Елмас е еден од четворицата „отпишани“ во Лајпциг

Лајпциг ги почна подготовките за новата сезона со рутинска победа од 3-0 над нисколигашот Мојсевиц, дуел на кој новиот тренер Оле Вернер реши воопшто во составот да не вклучи четири врвни фудбалери на германскиот прволигаш. Меѓу нив, за жал се најде и нашиот Елиф Елмас, за кого немаше место ниту на клупата за резерви, како штоа беше случај и со Тимо Вернер, Андре Силва и со Кевин Кампл.

Пораката е и повеќе од јасна – новиот стручен штаб не смета сериозно на овој квартет иако станува збор за исклучително квалитетни фудбалери. Лајпциг сезонава нема да биде дел од ЛШ, а дел од таа финансиска загуба ќе биде надополнета со продажба на првотимци. Интересно, Тимо Вернер е најплатен фудбалер на Лајпциг со загарантирана плата од над 9 милиони евра, па клубот со ваквиот потег сака што поскоро да се ослободи од поранешниот ас на Челси и Тотенхем.

Елмас веќе стави до знаење дека сака да се врати назад во италијанската Серија А откако последните месеци прикажуваше одлични игри во дресот на Торино. Сепак, проблем останува отштетата, италијанскиот клуб инсистира на понуда не повисока од 12 милиони евра, Германците сметаат дека тоа е прениска сума за играч што пред 18 месеци го платија 25 милиони евра, па останува да се види дали ќе може да биде најден заеднички јазик или Лајпциг ќе чека друг клуб да се јави во трката за потпис на македонскиот фудбалски ас.

Се вчитува...