„Елмас и Барди се феномени, мислиш ќе им ја земеш топката, тие ќе најдат начин да ти ја сокријат“

Стефан Деспотовски имаше успешно деби за сениорската репрезентација на Македонија откако доби шанса како стартер на гостувањето против Казахстан, одлично си ја заврши работата и даде значаен придонес во минималната победа.

Овој фудбалер е роден во Скопје, но детството го минува во Белград, каде настапува во младинските категории на Црвена Звезда и Партизан. Во сениорска конкуренција неколку пати ги менува клупските бои, сезонава ја почна во Шериф во Молдавија, но реши да си замине од овој клуб и се врати назад во Србија, во тимот на ОФК Белград, за кој беше стандарден во изминатите месеци.

„Исто ги доживувам, не сакам да ги делам Македонија и Србија. Мене родителите ми се Македонци, нивните семејства се Македонци, јас сум од таму, само што израснав во Србија. Многу ги сакам двете земји и не сакам да ги делам, ги минав сите српски репрезентациите селекции до У21, тогаш почнав да играм за Македонија. По доаѓањето во ОФК добив повик за сениорската репрезентација, благодарен сум на селекторот што ми даде шанса да дебитирам, да ги одиграм тие 90 минути. Се е супер, засега сме први во групата, се надеваме на пласман на Светското првенство“, вели Деспотовски во разговор за „Моцарт Спорт“.

Тој има само пофални зборови за квалитетот што го поседува нашата национална селекција.

„Македонија има голем квалитет, многу поголем од она што се мисли. Го покажавме тоа овој месец против Белгија, претходно и против Италија со победата во Палермо, или против Германија во Дуизбург пред четири години. Тоа е успех за Македонија и се надевам дека ќе се продолжи… Во оваа година немаме ниту еден пораз, играме на навистина високо ниво“, истакнува Деспотовски.

Дефанзивецот ги потенцираше Елиф Елмас и Енис Барди како најквалитетни играчи, особено кога станува збор за поседот на топката и дриблинг-способностите.

„Дефанзивец сум, а треба да го чувам Елиф и просто не можам да го запрам. Ситници се во прашање, за момент мислиш дека ќе стигнеш прв до топката, дека ќе му ја земеш, а тој само ќе ја тргне на страна и ќе продолжи со својата акција. Елмас ми остави навистина силен впечаток, исто како и Барди, поради начинот на кој знае да ја сокрие топката“, потенцира Стефан Деспотовски за „Моцарт Спорт“.

Се вчитува...