Елиф Елмас е несреќен во Наполи поради премалата минутажа што ја добива од стартот на сезоната во Калчо-лигата. „Дијамантот“ дури имаше и објава на својот инстаграм профил – „Мојата прва љубов“, со фотографија од клупата за резерви на стадионот во Неапол како јасна порака до тренерот Спалети. Клупскиот директор Џунтоли прокоментира дека станува збор само за шега, но во таборот на Наполи се свесни за незадоволството на македонскиот репрезентативец.
Елмас минатата сезона одигра 2337 минути за „наполитанците“, при што постигна седум погодоци, едниот од нив беше оној победничкиот на дербито со Милан. Овојпат ситуацијата е сосема поинаква, тој зад своето име има вкупно 312 минути игра, но поголемиот дел од натпреварите ги стартува како резерва. Трансферите што Наполи ги направи летово не му одат во прилог на Елиф, ако се знае дека Квараскелија се промовираше во нов лидер на тимот, а Распадори и Симеоне исто така добиваат предност пред Елмас во навалната тројка.
Тој не крие дека сака да добива шанса во средниот ред, но Спалети очигледно има поинакви замисли, што го прави проблемот уште подлабок. Медиумите блиски до раководството на Наполи тврдат дека Елмас повеќе не е „недопирлив“ и би можел да добие зелено светло за трансфер доколку пристигне интересна понуда. Како опција се споменува дури и позајмица до крајот на сезонава, но самиот Елиф инсистира тоа да биде во некој клуб со посериозни амбиции, а не екипа од долниот дел на табелата.
Како опција останува Милан, клуб што веќе извесно време го следи Елмас. Директорот Паоло Малдини минатото лето не успеа во намерата да го доведе „дијамантот“ на „Сан Сиро“, но доколку Наполи е подготвен за преговори за очекување е „росонерите“ да тргнат во јануарска офанзива за потпис на Елмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

