ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ВЕЛИМИР ТРИЧКОВСКИ: Дел од системот на големите нации е бесплатен, Македонија треба само да го копира

Отворено со најдобрите македонски спортисти и спортски работницикој. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Еден од најврвните македонски физиотерапевти, вистински промотор на земјава во светот, максимално ценет во Кина – Велимир Тричковски, кој како огромно свое признание но и признание за Македонија ќе биде дел од кинескиот олимписки тим на ЛОИ 2024 во Париз.  Овој пат во интервју за ЕКИПА.МК говори за подготовките и очекувањата на оваа земја на ЛОИ во Париз. 

Тричковски открива дел од тригодишниот план на Кина за настап на Игрите, но и за разликата меѓу работата во оваа земја и Македонија. Тој вели дека дел од работите на велесилите во подготовката на спортисти се бесплатни и дека треба само да се копираат за да има успех во Македонија. 

Како Македонец во Кина вели дека не му било тешко привикнувањето на новата средина, а дека најдобро нешто во Пекинг е безбедноста која што ја има во овој град. 

==========================================================================================================================

Како започна целата соработка и како те ангажираше Кинескиот олимписки комитет? 

Јас бев на семинар за традиционална кинеска медицина во Кина, но тоа не беше ништо поврзано со сето ова. Ме исконтактираа на „Линкдин“ од кинескиот олимписки комитет дека би сакале јас да бидам нивни физиотерапевт на репрезентацијата во кревање тегови. На почеток искрено не ми се веруваше дека е вистина, но по неколку разговори видов дека навистина постои понудата и се договорив со луѓето кои се дел од Олимпискиот комитет.

СРЕБРЕН МЕДАЛ ЗА КИНА НА ЛОИ Е НЕУСПЕХ! 

Работиш со репрезентацијата во кревање тегови. Какви се нивните очекувања за игрите во Париз?

Многу се традиционални кога е во прашање кревањето на тегови во Кина. Како за разлика ќе ви кажам, бидејќи сум консултант и во скокачките дисциплини во атлетика во кои немаат големо очекување, разликата е огромна. Поотворени се ако сакаш да внесеш нешто свое и тие се прилагодуваат. Во кревањето на тегови мора ти да се привикнеш на нивната работа. Во тој спорт, кој го сметаат за национален, се се знае од претходно. Кој ден што се тренира и не смее да има никаква промена. Дали се случила повреда или било што друго, секој ден се знае што се прави. Ако освојат сребрен медал во кревање тегови за нив тоа е неуспех. Не постои слободен ден за натпреварувачите, па макар и доколку има скршеница некоја. Само поради висока температура може спортист да добие слободен ден. Кина буквално многу напредува во сите спортови, но очекувањата секогаш им се реални. Еве на пример пливањето има многу голем напредок последните години, а сето тоа се виде и на Светското првенство во Фукуока минатата година. Но, повторно ќе кажам реални се во очекувањата. Да, во кревање тегови или пинг-понг сребро е неуспех, но на пример во атлетика која се уште не е доволно развиена кај нив и петто или шесто место е успех. 

РАЗЛИКАТА МЕЃУ КИНА И МАКЕДОНИЈА Е ДИСЦИПЛИНАТА! 

Можеш ли да направиш една паралела со Македонија? 

Едноставно неспоредливо е да зборуваме за разликата во условите со тие во Македонија. Кинескиот олимписки комитет има направено неверојатни услови. За сите спортови има најдобри услови, без разлика дали носи медали некој спорт или не. Самото тоа што ние немаме систем за три години подготовки само за злато на ЛОИ. Се прави тим на три години пред почетокот на игрите и тие спортисти не се појавуваат дома во тој циклус. Цело време се во комплексот, а доколку сакаат да ги посети некој од фамилијата мора претходно тоа да го најават. Многу се строги и многу внимаат на допинг. Спортистите не смеат да јадат ништо надвор од кујната во олимпискиот комплекс. Во Македонија работевв со РК Вардар и ракометната репрезентација на Македонија, што веројатно е врвот за нашите услови, но едноставно неспоредливо е со системот во Кина. Најмногу е таа дисциплина. Во Кина тренерот е главен и се оди преку него. Кревањето на тегови е индивидуален спорт, но за ништо не се прашува натпреварувачот туку неговиот тренер. Цела моја комуникација околу програмата што ја правам и во која насока ќе го подготвуваме спортистот оди преку тренерот.

Како успеа да ја придобиеш нивната доверба? 

Кинезите секогаш со некој што првпат го запознаваат влегуваат со недоверба. Секогаш е тоа така. Но, ако успееш да стекнеш нивна доверба, ги имаш за пријатели за цел живот. По неколку повреди пред последното првенство, тукушто дојден, успеав еден од најдобрите спортисти да го вратам за две недели и тука веќе ја добив нивната доверба. Најголема потврда за тоа дека ме почитуваат е тоа што во декември ми побараа да најдам двајца терапевти за борење. Двајца колеги од Македонија сега се со мене и веќе и тие почнаа да работат со олимпискиот тим на Кина. Сакам како што Американците, Канаѓаните и Австрилијците ги почитуваат како терапевти, сакам еден ден тоа да биде и за нас во Кина. Сега сме тројца, а се надевам дека ќе напредуваме се повеќе и повеќе.

МНОГУ РАБОТИ СЕ БЕСПЛАТНИ, МАКЕДОНИЈА ТРЕБА САМО ДА ГИ ИСКОПИРА! 

Може ли Македонија да украде нешто од кинеската работа и дали финансиите се многу важни во подготовката на квалитетни олимпијци? 

Системот е многу поважен од парите што ги имаат во Кина. Одреден дел од системот на големите нации е бесплатен само ние треба да го копираме. Еве на пример бадминтон. Не бара голема инвестиција, нема голема конкуренција во сите земји во светот. Не мораме ние да бараме прво место и златен медал како Кинезите, но барем да имаме десетина спортисти на Олимписки игри со норма. Додека сум овие година и половина во Кина имаме гости од цел свет. Минатата година француската репрезентација во кревање тегови беше еден месец во Кина на подготовки. Кирибати дојдоа во Пекинг 2 и пол месеци тренираа. Дојдоа боси бидејќи никогаш во животот не кревале тегови со професионални патики. Беа во Кина бесплатно и преземаа нешо од нивното знаење. Едноставно мораме да ги копираме спортските велесили и да учиме од нив.

КИНЕЗИТЕ СЕ МНОГУ СЛИЧНИ НА НАС! 

Каков е животот на еден Македонец во Пекинг? 

Пекинг е прекрасен град. Нешто што навистина ме воодушевува од тој град е тоа што е неверојатно безбедно. Интересно ми беше на почеток да шетам по малите традиционални улички и во два часот по полноќ и буквално не може ништо да ти се случи, ниту влакно да ти фали. И затоа сметам дека нивното најголемо богатство е безбедноста. Не сме свесни колку е психички полесно кога знаеш дека безбедноста не ти е нарушена. Искрено полесно ми беше да се прилагодам кога отидов таму, туку секој пат да се навикнам тука кога ќе се вратам. Таму се дружам многу со Кинези и морам да кажам дека неверојатно е колку нашиот менталитет е сличен на нашиот. И тие сакаат да седнат во ресторан, па кафе да се напијат. Морам да кажам дека многу ни се блиски со менталитетот.

Се вчитува...