Екс репрезентативец на Австрија му се врати на фудбалот две години откако објави пензија

Поранешниот репрезентативец на Австрија, и на неколку екипи во Германија Мартин Хинтерегер, се врати на професионалниот фудбал после две и пол години пауза.

Хинтерегер во 2022 година објави крај на кариерата, откако играше за Ајнтрахт Франкфурт. Тимот од Франкфурт веднаш му го раскина договорот, и тој се реши да не се занимава повеќе со професионален фудбал.

Стоперот замина во Сирниц, во својот матичен клуб кој игра во петтата лига во Австрија, и таму играше рекреативно. Меѓутоа сега ги изненади сите откако се реши да се врати на професионалниот фудбал, потпишувајќи за Австрија Клагенфурт. Таму ќе игра до крајот на сезоната.

Во минатото Хинтерегер (32) играше за Ред Бул Салцбург, Борусија Менхенгладбах, Аугсбург. За Австрија одигра 67 натпревари, а играше и против Македонија на Европското првенство 2021 година.

Се вчитува...