ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – МИХАЕЛА ЛАЗАРОВСКА: На Македонија и е потребна атлетска сала, ракометот ми помогна многу за успех во атлетиката

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Една од најталентираните атлетичарки во Македонија, Михаела Лазаровска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера, но и очекувањата за иднината. Поранешната ракометарка на ЖРК Вардар,  а сега членка на Атлетскиот клуб „Центар“ од Скопје во септември постави нов младински рекорд на Македонија во скок во височина.

На Купот на Македонија за младинци, Лазаровска скокна 167 сантиметри, што претставува нов младински рекорд на Македонија, а нејзина цел во иднина е да го подобрува ова остварување.

Лазаровска за ЕКИПА.МК откри и колку ракометот и помогнал во атлетиката, но и за условите за тренирање кои баш и ги нема во Македонија. Таа ни откри кој и е најголема поддршка, но и што сака да прави во слободно време. 

==========================================================================================================================

СОНУВАМ ЗА ВРВНИ СПОРТСКИ РЕЗУЛТАТИ!

Со скокот од 167 центиметри го урна рекордот стар 14 години. Кои се твоите идни цели. Настап можеби еден ден и на Олимписки игри и која е висината која што сакаш еден ден да ја надминеш?

Како и секој спортист сонувам за постигнување на врвни спортски резултати, односно резултати кои ќе бидат добри и во светски рамки. Не можам да кажам некоја одредена бројка, но се надевам дека во иднина ќе остварам норми за светски првенства и олимписките игри.

НЕМАМЕ ДОБРИ УСЛОВИ ЗА ТРЕНИРАЊЕ, МОРА ДА ГИ СЛЕДИМЕ ПОНАПРЕДНИТЕ ЗЕМЈИ!

Какви се условите за тренирање атлетика во нашата земја и кој е најголемиот проблем со кој се соочувате? 

Нашата земја не располага со многу добри услови за тренирање атлетика. Сметам дека нашата држава треба да го следи примерот на понапредните земји кои повеќе вложуваат во развојот на овој спорт. Како поголем проблем со кој се соочуваме во овој период е тоа што немаме сала за да тренираме на затворено.

Колку ракометот ти помогна во атлетската кариера? 

За постигнување на еден спортски резултат важно е да си физички подготвен, да располагаш со одредени моторни способности. Иако не тренирав атлетика, ракометот ми помогна да ја одржувам мојата спортска форма и да бидам физички активна.

НЕМАМ НЕКОЈА ЛИЧНОСТ ЗА КОЈА МОЖАМ ДА КАЖАМ ДЕКА МИ Е ИДОЛ, НО ГО СЛЕДАМ ПРИМЕРОТ НА МНОГУ СПОРТСКИ ЅВЕЗДИ!

Кој е твојот спортски идол, човек на кого се угледуваш и еден ден сакаш да ги достигнеш неговите успеси и кој ти е најголемата поддршка во животот? 

Немам некоја личност на која целосно се угледувам и ми е идол, но сакам да го следам примерот кој го даваат поголемите ѕвезди во оваа област. Најголема подршка ми се моите најблиски, секогаш се тука за мене ,веруваат во моите способности и ме мотивираат да го постигнам посакуваното.

ОБОЖАВАМ ЖИВОТНИ, СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ ГО МИНУВАМ ВО ПРИРОДА!

Што сака Михаела да прави во нејзиното слободно време? 

Освен спортот друга моја страна е љубовта кон животните и природата. Моето слободно време сакам да го поминам во прошетки низ природата, искачување на планински врвови, возење велосипед и слично.

Како за крај што би им порачала на сите млади девојки кои се занимаваат со некој спорт?

Да не се откажуваат од своите цели, иако можеби во моментот го немаат постигнато очекуваното, сепак тоа не значи дека нема да се случи. Најважно е да го сакаме она што го правиме, тоа да не прави среќни и исполнети, да се фокусираме на она што сонуваме да станеме и да работиме на негово остварување.

Се вчитува...