Кошаркарскиот клуб на Куманово 2009 и официјално е исфрлен од Втората кошаркарска лига на Македонија, откако денеска тоа го објави КФСМ. Ова најверојатно е и дефинитивен крај на постоењето на клубот кој беше важен фактор во македонската кошарка во изминатава деценија и кој може(ше) да се пофали со две вицешампионски „титули“.
Тимот од Куманово стигна до финалето во Првата лига на Македонија во 2015 и 2016 година каде двапати беше поразуван од МЗТ Скопје Аеродром. Ова воедно не значи крај на кошарката во Куманово, бидејќи се појави нов клуб чиј предводник е легендарниот Марин Докузовски.
„Поради неподмирени надоместоци и патни трошоци за службените лица, неплатени две котизации за натпреварување и долгувања од минатата сезона, за кои на Куманово 2009 му биле дадени неколку рокови, а истите не биле испочитувани, го загубила службено натпреварот со екипата на КК „Шкупи“ во склоп на 16. коло од Втората лига – мажи со резултат 20-0. Согласно членовите 47, 52.2 и 61.10 од Пропозиции за натпреварување во Сениорските лиги, поради два загубени натпревари со службен резултат, екипата на КК Куманово 2009 ќе се исклучи од понатамошното натпреварување во Втората лига мажи. Бодовите на екипата на КК Куманово 2009 се бришат согласно член 34 од Правилникот за натпреварување во Сениорски лиги“, се вели во денешниот Билтен на КФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА