Наполи загуби со 1-0 на гостувањето во Милано во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, но дефинитивно има за што да жали по пропуштените серија шанси.
Одличен во тимот на Лучијано Спалети беше и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој првпат откако е пристигнат во Наполи играше како класичен центарфор. Остана и една сериозна можност нереализирана шанса од негова страна кога гредата го спаси голот на Милан.
„Првпат играм како центарфор и мислам дека беше добро како за првпат. Сепак, секако повеќе сакам кога играм странично. Одигравме добар меч, но ете за жал не успеавме да постигнеме погодок. Знаевме дека ќе биде тешко против актуелните италијанските шампиони. Но мислам дека на домашен терен можеме и резултатски многу повеќе“ – изјави Елмас по завршувањето на синоќешниот меч.
Главен судија на натпреварот на „Сан Сиро“ беше Романецот Иштван Ковач, од кој крајно незадоволни беа речиси сите играчи на Наполи, меѓу кои и Елмас…
„Не знам што да кажам за судијата, тоа беше неверојатно. Тој свиреше се против нас, речиси сите добија опомени. Тие правеа фаули и не добиваа жолти картони, а ние постојано добивавме опомени. Вакво нешто никогаш немам видено, неверојатна ситуација на вака важен меч во Лигата на шампионите“ – истакна Елмас, притоа дополнувајќи:„И покрај се, верувам во полуфинале. Имаме силен тренер со цврст карактер кој ќе знае што да прави на вакви натпревари за реваншот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА