Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Еден од најдобрите боксерски работници во Македонија, Руждија Калач отворено за ЕКИПА.МК говори за ситуацијата во македонскиот бокс.
Калач вели дека постојат многу проблеми кои го ограничуваат постигнувањето на успешен развиток на боксот и дека според него најголем проблем е што недостасува национална стратегија каде предност би се дала на боречките спортови.
Тој додава дека Македонија има „талентирана“ почва, но дека мора многу да се работи за создаваање шампиони.
==========================================================================================================================
СФАТИВ ДЕКА ПО НЕКОЛКУ ГОДИНИ АПСТИНИРАЊЕ ВРЕМЕ Е ДА СЕ ВРАТАМ ВО БОКСОТ!
Во моментов сте дел од организационата структура на Боксерската федерација на Македонија. Колку сте задоволни од работата и кои се предизвиците кои во очекуваат до крајот на годинава?
После моето неколкугодишно апстинирање од органите на Боксерската Федерација, сакав да докажам дека моето макотрпно ангажирање е вистинскиот пат за постигнување успешен натпреварувач во овие понудени услови. Бев убеден дека нема да успеат без мене, познавајќи ја структурата и составот на „стручните лица“, што и се покажа потврдно. Сето ова ќе го образложам во понатамошниот текст. Избран сум од Управниот одбор на Боксерската Федерација како директор на Боксерската Репрезентација, организатор и координатор на сите возрасни категории. Се надевам дека ќе работам успешно, сметајќи ги сопирачките на нашите „стручни лица“. Скромно/нескромно, многу сум инвестирал во себе, образувајќи се и самофинансирајќи се, што во овој овде боксерски свет (мислам на „стручните лица“ од нашата држава), е бесмислено или апсурдно. Не ја разбираат потребата во професионалното усовршување, учење, читање, следење на другите што работат, стекнувајќи така компетентност во овој спорт.
ПОСТОЈАТ МНОГУ ПРОБЛЕМИ КОИ ГО ОГРАНИЧУВААТ РАЗВИТОКОТ НА БОКСОТ ВО МАКЕДОНИЈА!
Бевте тренер на двајца најуспешни боксери од осамостојувањето на Македонија, Примислав Димовски и Вели Мумин. Што е тоа што во моментов недостига во македонскиот бокс за да се повратат нивните успеси?
Постојат многу проблеми што го ограничуваат постигнувањето на успешен развиток на боксот во Р. Македонија.Недостасува национална стратегија каде предност би се дало на боречките спортови. Не треба повеќе да се воопштува, треба да постои детален краткорочен план во боксот поддржан од повеќе спортски институции. Создавање на услови или повеќе можности за редовно и навремено финансирање на боксерскиот спорт. Жалам што немаме квалитетен тренерски кадар кој има адекватно тренерско образование. Практично ниту самите „стручни лица“, ниту пак институцијата/те не се грижат за развојот на тренерите во боксот. На почетокот да се изготви прашалник за анкетирање на општата моментална состојба на образовниот статус на тренерите. Врз база на целокупната анализа на „стручните лица“ да се насочат можностите да се делува на унапредувањето на општите и специјализирани програми за тренерска едукација и развојни програми. Организирање на семинари за актуелни теми со цел следење на современите текови на боксерскиот спорт. По овие прашања, ФФОСЗ треба да делува во насока на воспоставување на систематска долгорочна соработка помеѓу научниот потенцијал со Боксерската Федерација. За сегашната состојба кај нас и ликовите кои се врткаат околу рингот, главна цел е стекнување на некаков имиџ, или да го наречам тоа главен или славен во своето уличе во населбата. Тоа е доволно за тие луѓе. Во нашата држава имаме (без потреба) 40 регистрирани боксерски клубови, а активно се натпреваруваат само 5-6. Колку се потребни такви маалски клубови, односно стекнување на евтин имиџ, без многу трошење на свои средства и немање знаење, но и желба да се натпреваруваат само на домашни турнири? Последните години „стручните лица“ како да сакаат да учествуваат, секој од секого бега, несакајќи да ги спарат боксерите. Важно е да се врткаат околу рингот, да се сликаат за Инстаграм, Фејсбук, кревајќи ја стегнато тупаницата во полугард, правејќи го тоа неодредено, без никаква цел и порака. Тоа се интернет или билборд „стручни лица“. Пандемијата добредојде како изговор и причинско-последична неактивност (пасивност), несоздавајќи можност и начин како решение. Сите клубови или „стручни лица“ беа задоволни и сега следи реченицата, сега почнуваме со тренинзите. Не се почитува членот 10 од Законот за спорт кој укажува дека треба да се обезбеди соодветен стручен кадар кој ќе се натпреварува во организиран систем на натпревари. Немаме адекватни боксерски сали кои би биле достапни 24 часа за тренинг и натпревари, опремени со потребни реквизити, за развој на младинскиот и врвен спорт.
Во 2015 бевте добитник на државна награда „8 Септември“ за остварување во спортот. Што значи ова признание за Вас и дали е само доказ за Вашата макотрпна работа сиве овие години?
За својата успешна во континуитет 40 годишна спортска активност како тренер, селектор, сега директор на БФМ, бев повеќе пати наградуван како трeнер за своите постигнати резултати и пласмани на Европски, Светски првенства, Светски куп, Медитерански игри, учество на 4 квалификациони циклуси (2000, 2004, 2008, 2012), во остварување на норма за учество на Олимписки игри, учество на Олимписки игри во Сиднеј (2000). Доказ за макотрпната работа се наградите што ми се доделени, но би бил уште посреќен кога трудот би бил валоризиран материјално. Поминато е многу лично време, многу млади луѓе се (пре)воспитани, тргнати од улица, образовани, оспособени за живот. Учесник сум на 9 (девет) Европски првенства, на 6 (шест) Светски првенства. Учесник сум на прв организиран Европски куп во Харкив (Украина). Учесник сум на Олимписките игри (2000) во Сиднеј (Австралија).
РАЗЛИКАТА МЕЃУ БОКСОТ ВО ЈУГОСЛАВИЈА И ВО МАКЕДОНИЈА Е НАЈГОЛЕМА ВО ОРГАНИЗАЦИОНАТА ПОСТАВЕНОСТ!
Своевремено бевте младински шампион на Југославија. Можете ли да направите споредба меѓу работата во поранешната земја и тоа како е во моментов?
Основна разлика помеѓу некогашната земја и денеска е особено во организационата поставеност, но и во материјален поглед. Порано, во боксот во поголем број работеа професионалци, педагози кои примаа плата и си ја работеа својата работа, се грижеа за постигнување на што поголем успех. Воспитувањето, образовниот систем и општественото уредување бараа одговорност кон работата што ја работите. Секогаш сте сакале да се докажувате со ред, дисциплина и со постигнатите резултати. Многу пати сте се срамеле, сте се чувствувале непријатно, сте биле самокритични кога нема да успеете соодветен резултат. Функционирала управата и од Вас барале резултати, барале годишен план и програма, Ве следеле на тренинзите, борбите, Ве наградувале, но и Ве критикувале. Тренерот секогаш бил помеѓу чеканот (управата) и ковалната (боксерите). Управата барала успех, а Вие сте барале од боксерите успех. Боксерската федерација на Југославија беше институција која ја организираше далеку пореално состојбата и како налогодавач организираше, даваше, но и бараше резултат. Денес занимавањето со тренерска работа во боксот е нешто како дополнителна активност. Се отвараат здруженија на граѓани – боксерски клубови на другарска база без јасно поставена цел, со немање намера, но и големо непознавање на овој сериозен спорт. Клубовите се приватизираат до таа мерка што многу поединци се претседатели, а истовремено се и „стручни лица-тренери“. Чувството за колективна, општествена одговорност, како и одговорноста нешто да се создаде, да не афирмира, е потиснато, го нема. Истите тие здруженија на граѓани, сега преточени во Боксерски клубови се најгласни кон другите, не се самокритични, не се реални, не се одговорни. Лицемерието е очигледно како причина да се одржат, а врз основа на што, ниту тие сами не знаат.
МАКЕДОНИЈА ИМА „ТАЛЕНТИРАНА ПОЧВА“ ЗА КВАЛИТЕТНИ БОКСЕРИ!
Има ли Македонија талентирани генерации на боксери кои можат да го вратат сјајот на овој спорт во нашата земја?
Македонија има “талентирана почва“ на деца кои ветуваат дека може да станат добри боксери. Тоа не е случајност, затоа што на овие простори постои долга историја на реализирани боксери кои се носители на сите можни медали и признанија на Светски, Европски, Медитерански, Балкански, Олимписки игри. Тоа е индивидуален спорт, каде може за не така долго време да се успее. Тоа се скромни личности во голем процент, посиромашни, послабообразовани каде не им се обрнувало многу внимание во текот на животот. Се обидуваат да успеат само со своите тупаници. Дисциплинирани се, го сакаат редот, инаку нема да успеат. Свесни се за својата состојба, сакаат да соработуваат. Ако имаат добар педагог и стекнат доверба во него дозволуваат да ги води низ кариерата, благодарни се и умеат да возвратат со убави гестови.
Работите како профeсор на ФФОСЗ. Претставува ли задоволство за Вас тоа што можете на младите генерации да им ги пренесете Вашите знаења?
Вработен сум на ФФОСЗ од 2004 година и денес на местото проф. по Боречки спортови 1 (бокс, борење и кик-бокс). Традицијата во боречките спортови-боксот и резултатите кои се постигнати во минатото ме обврзуваат како професор, спортски работник, тренер, селектор, сега директор на Боксерската репрезентација за поголемо ангажирање и придонес во омасовување и подигнување на образовно-стручното ниво на нашите тренери за постигнување на што поголема компетентност во работата со боксерите. Конзументите (студентите, професорите по Ф.О. и тренерите), треба да се запознаат со најтрофејните спортови, тоа да предизвика интерес кај учениците и кај нив да се развие афинитет кон боксот (тие да ја најдат својата лична и општествена афирмација), тогаш можеме да кажеме дека сме ја постигнале целта. По периодот до 2021 година имам објавено 122 труда како автор и коавтор во референтни научни и стручни списанија со меѓународен уредувачки одбор. Можеби сум еден од професите кој теоретски пишувал многу за боречките спортови, особено за боксот. Сакајќи боречките спортови (боксот) со сите свои карактеристики да ги поставам на повисоко ниво на вредности, „поради пораките“ кои преку содржината, филозофијата и применливоста што ни ја овозможуваат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА