Елиф Елмас поради повреда не настапи на последниот меч на Лајпциг против Аугсбург, но македонскиот репрезентативец во меѓувреме се рехабилитираше и ќе биде во комбинација за настап на утрешниот натпревар против Јувентус во второто коло од Лигата на Шампионите.
Елмас има богато искуство од настапи во италијанскиот шампионат (189 средби за Наполи, 19 гола и 11 асистенции), па токму македонскиот „дијамант“ беше избран за интервју пред дуелот со Јуве на кој Лајпциг ќе тргне по првата победа во ЛШ сезонава.
„Секогаш е тешко да се игра против италијански екипи, особено против Јувентус, еден од најголемите клубови во оваа земја. Имам одиграно бројни натпревари против нив, знам колку можат да бидат опасни… Сезонава и одлично се бранат, погледнете ја само нивната статистика, но исто така можат да бидат и многу опасни во нападот. Едвај чекам да почне натпреварот, кој сигурно ќе биде многу интересно, особено бидејќи се игра овде во Лајпциг, пред нашите фанови“, изјави Елмас.
Следеше и споредба на италијанската Серија А со германската Бундес-лига…
„Поголемиот дел од бундеслигашките екипи играат многу директен, физички фудбал со многу трчање и офанзивен пристап. Во Италија повеќе се размислува за тактика, да се задржи поседот на топката, да се биде подефанзивен. Двете лиги се многу силни, тие се дел од Топ 5 во Европа“, прокоментира Елиф.
Елмас првиот трофеј со Наполи го освои токму против Јувентус, откако „сино-белите“ ја совладаа „старата дама“ во финалето од Купот на Италија во 2020.
„Во тој период, јас бев само шест месеци во Наполи и се борев за место во тимот.Четири години подоцна, го освоив скудетото со Наполи и тоа е нешто што ќе го паметам додека сум жив. Дефинитивно во меѓувреме станав покомплетен играч, мислам дека можам уште повеќе да напредувам. Се надевам дека Лајпциг и ова искуство ќе ми помогнат тоа да се случи“, изјави македонскиот интернационалец во Бундес-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА