„Ел нињо“ ќе го напушти Атлетико во јануари

Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес планира да го напушти неговиот матичен клуб. 33-годишниот Шпанец не е во најдобри односи со тренерот Диего Симеоне поради малиот број на минути кои ги добива сезонава, а со доаѓањето на Диего Коста од Челси, минутажата на Торес ќе се сведе на минимум во вториот дел од сезоната. Симеоне е познат по честото употребување на ротација во нападот, а пред Торес предност добиваат Вието, Гамеиро и Кореа, како поддршка за Гризман.

„Ел нињо“ не е ниту во голгетерска форма, се уште го бара својот првенец во оваа сезона. Торес досега одигра 10 натпревари за Атлетико на кои често влегуваше од клупа. Шест меча се во домашното првенство, три во Лигата на шампиони, и еден меч како стартер во шпанскиот Куп против екипата на Елче. Во првиот состав Торес се најде на отворањето на новата сезона во Примера на мечот против Жирона, каде беше заменет по 73 минути игра.

Екс-репрезентативецот на „црвената фурија“ има две опции за спасување на кариерата. Прв избор е МЛС – лигата, Торес уште во летниот период имаше понуди од америчките клубови, додека не изостанува преселба на далечниот исток, во кинеската Суперлига.

 

Се вчитува...