Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Најмладата олимпијка во историјата на Македонија, 15-годишната Миа Блажевска Еминова отворено за ЕКИПА.МК говореше за тоа што значи за неа настапот на Летните олимписки игри во Токио и кои се нејзините очекувања од смотрата на најдобрите спортисти во светот.
Блажевска Еминова искрено зборува за нејзиниот пат до овие игри, но и целите кои уште сега си ги поставува за иднината. Таа вели дека е голема чест тоа што ќе настапи на ЛОИ во Токио и дека главна цел е да исплива нејзино најдобро време на трката на 100 метри слободно.
Идол во животот и е Мајкл Фелпс, кој е најдобриот спортист во историјата, а слободното време кое го има сака да го поминува со своите најблиски, но и со пријателите за кои што поради многуте тренинзи и настапи нема многу време.
==========================================================================================================================
Најмлада олимпијка си во историјата на Македонија. Што значи тоа за тебе и кои се твоите очекувања од игрите во Токио?
Летните олимписки игри за мене претставуваат голем успех. Искрено немам некои големи очекувања бидејќи реално се уште сум млада и на игрите во Токио не одам со остварена норма, туку со вајлд-карта и затоа не очекувам многу. Се разбира главна цел на игрите ќе ми биде да го испливам моето најдобро време на 100 метри слободно, а зошто да не се обидам и да го урнам државниот рекорд на Македонија.
ВО ТОКИО ОДАМ ДА ИСПЛИВАМ МОЕ НАЈДОБРО ВРЕМЕ
Колку промената на временските зони и прилагодувањето може да бидат проблем за вас како спортисти?
Искрено не знам што ме очекува на игрите во Токио бидејќи за првпат ќе се натпреварувам во земја која има голема разлика во временската зона од Македонија. Сепак, заминавме во Токио една недела порано се со цел што подобро да се прилагодиме на условите кои не чекаат и затоа сега мислам дека нема да има никаков проблем околу тоа да бидам во топ форма на денот на трката. Ќе повторам, јас ќе дадам максимум и се надевам дека ќе успеам да го испливам моето најдобро време на Летните олимписки игри во Токио.
Пред игрите имаше настап на јуниорското Европско првенство во Рим. Како си задоволна од настапот бидејќи имаше одлични трки?
Пред настапот на Летните олимписки игри во Токио бев дел од Европското јуниорско првенство во Рим. Задоволна сум од настапот кој го имав на континенталниот шампионат. Успеав да соборам дури три национални рекорди во моите дисциплини и со тоа заокружив една добра приказна од мојата професионална кариера. Еднаставно малку ми е жал што на една од трките за четири места не успеав да обезбедам пласман во полуфиналната трка што ќе беше голем успех не само за мене туку и за Македонија. Сепак се на се Европското првенство во Рим беше едно големо искуство кое ќе ми помогне уште повеќе да напредувам во мојата кариера.
НЕ ЗАСТАНУВАМ ТУКА… СЛЕДНА ЦЕЛ МИ Е НОРМА ЗА ЛОИ ВО ПАРИЗ 2024
Која е твојата цел по ЛОИ. Дали напад на што подобро време и зошто да не и изборена норма за игрите во Париз 2024?
По Летните олимписки игри во Токио ќе се подготвувам за преостанатите натпревари кои ме очекуваат. Имам уште една година право да настапувам на младинското Европско првенство и за разлика од оваа година кога ќе бидам една година поискусна очекувам и да успеам да обезбедам пласман во полуфинале или финале на една од трките на кои ќе настапувам. Сепак, главна цел ми се Летните олимписки игри во Париз во 2024 година каде сакам да успеам да обезбедам барем Б-норма, но моја цел се разбира е постигнување на А-норма.
Македонија има само два базени, од кои само олимпискиот е 50 метарски. Колку е тешко да си пливач во Македонија и кои се проблемите со кои се соочувате?
За жал воопшто не е лесно да се биде пливач во Македонија. Во нашата земја има многу малку базени и тоа преставува голем проблем не само за мене туку и за сите кои што се занимаваат со пливање. Посебно проблем е во зима кога 50 метарскиот Олимписки базен е затворен и ние можеме да пливаме само во 25 метарскиот. Едноставно нема доволно место за сите пливачи и тоа ни претставува најголем проблем. Јас лично сметам дека државата треба да направи повеќе базени во нашата земја како би имале многу подобри услови со кои ќе работиме за достигнување на врвни резултати. Дефинитивно многу ќе ни олесни доколку се изградат уште неколку големи базени во Македонија.
МАЛИОТ БРОЈ БАЗЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА ПРЕТСТАВУВА ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ЗА ПЛИВАЧИТЕ
Како се реши да тренираш пливање и дали се сеќаваш на првиот освоен медал?
Со пливање почнав на предлог на татко ми и тоа чисто само колку да научам да пливам. Сепак, со тек на време се заљубив во овој спорт кој сега ми стана и професија. Мојот прв медал го освоив на натпревар на базенот „Борис Трајковски“ во Скопје. Беше во дисциплината 100 метри слободно и колку и да сум имала подоцна рекорди и големи резултати, тој прв медал ќе го паметам целиот живот.
МОЈ ИДОЛ Е МАЈКЛ ФЕЛПС… РОДИТЕЛИТЕ МИ СЕ НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА
Дали имаш некој идол во пливањето и доколку имаш кој е тој?
Мојот идол е Мајкл Фелпс. Дефинитивно не само најдобриот пливач, туку можеби и најдобриот атлета на сите времиња. Неговата бројка на освоени медали на Олимписките игри е неверојатна. Има 23 златни медали, три сребрени и две бронзени само на олимписките игри мислам дека е доволно да се каже зошто пливач како Фелпс треба да биде идол на секој што се занимава со пливање.
Што сака да прави Mиа кога не тренира и не е во базенот?
Кога не тренирам и не сум во базен сакам да излегувам и да се дружам со моите пријатели. Го користам секој слободен миг да бидам со нив бидејќи поради тренинзите и подготовките за натпреварувањата имам многу малку слободно време. Исто така се обидувам колку можам повеќе да поминувам време со моето семејство. Тие се мојата најголема поддршка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА