ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – СИМОНА СТОЈКОВСКА: Облекувањето на дресот на Македонија беше остварување на сонот, ЕП ќе биде кулминација на мојата кариера

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Една од најдобрите македонски ракометарки Симона Стојковска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата во следниот период. Специјално за ЕКИПА.МК открива за тоа како е да се живее во Германија и да се биде дел од едно од најдобрите првенства во Европа. 

Стојковска говореше и за репрезентацијата и нејзините одлични партии против актуелниот европски и светски шампион Норвешка, како и очекувањата од континенталниот шампионат на кој сме домаќини и групата во која се најдовме со Франција, Холандија и Романија. 

Таа вели дека голема е разликата меѓу условите во Германија и Македонија. Нема една ракометарка како идол на која се угледува, тука гледа да украде се што може од најдобрите во светот. 

==========================================================================================================================

ПРЕСВРТ ВО НАШИТЕ ГЛАВИ СЕ СЛУЧИ ПО МИНИМАЛНИОТ ПОРАЗ ВО ЦРНА ГОРА!

Се гледа голем напредок во играта на женската репрезентација во последно време. Дали конечно почнувавте да верувате дека можете со секого да се надигрувате и кој беше моментот кога се се промени, пред се на психолошки план?

Ако судиме според стажот, важам за една од “помладите” во репрезентацијата. Релативно кратко време го носам репрезентативниот дрес, па затоа и не би можела многу да зборува за начинот на работа претходно. Во моите очи клучен момент се случи по минималниот порад во Црна Гора, како сами си докажавме дека можеме да се надигруваме и со најдобрите. И покрај загубениот натпревар не го криевме задоволството и радоста од прикажаната игра и борбеност. 

На крајот на годинава сме домаќини на Европското првенство. Што значи за тебе настапот пред домашната публика на големо натпреварување и кои се твоите очекувања од турнирот? 

Да го облечам дресот на репрезентацијата на Македонија беше остварување на мојот сон, а настапот на Европското првенство ќе биде кулминација на мојата ракометна кариера. Домашната публика е дополнителен мотив секоја од нас да го даде својот максимум. Очекувам квалитетни натпревари против врвни репрезентации кои се во нашата група каде што победникот нема да се одреди уште на почетокот. 

НА ГОЛЕМИ НАТПРЕВАРУВАЊА НЕМА СЛАБИ ЕКИПИ… ОДИМЕ ДА СЕ НАДИГРУВАМЕ СО СЕКОГО!

На ждрепката немавте среќа, откако се најдовте во најтешката група на шампионатот. Твои очекувања за мечевите против Франција, Холандија и Романија? 

На големи натпреварувања не постои лесен противник. Сведоци сме на напредокот на женската репрезентација, но мислам дека има уште многу потенцијал. Селекторот има јасна слика на кое ниво треба да биди нашата физичката подготвеност. Ако на тоа ги додадеме желбата и мотивацијата да се покажеме во најдобро светло на домашен терен, со поддршка од публиката можно е секакво сценарио. Фаворитската улога ќе им ја препишеме на противниците, но зошто да не веруваме дека нашиот сон ќе се оствари. 

ОБОЖАВАМ КОГА ГИ РАЗИГРУВАМ МОИТЕ СОИГРАЧКИ!

Одигравме два скоро егал натпревари против Норвешка. Како си задоволна од твојата игра во двомечот против европскиот и светски шампион?

Во двата натпревари влеговме опуштено и без притисок. Јас лично сум презадоволна од мојот придонес во играта. Уживам кога ги разигрувам моите соиграчи, а тоа го докажав и на вториот дуел против Норвешка кога бев прогласена за најдобар играч на натпреварот со 13 асистенции. 

Веќе неколку години си во Германија и настапуваш во шампионатот на оваа земја. Како си задоволна од твоите настапи во една од најсилните ракометни лиги во светот и кои се целите на тимот до крајот на сезоната? 

Со оглед на тоа што ми е четврта сезона во Германија, можам да кажам дека стилот на ракомет што се игра тука ми одговара. Задоволна сум од моите настапи во лигата и учинокот за екипата. Со сите сили сме насочени кон тоа да обезбедиме опстанок во првата Бундеслига. 

НАСТАПИТЕ ЗА МЕТАЛУРГ МИ ПОМОГНАА ЗА ИНТЕРНАЦИОНАЛНА КАРИЕРА…

Настапуваше во Металург во домашниот шампионат. Колку ти помогнаа игрите во тимот од Автокоманда да направиш интернационален трансфер?

Дел од тимот на Металург бев шест години под водство на повеќе тренери. Ако се земе предвид фактот дека играв и студирав истовремено, ова е времето во кое растев и се развивав како играч, но и како личност. Токму еден пријателски натпревар со Металург против ПАОК во Скопје ми го отвори патот за првиот интернационален предизвик.

Можеш ли да направиш разлика меѓу условите во Македонија и во Германија и разликата не само во тимовите во првенствата туку и во начинот на работа? 

Разликата е огромна затоа што високиот квалитет во екипите носи поголема конкуренција и неизвесност во самото првенство, а тоа е одлична платформа за дополнителен напредок на сите нас. Од мое лично искуство, фокусот е на развој на индивидуалните квалитети и искористување на максималниот потенцијал на екипата. Работната средина во Германија и Македонија не е ни приближно иста, тргнувајќи од фактот дека тука играчите имаат регуларен редовен работен однос. 

Која ракометарка ти е идол, а против која од ракометните ѕвезди најмногу би сакала да се сретнеш на теренот?

Благодарение на учество на интернационалните натпреварувања сум имала шанса да се сретнам со повеќе ѕвезди од ракометниот свет, но време за воодушевување има само надвор од салата, додека на терен се противници како и сите други. На сметка на тоа што не можам да издвојам една ракометарка како идол, им се восхитувам на брзината на Стине Офтедал, прегледноста на Изабел Гулден, шутот на Кристина Неагу и менталитетот на Нора Мерк. Ова би била моја комбинација за комплетен играч. 

ПРЕСРЕЌНА СУМ ВО ГЕРМАНИЈА, НО ЌЕ ВИДИМЕ ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ ЕП!

Каде се гледа Симона за некоја година и во кој клуб од Европа и е цел еден ден да настапува? 

На крајот од сезоната ми истекува договорот со Цвикау, но во преговори сме за негово продолжување. Засега ми е добро тука, но едвај чекам да видам што ќе донесе Европското првенство од повеќе аспекти. 

Како е да се живее во Германија, што е тоа што најмногу ти се допаѓа од животот таму и што сакаша да правиш во твоето слободно време? 

Животот и искуствата тука ми го проширија хоризонтот за спознавање на нови култури, пријатели и поставување на повисоки цели. Покрај ракометот, перспективата за иднина е тоа што најдолго ме задржа во Германија. На долгорочен пат се гледам тука со моето семејство. Кога немам обврски, времето го поминувам со сопругот Борјан и нашето куче Нола во долги прошетки. На личен план напредувам со надоградување на моето знаење на германскиот јазик. 

Се вчитува...