Соработката на македонскиот голман Борко Ристовски со Барселона во иднина ќе има и една нова димензија. Македонскиот репрезентативец кој од минатата сезона го брани голот на осумкратниот европски шампион, ќе го отвори првиот ракометен камп на Барселона на Балканот. Заедно со својот партнер, компанијата „Handball International“, ќе бидат претставници на Барселона во регионот. Првиот ракометен камп „Барселона 2018“ ќе се одржи во Сплит во периодот од 28 јуни до 4 јули 2018 година.
„На наше големо задоволство постигнат е договор за ексклузивитет помеѓу ФК Барселона и Борко Ристовски и неговиот партнер „Handball International“ за отворање на Интернационален ракометен камп „FC Barcelona 2018“ кој ќе се одржи во Сплит, Хрватска, од 28.06 до 04.07 2018 година. Овој договор е плод на долги преговори и среќни сме што токму ние првите што ќе ја имаме честа да ја претставуваме Барселона во Хрватска и во регионот. Ова е проект кој носи огромна одговорност затоа што се работи за камп на кој што ние мора да ги задржиме високиот рејтинг кој што го носи со себе самото име Барселона“ – стои во известувањето по потпишувањето на договорот за заедничкиот проект со македонскиот голман.
Идејата на првиот камп на Барселона на Балканот е на него да присуствуваат тренери и играчи од Барселона и реномирани европски тренерски имиња кои своето знаење и искуство ќе го пренесуваат на младите генерации ракометари. Воедно, кампот ќе биде шанса за да бидат „скаутирани“ најталентираните млади ракометари од регионот и тие да ја продолжат кариерата во најсилните клубови во Европа.
“На кампот ќе присуствуваат тренери од Барселона кои во секојдневните тренинзи и комуникација ќе можат на децата да им демонстрираат како е да се биде дел од еден голем клуб како Барселона. Ние се обврзуваме на кампот единствено нешто по кое ќе ги вреднуваме работите, да биде квалитетот. Токму затоа, покрај тренерите од Барселона кои ќе бидат основата на кампот, во преговори сме на кампот да учествуваат единствено тренери што ја имаат највисоката „Master coach“ лиценца. Кампот ќе биде и одлична шанса за сите таленти затоа што обезбедуваме присуство и на една од најдобрите менаџерски компании под чија опсервација ќе бидат сите буквално сите учесници на кампот, во сите категории. Искрено се надеваме дека ова ќе прерасне во една убава традиција и континуирано присуство на Барселона во балканскиот регионот кој е познат по големи ракометни имиња и расадник на таленти и дека ќе ги исполниме очекувањата на сите дечиња што ќе бидат присутни во кампот бидејќи нивната насмевка и задоволство е наша обврска“ – извести Борко Ристовски.
Изборот првиот ракометен камп на Барселона на Балканот да се одржи во Хрватска е поради позитивното искуство што го има компанијата „Handball International“ која влегува како партнер на македонскиот голман во овој проект.
„Се работи за компанија која веќе седум години исклучително успешно го организира еден од најдобрите кампови во Европа за ракометни голмани. Во „Handball International“ препознавме квалитетен партнер како докажан реализатор на еден од најдобрите ракометни проекти“ – истакнува Борко Ристовски.
Борко Ристовски со Барселона во петок доаѓа во Скопје, но во друга „мисја“, за саботниот дуел со Вардар во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА