Екс ракометарката на Вардар ја завршува кариерата: „Не жалам за ништо“

Поранешната ракометарка на Вардар, Сираба Дембеле се реши да стави крај на кариерата на 36 години. Таа го освои шампионатот со ЦСМ Букурешт, и сега најави дека ова ќе биде нејзината последна сезона како играч, а потоа ќе остане во ракометот, но во друга улога.

Таа во интервјуто за „Аблок“ зборува за своите почетоци и она што и го донесе ракометот во кариерата. Таа призна дека сакала минатата година да ја заврши кариерата, но потоа добила мотивација да продолжи уште една сезона, но сега дефинитивно е крај.

„Се чувствувам како да минав низ многу. Верувам дека дојдов до крајот. Ќе наполнам 37 години, а да се биде професионалец во овој спорт, треба да се има интензивен ритам, а во одреден момент телото вели „стоп“. Време е да уживам со моето семејство“, рече Дембеле која е мажена со поранешниот голман на ФК Вардар, Игор Павловиќ и има две деца близнаци.

„Сакав уште минатата година да прекинам, но кога одиграв полусезона, имав мотивација да продолжам. Реков дека е срамота да се откажам на сред сезона, па се решив на крајот од сезоната. Имав предизвик и сакав да ја освојам Лигата на шампионите, и тоа ме натера да продолжам. Сега ми останува месец и пол. Колку повеќе напредувам толку повеќе знам дека е без жалење. Не сакам повеќе да се вложувам во спортот кој бара многу. Но, ништо не може да ме натера да ја повлечам мојата одлука. Тоа е мојата конечна одлука. Не жалам за ништо во кариерата“, рече Дембеле.

Сираба Дембеле Павловиќ во Вардар настапуваше од 2013 до 2016 година, кога три пати беше дел од Ф4 со Вардар, но никогаш не дојде до посакуваната титула во ЛШ. Има можност уште еден месец за такво нешто, а нејзиниот тим ЦСМ Букурешт игра против Есбјерг во 1/4 финалето во ЛШ.

Се вчитува...