ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Македонија излегува на мегдан со Шпанија, а Раул Гонзалес вторпат во рок од една година како селектор на нашата репрезентација ќе се надмудрува со своите сонародници на едно големо натпреварување. Повеќе од јасно е кој е фаворит, а кој аутсајдер на оваа средба, но убавината на спортот е токму во тоа што може да се верува во чуда, колку и да се мали шансите за такво нешто.
Разликата во квалитет им е јасна на сите, но пред две години покажавме дека можеме без страв и преголем респект да парираме на „фуријата“. Чиста спротивност беше ланскиот дуел на двете селекции, кога не само што загубивме двоцифрено (31-20), туку и делувавме почетнички во поголемиот дел од натпреварот. Точно е, во раната фаза на натпреварот останавме без Кире Лазаров, но таа повреда се случи при резултат 6-1, откако за 10 минути бевме демолирани од фаворитот.
Гонзалес калкулираше, па Филип Миркуловски цел натпревар го преседе на клупата, бесно гледајќи ја немоќта на соиграчите на теренот. Шпанецот тоа потоа го објасни како свое тактичко решение, од кое нашата репрезентација не виде ништо добро, бидејќи ги загуби и преостанатите два натпревари во Вараждин.
Ракометарите се на тест против актуелниот првак на Европа, но исто така и Гонзалес, овојпат барем нешто подостојно да им се спротивстави на своите сонародници. Бидејќи како што потенцираше и капитенот Кире Лазаров, нашата репрезентација со години го гради својот имиџ на големите натпреварувања за да го урива со калкулации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА