Поранешниот ракометар на Веспрем, Атлетико Мадрид и Сиудад Реал, Чема Родригез, ќе биде нов тренер на Бенфика почнувајќи од наредната сезона. Шпанскиот бек и на 40 години активно игра во францускиот тим Саран, летово ќе стави крај на кариерата, а веќе ги направи и првите чекори во тренерскиот занает.
Имено, тој е прв асистент на унгарскиот селектор на овој европски шампионат, што ќе послужи како подготовка на Чема за првиот тренерски ангажман, токму во Бенфика. Преговорите се наоѓаат во завршна фаза, а според португалските медиуми официјализацијата се очекува до крајот на месецов. Бенфика во последните две години инвестираше во квалитетни ракометари, а сега со ангажманот на Шпанецот се надева дека ќе добие и квалитет на клупата, за да се вмеша во борбата за висок пласман крај Порто и Спортинг Лисабон.
Македонскиот репрезентативен голман Борко Ристовски има договор со Бенфика на уште една сезона, така што ќе има можност да соработува со Родригез, кој своевремено му беше соиграч на капитенот на нашиот национален тим, Кире Лазаров, во Сиудад Реал и во Атлетико Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА