Јувентус ја продолжува потрагата по нов врвен дефанзивец како замена за повредениот Бремер, а на врвот на листата со желби на „старата дама“ се наоѓа Милан Шкринијар.
Словачкиот репрезентативец важеше за еден од најдобрите централни дефанзивци во Серија А додека настапуваше за Сампдорија и за Интер, а во 2023 ги разочара „нероаѕурите“ напуштајќи го клубот како слободен играч и потпишувајќи за ПСЖ. Трансферот беше договорен пред доаѓањето на Луис Енрике за тренер, а шпанскиот стратег дефинитивно не гледа на Шкринијар како на лидер на одбраната.
Минутажата лани не беше преголема, но затоа од стартот на сезонава е апсолутно разочарувачка – Словакот одигра само 111 минути севкупно во сите натпреварувања и не го крие разочарувањето од улогата што ја има во тимот.
„Имав понуди во текот на летово, решив да останам и да се борам за минутажа. Сите ги знаете бројките, тоа е моментната ситуација во која се наоѓам и дефинитивно не сум среќен поради тоа“, изјави Шкринијар, кој моментно се наоѓа на собир на словачката репрезентација.
Тој би сакал да се врати назад во Италија, Јувентус сака да го ангажира, но поради лимитираниот буџет „старата дама“ може да си дозволи само позајмица до крајот на сезонава, со можност за целосен откуп следното лето. На потег се челниците на Јуве и на ПСЖ, да се обидат да најдат заеднички јазик и да го договорат јануарскиот трансфер на Словакот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА