Екс-ју екипите со заработка од повеќе од 4 милиони евра по пласманот во нокаут-фазата од Конференциската лига на УЕФА

Познати се екипите кои ќе играат во нокаут фазата од Конференциската лига на УЕФА.

Место во осминафиналето директно изборија Челси, Виторија Гимараеш, Фиорентина, Рапид Виена, Ѓургарден, Лугано, Легија Варшава и Серкл Бриж. Екипата на нашиот Дарко Чурлинов, полска Јагелонија по синоќешното реми на домашен терен со Олимпија Љубљана остана на деветтата позиција, па ќе мора преку 1/16-финалето да се бори за место во осминафиналето.

А, европска пролет обезбедија и четири екипи од поранешните ју-простори, Олимпија Љубљана, Борац Бања Лука, Целје и ТСЦ Бачка Топола кои ќе играат во 1/16-финалето.

Одлична е и финансиската заработка за овие четири екипи по пласманот во нокаут фазата. Како што е познато, согласно финансиската распределба на УЕФА, секоја екипа за пласман во нокаут фазата доби по 200 илјади евра. Дополнително, наградата за секоја победа во групната фаза на Конференциската лига е 400 илјади евра, а за реми се добива 133 илјади евра. Претходно, секој клуб за пласман во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА доби по 3,17 милиони евра.

Што значи согласно пресметките, Борац Бања Лука, во чии редови играат Дамјан Шишковски и Бобан Николов, заработи 4,2 милиони евра, Олимпија Љубљана досега има заработка од 4,5 милиони евра, Целје има 4,1 милиони евра а српскиот ТСЦ Бачка Топола исто така – 4,1 милиони евра.

Се вчитува...