ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – САШО БЕЛОВСКИ: Македонецот кој ја создаде првата спортска берза

Отворено со најдобрите македонски спортисти и спортски работници. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

Сашо Беловски, кој е организатор на маратони низ цела Европа и светот, овој пат во улога на основач на еден нов и интересен стартап, за читателите на ЕКИПА.МК ќе открие нешто повеќе за неговата идеја и реализација на Sport Exchange Market (Спорт ексчејнџ маркет).

Сашо Беловски за ЕКИПА.МК вели дека неговата идеја е прва и единствена во светот која овозможува забавно тргување со акции од спортски тимови.

Како Македонец во Чешка за овој проект вели дека е и чешки и македонски, бидејќи се работи и развива во Прага но има македонска душа.

Што е спортска берза и која е нејзината намена? 

Спортска берза е стартап и по самата природа на стартапи е нешто ново и нешто што не може толку лесно да се категоризира. Се работи за иновација која што буквално не постои никаде во светот. Еве како би ја објаснил идејата. Од една страна во светот има 5 милијарди луѓе кои се љубители на спортот и на фудбалот. Сите следиме спортски настани и сите навиваме за нашите омилени тимови. Од друга страна, повеќе или помалку знаеме како функционира обична берза, односно stock exchange (сток ексчејнџ). Некои од нас пробале, или барем можеме да замислиме како е да се тргува, на пример, на Њујоршката берза со акции од „Тесла“, „Амазон“, „Нетфликс“, „Епл“ и други фирми. Сега замислете си го истото, но притоа да можете да тргувате со акции од фудбалски тимови како Арсенал, Интер, Баерн Минхен, Барселона или кој било друг тим. Тие во реалниот живот не се на берза, но сега преку спортската берза тоа тргување е овозможено.

Како тоа поточно изгледа?

Еве конкретен пример. Замислете дека купувате акција од Арсенал, да кажеме за 10 евра. Сезоната почнува, Арсенал игра против Ливерпул. Во поедноставена форма кажано, вашиот тим победува, акцијата од 10 евра пораснува на 12 евра.  Во второто коло Арсенал повторно победува, акцијата расте од 12 на 15 евра, па од 15 на 18 евра, и вие за две, три недели може да си кажете: ете, ставив 10 евра, сега ми пораснаа акциите на 18 евра. Е сега на Aрсенал му следуваат тешки натпревари или има некои повредени играчи, и мислите дека нема да го победат следниот натпревар. Акциите можете да ги понудите на берза и да ги продадете, исто како што се случува на реалната берза, а вие сте заработиле 8 евра.

А доколку вашиот тим го изгуби натпреварот?

Акцијата на Ливерпул од друга страна, бидејќи го изгубиле натпреварот, паднала, да кажеме, од 10 евра на 7 евра. Што значи дека ако имате акција од тој тим, вие се уште се во игра и не мора да инвестирате и купувате нови акции. Таа иста акција сеуште си е активна и после следниот натпревар, доколку Ливерпул победи, повторно ќе порасне. Во меѓувреме, вие можете да ја продадете кога сакате или да си ја чувате до крајот на сезоната. Исто како на светските берзи, вие можете да бидете активен „трејдер“ и да купувате и продавате акции секој ден, пред и по секој натпревар, или пасивен „трејдер“ и да инвестирате, да кажеме, во вашиот омилен тим и да гледате како вашите акции растат или паѓаат до крајот на сезоната. Со самото тоа што оваа берза е поврзана со фудбалски тимови, адреналинот е многу поголем и емоциите се многу посилни отколку тргување на обична берза.

Дали спортската берза моментално функционира?

Sport Exchange Market (www.sportxmarket.com) моментално функционира на база на виртуелни пари и е некој тип на „фантази“ модел. Кога ќе отворите профил на веб апликацијата ќе видите во својот паричник 5000 виртуелни евра и со тие виртуелни пари вие можете да инвестирате како да се вистински пари и да тргувате и правите портфолио. Си купувате, да кажеме, дваесет акции од Интер, пет акции од Јувентус, две акции од Реал Мадрид итн. Во текот на сезоната ние доделуваме награди на најдобрите трејдери на месечно и годишно ниво. Секој месец има награди како претплата на Netflix, масажи, дресови и топки, а на крајот на сезоната има доста повредни и поатрактивни награди како „Ајфон“, „Плејстејшн“ и други. Успешно ја завршивме претходната сезона каде што се тргуваше со акции од тимови од петте најдобри фудбалски лиги во Европа, а за Европското првенство ова лето пуштивме и лимитирана едиција на оваа спорска берза каде што се тргуваше со акции од фудбалски тимови односно репрезентации.

Кога започнува новата сезона на спортската берза?

Новите фудбалски сезони почнуваат од 15. август со Премиер лигата, Серија А и другите најдобри европски лиги,  a ден пред тоа се отвора берзата и започнува тргувањето на Sport Exchange Market. На берзата повторно се вклучени најдобрите европски топ 5 лиги, плус оваа сезона ги додаваме и Лигата на шампионите и другите европски натпреварувања, а од време на време ќе продолжиме со специјални едиции како што беше сега Европското првенство.

Дали наскоро ќе почне да се тргува и со вистински пари? 

Да, целиот оригинален модел е измислен и замислен за тргување со реални пари. Воедно со тој модел овој стартап победи, осносно беше избран меѓу петте најдобри стартапи во Европа во гејминг индустријата и исто така победи на стартап натпревар во Италија како најдобар спортски проект на годината. Така што тој дел активно се развива и спрема за почеток. Искрено кажано, процесот не е едноставен и очекувам да потрае уште некоја година. Во меѓувреме, фантази моделот е одлична платформа преку која корисниците можат да се запознаат со оваа нова игра, да ги поднаучат правилата и начините на играње и тргување и спремни да го дочекаат посериозниот таканаречен “real money” модел.

Чиј проект е овој стартап бизнис?

Целосниот концепт, од идеја, преку алгоритам, до веб апликација, го измислив и развив јас. Доколку алудирате на тоа како е промовиран, јас секогаш се шегувам дека ние сме генерација која што не знаеме каде ни е дома. Jас сум во Чешка 25 години, таму сум високо образуван, таму ми е изградена професионалната кариера, таму се работи на овој проект. Но никогаш не заборавам да потенцирам дека сум од Македонија и дека спортската берза е измислена од човек кој е од овде, роден и израснат во Скопје, така што идејата има македонска душа.

Покрај Sport Exchange Market, долги години си организатор на маратони. Кажи ни нешто повеќе за тој аспект од твојата кариера?

Јас последните 20 години ја изградив мојата професионална кариера во спортскиот бизнис, а најмногу во маратонската индустрија каде што сум дел од ораганизацијата на Прашкиот маратон. Тој е под капата на RunCzech (Ранчех), фирма која организира преку 15 огромни спортски настани само во Чешка плус уште десетина настани низ Европа. Тоа вклучува и спортски настани во централата на „адидас“ во Германија, трки во Италија или Турција. Ме ангажираат и во Америка, Јапонија, или Кина, така што сум активен буквално низ целиот свет. Како дел од таа индустрија ја ко-измислив идејата SuperHalfs. Тоа е нешто што јас со фудбалски жаргон го споредувам како Лига на шампиони за полумаратони која што ги содржи шестте најдобри полумаратони во Европа. Тие се во Лисабон, Валенсија, Кардиф, Прага, Копенхаген и Берлин, а ние им овозможуваме на тркачите да патуваат низ Европа, да ги трчаат сите овие полумаратони, да собираат печати како што се собираат печати во пасош и на крај да добијат супер-медал. Не се важни резултатите, важно е учеството, маратонскиот туризам, а преку тој активен туризам луѓето да имаат личен предизвик и да се мотивираат да трчаат и да живеат спортски живот.

За крај, која е иднината на „Спорт ексчејнџ маркет“?

Ја сум сигурен, а веќе и гледам дека спортската берза е добро прифатена од јавноста. Идејата, играта, правилата и искуството се многу интуитивни и интересни. Луѓето, особено во Македонија, толку добро го разбираат и сакаат спортот. Спортската берза е на некој начин забавна платформа за мерка кој повеќе го разбира фудбалот и кој е најуспешен фудбалски фан. Затоа мислам дека оваа игра набргу ќе стане секојдневност за многу луѓе кои што сакаат на активен начин да го поддржуваат својот тим и да уживаат во сите емоции коишто ги носи фудбалот и спортот. Доколку успееме да го рашириме овој спортски адреналин глобално, а ќе успееме, сите успеси на овој проект ќе се множат по природен пат.

Се вчитува...