ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ за ЕКИПА – АНА ИВАНОВИЌ: Благодарна сум на фановите од Македонија за поддршката која секогаш ја чувствував!

Една од најдобрите тенисерки во историјата од овие простори Ана Ивановиќ во екслузивно интервју за ЕКИПА.МК зборува за нејзината кариера. Првото финале на Ролан Гарос против Жастин Енан, но и титулата во 2008 година на истиот Гранд-слем која беше врв на нејзината кариера. 

Ивановиќ говореше и за тоа како се одлучила да почне да се занимава со тенис, но и за тешкиот период и растењето во Србија во 90-години на минатиот век. Таа вели дека е благодарна на фановите низ целиот свет кои ја бодреа во текот на годините.

На прашањето дали таа е подобар фудбалер или Бастијан Швајнштајгер е подобар тенисер, ни одговори дека нејзиниот сопруг одлично се снаоѓа во тенисот и дека понекогаш знаат да играат меѓу себе.  

==========================================================================================================================

Вашата љубов кон тенисот се јавила на петгодишна возраст кога на теливизија сте гледале тенис. Дали од денешна гледна точка сметате дека сте ја избрале вистинската професија?

Дефинитивно – тоа беше вистинскиот избор. Тоа беше нешто што ме привлекуваше уште од рана возраст и љубовта кон играта никогаш не заврши. Имав среќа што можев да живеам за нешто што многу го сакав и уживав правејќи го.

На јуниорскиот Вимблдон во 2004 година во финалето загубивте од Украинката Катарина Бондаренко. На крајот вие имавте одлична кариера во сениорска конкуренција, додека Украинката никогаш не беше подобро пласирана од 29. место. Колку успесите во јуниорска конкуренција може да бидат лажна слика за еден тенисер?

Преминот од јуниорска во професионална конкуренција не е лесна задача. Начинот на размислување е сосема поинаков покрај другите аспекти. Исто така, за да можете да се натпреварувате на највисоко ниво со години бара многу дисциплина, напорна работа и посветеност. Правилниот тим околу играчот игра исто така важна улога.

ПО ЗАГУБЕНОТО ФИНАЛЕ НА РОЛАН ГАРОС ЗНАЕВ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ЌЕ СТИГНАМ И ДО ТИТУЛАТА

Првите две гранд-слем финалиња забележавте релативно лесни порази од Жастин Енан на Ролан Гарос и Марија Шарапова на Австралија опен. Дали почнавте да се сомневате самата во себе дека некогаш ќе стигнете до гранд-слам трофеј?

Сосема спротивно. Јас бев многу млада кога го одиграв моето прво гранд-слем финале против таков голем шампион како Жастин-Енан. Иако на некој начин беше тежок пораз, почувствував дека штом можам да стигнам до финале на гранд-слам можам и секој ден да правам чекор повеќе. На патот до финалето, победив неколку одлични играчи, па верував ако продолжам да работам напорно, можам да стигнам до крај.

ФОТО: Инстаграм/ Ана Ивановиќ

СЕ ЗА ШТО СОНУВАВ СТАНА РЕАЛНОСТ КОГА ЈА ОСВОИВ ТИТУЛАТА НА РОЛАН ГАРОС 

Најголемиот момент во вашата кариера се случи кога го освоивте Ролан Гарос во 2008 година кога финалето ја совладавте Динара Сафина. Одигравте неверојатно таа година во Париз. Што беше првото нешто што го помисливте во моментот кога го освоивте последниот поен и од сегашна гледна точка колку значи за Вас тој успех?

Беше незаборавен момент, многу тешко да се опише. Бев преплавена од емоции и среќа. Сè за што сонував и работев напорно, стана реалност во еден момент. Сè што поминав од првиот тренинг како дете до подигнувањето на трофејот ми поминуваше низ умот тој ден на централниот терен во Париз. Секогаш ќе бидам горда за постигнувањето на највисоката цел во тенисот.

НАЈТЕШКА ОДЛУКА ВО ЖИВОТОТ МИ БЕШЕ КОГА РЕШИВ ДА СЕ ПОВЛЕЧАМ 

По неколку сезони во кои имавте и подеми и падови во 2016 година одлучивте да ставите крај на кариерата. Кога сфативте дека се ближи крајот и која беше главната причина за толку млада да заминете во пензија?

Тоа беше веројатно најтешката одлука во мојот живот досега. Имав потешкотии да се изборам со повредите и фрустрациите за тоа што не можев да настапувам во најдобро светло. Откако освоив гранд-слем, ништо не беше доволно добро за мене освен да го направам истото повторно…но тоа не се случуваше. Не можев да прифатам просечни резултати и постојано борба со лекарски третмани за повредите кои ме држеа далеку од теренот.

КОЛКУ И ДА БЕШЕ ТЕШКО ВО СРБИЈА ВО 90-ТЕ ГОДИНИ ИМАВ СРЕЌНО ДЕТСТВО БЛАГОДАРЕНИЕ НА МОИТЕ РОДИТЕЛИ

Како и секое дете во 90-те години во Србија, така и вие имавте тешко детство. Колку од оваа гледна точка тренирањето пред сирените кои најавуваат бомбардирање и целиот тежок пат кој го изодевте во тој период ви помина во вашата кариера?

Растењето во Србија во текот на 90-тите години не беше лесно, но сепак можам да кажам дека имав среќно детство благодарение на моите родители кои не штитеа мојот брат и мене од лоши вести. Од друга страна, играњето тенис во тешки услови веројатно ме направи поцврста и поблагодарна.

ФОТО: Инстаграм/ Ана Ивановиќ

СЕКОГАШ ЈА ЦЕНЕВ ПОДДРШКАТА КОЈА МИ ЈА ДАВААТ ФАНОВИТЕ 

Имате многу фанови во Македонија. Покрај за НБА натпреварите голем дел од Македонците остануваа будни до раните утрински часови кога игравте на турнирите во Австралија и САД, колку ви значеше во кариерата големата поддршка од фановите?

Многу значи да имаш посветени обожаватели и секогаш ја ценев поддршката. Знам дека не беше секогаш лесно да се следат натпреварите во живо. Благодарна сум им на моите навивачи и во текот на мојата кариера освоив некои натпревари благодарение на огромната поддршка на навивачите на стадионите.

Неодамна и дадовте поддршка на Наоми Осака која се повлече од Ролан Гарос поради тоа што поради заштита на менталното здравје не сакаше да присуствува на прес-конференциите. Колку е всушност тешко да си врвен тенисер и дали и вие во текот на кариерата сте имале проблем со анксиозноста и како се справувавте со неа?

Многу е тешко, особено за младите играчи да се справат со очекувањата и притисокот. Денеска не е само печатот, туку огромен притисок доаѓа и од социјалните медиуми. Потребно е искуство и многу работа во смисла на ментална подготовка за да можете да ставите сè во вистинската перспектива.

ФОТО: Инстаграм/ Ана Ивановиќ

БАСТИЈАН Е ОДЛИЧЕН ТЕНИСЕР, ЧЕСТО ИГРАМЕ ЗАЕДНО 

И за крај во 2016 година стапивте во брак со Бастијан Швајнштајгер. Дали си ти подобра фудбалерка или Бастијан е подобар тенисер? 

Дефинитивно Бастијан е подобар тенисер. Понекогаш знаеме да одиграме тенис. 

Се вчитува...