Еден од најдборите техничари во историјата на одбојката Никола Грбиќ во екслузивно интервју за ЕКИПА.МК зборува за неговите импресии од Скопје и Македонија по настапот во групата Ц на Европското првенство.
Грбиќ кој со репрезентацијата на Југославија го освои златниот медал на Летните олимписки игри во Сиднеј во 2000 година, веќе има одлична тренерска кариера, а со репрезентацијата на Полска е фаворит за освојување на златниот медал на Европското првенство.
Во интервјуто за ЕКИПА.МК тој вели дека почувствувал голема љубов од Македонците, а кога ќе ја чуе мелодијата на полската химна му се враќаат емоции од времињата поминати во Југославија.
==========================================================================================================================
Никола Грбиќ по долго време повторно дојде во Македонија, а како што вели самиот и тој и неговите играчи си поминале прекрасно во Скопје…
Мене ми беше прекрасно овој период во Македонија. Условите беа одлични, а посебно ми се допадна тоа што сместувањето ни беше веднаш до салата, па се ни беше во близина и не губевме време на превоз. Бидејќи не игравме секој ден имавме време да прошетаме низ Скопје, да уживаме во рестораните и во неверојатната македонска храна. Сите мои одбојкари се задоволни од тоа како поминавме во Скопје. Мило ми е што својот 50 роденден го прославив во Скопје со мојот стручен тим. Атмосферата во салата „Борис Трајковски“ исто така многу ми се допадна. Навивачите кои во еден глас ја бодреа вашата репрезентација и заедничкото пеење на химната ќе ги помнам цел живот и навистина носам прекрасни спомени од Скопје.
Многу ми значи тоа што на многу луѓе во Македонија сум им го разубавел детството…
Многу ми значи тоа што во Македонија е почитувана мојата не само тренерска туку и играчка кариера. Многу луѓе со кои играв во Југославија, но и луѓе кои играа со татко ми како и пријатели кои ги имам многу во Македонија ми пријдоа и ми кажаа колку тие времиња им значат многу и како ги прателе моите игри и ми благодарат за тоа што сум им го разубавел детството. Навистина тоа е најголемиот комплимент кој може да го добие некој човек.
Мило ми е што испишавте нова страница на македонската одбојка…
Имате неколку момци кои се на добро ниво. Знам колку значи едно вакво искуство и за федерацијата и за одбојкарите, но и за вашата држава. Мило ми е што се пласиравте за првпат во нокаут фазата со двете победи против репрезентациите на Данска и Црна Гора. Имавте шанса и против другите репрезентации како што е Чешка, но веројатно и повредата на вашиот најдобар одбојкар Никола Ѓоргиев беше пресудна за поразот. Самиот пласман меѓу 16 најдобри во Европа е голема работа.
Полската химна ја има истата мелодија како химната на Југославија „Хеј словени“, а кога тој ќе ја чуе вели дека веднаш се потсетува на добрите стари времиња…
Кога играме во Полска цела сала ја пее химната и не оди мелодија. Но кога сме во странство и ќе ја чујам мелодијата на химната веднаш ми доаѓаат емоции и ме потсетуваат на нашата „Хеј словени“ и тие прекрасни времиња кога сите заедно бевме во една држава и ги браневме боите на Југославија.
За крај тој ги откри неговите очекувања околу продолжението на шампионатот…
Групната фаза требаше да ни биде подготовка за тоа што не чека во продолжение на шампионатот. Момците одлично одговорија на секое мое барање и задоволен сум од тоа како одигравме во оваа групна фаза. Се надевам дека здравјето ќе не послужи во нокаут фазата. Ние секогаш одиме на победа и не може да се криеме позади ништо. Полска има голема традиција во одбојката и големи одбојкари. Има одлични и клубови и има големи резултати и на клупски и на репрезентативен план. Не може да побегнеме од тоа дека сме фаворити, но мора да кажеме дека и Италија и Франција се одлични репрезентации и очекувам многу тежок турнир. Сепак, нашите амбиции се да играме финале и да земеме медалја. Се надевам дека ќе им се реваншираме на Италијанците за поразот минатата година на домашен терен на Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА