Елмас е оптимист: Наполи може до ново скудето, Гарсија ми помага да бидам уште подобар играч

Наполи по три децении чекање конечно стигна до шамионската титула, а Елиф Елмас е оптимист дека фановите на „наполитанците“ нема да треба повторно долго долго да чекаат за ново скудето.

Македонскиот „дијмант“ во изјава за медиумите за време на тренинг-кампот на Наполи јасно стави до знаење дека зацртана цел на тимот е одбрана на шампионскиот трофеј.

„Да се биде шампион е голема чест, но тоа носи со себе и големи одговорности. Јас верувам дека ние сме подготвени за таква одговорност, како актуелни шампиони да играме најдобро што знаеме од почетокот до самиот крај на сезоната. Верувам дека Наполи може до ново скудето, па видовте дека успеавме да го задржиме речиси целиот тим, си замина единствено Ким“, изјави Елмас.

Нашиот репрезентативец имаше и само пофални зборови за новиот тренер Руди Гарсија, кој го наследи Лучијано Спалети на клупата на „наполитанците“.

„Гарсија е многу добар тренер, тој веќе го докажа тоа во Рома, но и во Франција каде што стигна до шампионска титула. Тренерот ќе биде пример за сите нас, мене лично многу ми помага да созреам и да направам уште еден чекор напред во кариерата“, истакнува Елиф Елмас.

Се вчитува...