Елмас: Игравме на високо тактичко ниво против премиерлигашки играчи, мора уште посамоуверено да продолжиме во квалификациите!

И еден од најдобрите македонски фудбалери, Елиф Елмас, како и соиграчите не може да ја сокрие болката од начинот на кој Македонија вечерва испушти победа над Велс во 2. коло од квалификациите за СП 2026, со гол примен буквално во последните секунди од средбата.

Видно потресен Елиф застана пред македонските медиуми искажувајќи ја својата огромна жал за испуштениот триумф.

„Искрено, премногу ни е жал. Бевме тактички одлични, на високо ниво и мислам дека само може да жалиме за изгубените бодови. Но, таков е фудбалот, некогаш во 90. минута ќе дадеш гол, а некогаш и ќе дадеш и ќе примиш“ – вели Елмас и дополнува:

„Сепак, имавме одличен тактички натпревари и тоа треба да не носи во иднина. Имавме вечерва против нас противник со 80% играчи од Премиерлигата, а ние бевме пред победа на едно навистина високо ниво. Ова е добар знак за нас затоа што гледаме дека можеме со сите, напредуваме, целта ни е да одиме се погоре и погоре. Мора со ладни глави да продолжиме понатаму во овие квалификации затоа што ни следат многу важни мечеви во јуни против Белгија и Казахстан“.

Во следното коло Македонија на 6. јуни на домашен терен, ја пречекува Белгија.

Се вчитува...