Реал Мадрид не успеа да ја продолжи победничката серија во Примера дивизион откако „кралевите“ вечерва загубија со 1-0 на гостувањето против Еспањол. Една од главните причини сигурно е неиграњето на Кристијано Роналдо, кому тренерот Зидан му даде одмор на оваа средба, но чие отсуство премногу се почувствува во играта на актуелниот шампион.
Згора на тоа Зидан го остави на клупата Карим Бензема, а мечот го почна со Герет Бејл како најистурен во нападот, улога во која Велшанецот не се снајде најдобро при неколкуте полушанси што му беа создадени. На спротивната страна, Еспањол беше тимот што ги имаше најубавите шанси на овој натпревар, но Кејлор Навас успа да ја сочува својата мрежа незатресена се до 90. минута. А тогаш, во третата минута од судиското продолжение домаќините изведоа одлична акција, топката стигна до Жерар Морено, кој со волеј удар од петнаесетина метри ја затресе мрежаа на шампионот.
За големината на триумфот на Еспањол најдобра потврда е дека тимот од Барселона го победи Реал за првпат по пауза од единаесет години, сосема заслужено со оглед на прикажаното на теренот на вечерашниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА