Франција останува на врвот на светскиот ракомет откако „триколорите“ вечерва во Париз ја одбранија титулата освоена пред две години во Доха. Против себе ја имаа Норвешка, селекцијата што во првото полувреме блесна со сиот свој потенцијал, но немаше сили да го издржи темпото во сите 60 минути, па на крајот претрпе убедлив пораз од 33-26. Французите покажаа зошто го имаат прекарот „експерти“, па и кога не играа најдобро одржуваа резултатска неизвесност, за во моментот кога дојдоа нивните „пет минути“ целосно да го збришат својот противник.
Французите беа максимално мотивирани, но Норвежаните воопшто не делуваа заплашено од атмосферата во арената „Берси“. Скандинавците го наметнаа сопственото темпо, лесно го наоѓаа патот до мрежата на Омејер, а од ритам не ги исфрли ниту раното исклучување на Тонесен, па во раната фаза од мечот поведоа со 4-6. „Триколорите“ имаа загубено четири топки во првите десет минути, Омејер на половина од полувремето имаше само две интервенции, па Норвешка неслучајно по 15 минути игра водеше со 7-10. Динар го внесе Жерар на голот на местото на индиспонираниот Омејер, но Тонесен со четири гола од исто толку обиди ја одржуваше Норвешка во водство во првите дваесет минути (11-12).
Бергеруд ја добиваше голманската битка, во 22. минута му го одбрани и петтиот удар на Ремили (2/7), па Норвешка повторно дојде до три гола предност (11-14). Брзиот скандинавски напад им создаваше огромни проблеми на бранителите на трофејот, воедно и подвижната одбрана на Норвежаните не оставаше доволно простор за Карабатиќ и Нарсис да го организираат нападот на „триколорите“, но водството експресно се стопи откако Жерар нанижа три интервенции, по што следеше израмнување на 16-16, за на одмор да се замине со предност на Франција од 18-17 по фуриозниот контранапад што Порт го претвори во гол пред самиот звук на сирената.
Само четири минути од второто полувреме беа доволни за Французите да потсетат зошто важат за најдобра репрезентација во светот во последните десетина години, „триколорите“ додадоа гас на стартот од вториот дел, па експресно поведоа со 22-18. Норвешка зеде тајмаут, но француската одбрана ја доби посакуваната цврстина, во ритам влезе и голманот Жерар, па светските шампиони дојдоа и до најубедливи „плус пет“ (23-18). Норвешка во следниот период успеаа да стигне само до три гола разлика, но следеше нов фуриозен период на домашната селекција, па избраниците на Динар на крилата на верните навивачи стигнаа до шест гола разлика (29-23) на десет минути до крајот.
Потсетувајќи се на чудото на Словенците од синоќешното „мало финале“, Французите не дозволија да дојде ниту до најмало опуштање во нивните редови. Напротив цврстата одбрана продолжи до самиот крај, Жерар беше феноменален на голот, па ова триесет минути израмнето финале на крајот заврши со убедлива победа на „триколорите“ од 33-26.
Карабатиќ со шест, пред Мае и Гигу беа најефикасни со по пет погодоци, додека Жерар на голот имаше 11 успешни интервенции за 40 минути минати на теренот. Кај Норвешка најдобри стрелци во ова финале беа Тонесен со пет и Бјорнсен и Хансен со по четири гола, додек потфрли Сагосен со само еден погодок од пет обиди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА