ЕКИПА ИНТЕРВЈУ со Митко Јанчев: Кавадарци е спортски град, горди сме на сите успеси

Кавадарци доживува спортска ренесанса во изминатите месеци, кошаркарите на Еуро Никел стигнаа до финалето во плејофот, фудбалерите по долги години се вратија во Првата лига, додека ракометарите во жестока конкуренција успеаја да обезбедат опстанок во Супер-лигата.

Кавадарчани на чело со навивачката група „Лозари“ имаат причина за гордост на успесите на своите спортски херои, а дел од заслугите одат и на адреса на Градоначалникот Митко Јанчев, кој пред градскиот буџет активно инвестира во две од овие три успешни градски приказни.

„Општината Кавадарци сигурно има значаен придонес во овој спортски „бум“ во градот. Само за споредба пред моето доаѓање буџетот за спорт изнесуваше два милиони денари, а последнава година ние како општина инвестиравме вкупно 12 милиони денари во спортските колективи. Во кошарката има генерален спонзор, фабриката Еуро Никел, кој комплетно го покрива буџетот на клубот. Во изминатите три години општина Кавадарци влезе со 51% во акционерското друштво на ГРК Тиквеш, додека е стопроцентен сопственик во фудбалскиот клуб Тиквеш. Со влегувањето во Првата лига ќе следи и преструктуирање во Акционерско Друштво согласно законот. Како општина имаме специјален сектор за спорт, луѓе кои се задолжени за комуникација со одговорните во клубовите, нешто што даде резултат“, го почнува Митко Јанчев разговорот за ЕКИПА.

За дополнителен спортски развој потребна и модернизација на инфраструктурните објекти, нешто на што кавадарчани веќе интензивно работат.

Исто така, ставаме акцент и на инфраструктурните објекти, без кои дополнителниот напредок во спортот би бил невозможен. Комплетно ни се реновирани две спортски сали во Кавадарци, а веќе е почната со изградба уште една сала. Се работи и на Градскиот стадион, проект заедно со Агенцијата за Млади и Спорт за реконструкција на теренот, дренажа и комплетно наводнување. Исто така, во заеднички проект со ФФМ од околу 400.000 евра ќе се направи доградба на уште две трибини на стадионот. Кога проектот ќе биде завршен, вкупниот капацитет ќе биде со 3.600-3.700 седишта, плус трибини за две навивачки групи од илјада лица“.

Влезот во елитното фудбалско друштво ќе значи и потреба за поголем буџет, момент во кој Градоначалникот Јанчев се надева на помош и на општествена одговорност од бизнис-заедницата во Кавадарци.

„Покрај општинските инвестиции, имаме и помош од локалните компании кои даваат свој придонес во буџетот на клубовите. Сега се наоѓаме во фаза кога треба да седнеме на маса, да разговараме со бизнис-секторот во градот, со сите компании, за да видиме кој е интересот, но и општествената одговорност, за да влезат во Акционерското друштво на ГФК Тиквеш. Пакет на акции ќе биде понуден на компаниите од Кавадарци, така што буџетот делумно би бил инвестиран од нив, делумно од ваучер-системот, а како и досега, од општинскиот буџет за спорт. Очекувам делот од општината да биде ист како и досега, но буџетот да биде зголемен со средства од компаниите“.

По долги, долги години, Кавадарци ќе може да се пофали со екипи во највисок ранг на натпреварување и во фудбал и во ракомет и во кошарка.

„Ние онаму каде што влегуваме како проект, не излегуваме, ниту пак се плашиме од предизвикот. Горди сме на успесите од сезонава, со три прволигашки екипи во трите главни спортови во Македонија можеби ќе биде нешто потешко за менаџирање во наредната сезона, но подготвени сме за тој предизвик. Фудбалскиот клуб по долги години ќе се врати назад во елитата и ние ќе сториме се за да се етаблира онака како што му доликува, ќе составиме конкурентен тим што ќе носи радост на кавадарчани“, дециден е Јанчев.

По камбекот на Тиквеш во фубалската елита бевме сведоци на фантастични сцени при прославата на навивачката група „Лозари“.

„Со самото тоа што после толку време се очекуваше влез на Тиквеш во првата фудбалска лига, постоеше начелен договор уште пред да стигнеме во баражот дека доколку се влезе во Првата лига, тој успех да биде заеднички одбележан заедно со 30-годишнината од постоењето на навивачката група Лозари. Имавме заедничка организација заедно со МВР и со сите структури за се да мине беспрекорно, организиравме спектакл од поголеми размери и мене како градоначалник ми е многу мило што беше прифатен буквално од целото население. Тоа е јасен доказ дека Кавадарци го сака спортот“.

Јанчев е презадоволен од резултатите за оваа година, но се надева на уште поголем развој на кавадаречкиот спорт во иднина.

Моја желба на спортски план е од година во година да се создава се поквалитетна младинска база, да има квалитетна школа и свои подружници кои би ваделе квалитетни млади спортисти. Би сакал да имаме што повеќе првотимци, во сите спортови, кои доаѓаат од нашата општина. Кавадарци како спортски град и како спортски ориентиран народ да можеме да останеме со големи амбиции за високи дострели. Очекувам во најмала рака да се одржи нивото, и во фудбалот и во кошарката и во ракометот, а искрено се надевам и на дополнително кревање на квалитетот и резултатите“.

Се вчитува...