Македонската репрезентативка Елена Ѓоргиевска и во наредните две сезони ќе го носи дресот на унгарскиот клуб Алба Фехервар. Добрите настапи на Ѓоргиевска во изминатава сезона беа препорака таа да добие понуда за продолжување на соработката со клубот и во наредните две години.
„За нас е најважно да имаме стабилност и да ја продолжиме започнатата работа. Го сочувавме костурот на екипата со продолжувањето на договорите на дел од ракометарките кои се во нашите планови на подолг рок“ – рече тренерот на Алба Фехервар, Рита Дели, на денешната прес-конференција на која беа официјализирани новите договори со ракометарките и беа презентирани плановите на тимот за следната сезона.
Покрај македонската репрезентативка, соработката со унгарскиот тим ја продолжуваат и Орсоја Хер, Сабина Мајер, Клодин Менди и Јелена Лавко. Од следната сезона во тимот ќе ги нема Бразилката Даниела Пиедаде и Србинката Билјана Банделие кои ја завршија кариерата, како и Јапонката Ишитате Мајуко која се врати во својата татковина.
Елена Ѓоргиевска во Алба Фехервар дојде во јануари минатата година по две сезони поминати во романскиот тим Баја Маре. Претходно десниот бек на македонската репрезентација две сезони беше во составот на Будуќност што беше прва станица во нејзината интернационална кариера. Во Македонија кариерата ја почна во Стружанка, потоа настапуваше за Еуростандард ЃП и за Кометал ЃП, а три сезони беше дел од Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА