е фудбалски идол и кој фудбалер сакаш еден ден директно да го чуваш на некој натпревар? 

„Фудбалски идол ми е Немања Видиќ. Кога бев дете навивав за Манчестер Јунајтед само поради него. Кога игравме фудбал бевме поделени за Манчестер и Челси и секогаш така игравме едни против други. Борбен играч кој дава максимум на секој меч и е вистински лидер и се надевам дека еден ден ќе бидам барем приближно до него. Од новата генерација одбранбени фудбалери го почитувам Ван Дајк кој исто така е неверојатен дефанзивец и лидер. Се надевам дека ќе го исполнам својот сон и ќе заиграм во најквалитетната лига во светот, Премиер-лигата. Последниве неколку години кога Видиќ веќе не е во Манчестер сум фан на Реал Мадрид. Сите што се занимаваме со фудбал сакаме да играме против најдобрите во светот. Мене желба ми е еден ден да го чувам Кристијано Роналдо кој е најдобар напаѓач во светот.

За крај кој ти е најголемата поддршка во животот? 

„Мојата најголема поддршка се моите родители и девојката која буквално секаде ме следи во кариерата. Таа ми е најголема поддршка бидејќи секаде е со мене. Секогаш знае да ме утеши по слаб натпревар, но и да се израдуваме заедно по победа. Многу е важно кога играш во странство да имаш близок човек до тебе кој е надвор од фудбалот. Јас ја имам неа и навистина сум многу благодарен за тоа што ми е најголема поддршка во животот.

Се вчитува...