Поранешниот соиграч на Перо Антиќ од Олимпијакос, Јоргос Принтезис, е најновиот член на „тимот на деценијата“ што го избира Евролигата. Грчкиот репрезентативец освои две европски титули заедно со Антиќ, воедно постигнувајќи го и победничкиот кош во епскиот триумф над ЦСКА Москва во 2012 година.
Јоргос Принтезис беше член на младинската школа на Олимпијакос, а на почетокот од кариерата замина на позајмица во Уникаха. Кратко траеше неговиот престој во Шпанија, крилниот кошаркар се врати назад во Олимпијакос за почетокот од сезоната 2011/12 и експресно се наметна како еден од лидерите на грчкиот гигант. Тој играше четири финалиња во Евролигата, победувајќи во 2012 и 2013 и губејќи во 2015 и во 2017 година. Грчкиот репрезентативец беше избран и за член на идеалната петорка на Евролигата за сезоната 2016/17.
Принтезис се приклучува на одбраното друштво во „тимот на деценијата“, во кое веќе се наоѓаа Де Коло, Дијамантидис, Дончиќ, Хајнс, Наваро и Теодосиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА