Реал Мадрид ја декласираше Барселона, и тоа на гостински терен со убедливи 74-101, во најновото „Ел Класико“ одиграно во рамките од Евролигата, реванширајќи му се на големиот ривал за поразот во финалето од Копа дел реј пред само неколку дена. Светислав Пешиќ не можеше да смета на повредените Рибас, Ориола и Сандерс, тројца првотимци без чија помош каталонците не успеаја посериозно да му се спротивстават на „кралскиот клуб“.
Керол со 18 и Рендолф со 16 поени беа најдобри поединци кај Реал Мадрид, кој стигна до преубедлива победа иако Лука Дончиќ го заврши дербито со прескромни два поени. Најефикасни кај Барселона беа Ертел и Везенков со по 11 поени.
Црвена звезда претрпе преубедлив пораз на гостувањето против Бамберг (86-62), натпревар на кој Перо Антиќ не се најде во составот на шампионот на АБА-лигата. „Црвено-белите“ парираа со 15. минута, кога резултатот гласеше 36-35, за потоа Бамберг да почне да доминира и на крајот да слави со убедливи 24 поени разлика. Дорел Рајт, кој ја почна сезонава во дресот на Игокеа, беше најефикасен на натпреварот со 21 поен, додека прв стрелец на Црвена звезда беше Лесор со 12 поени.
Химки со извонредно издание во одбраната го совлада Панатинаикос со 78-61, меч што рускиот тим го доби во првото полувреме, кога си обезбеди предност од 46-31. Алексеј Швед беше клучна фигура со 20 поени, додека кај ПАО потфрли првиот плејмејкер Калатес, кој за 29 минути постигна само два поени со шут од поле 1/6.
Жалгирис се искачи на делба на четвртото место на табелата (со Химки и со Панатинаикос) со вечерашната победа на гостувањето против Анадолу Ефес со 70-86.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА