Елиф Елмас се врати на тренинзите на Лајпциг по долгата пауза поради повредата, но останувањето на тренерот Марко Росе речиси сигурно ќе значи и заминување на македонскиот репрезентативец од овој германски прволигаш. Тој веќе има на маса неколку интересни понуди, а последната неочекувано пристигна од калчолигашот Лацио, чии челници сакаат да го вратат македонскиот „дијамант“ назад во Серија А.
Елмас пред една година дојде во Лајпциг во трансфер вреден 24 милиони евра од Наполи, но не доби шанса каква што заслужува од Росе. Неговата минутажа неочекувано уште повеќе се намали од стартот на новата сезона, а Росе не го ставаше Елиф во игра дури и во периодот кога тимот се наоѓаше во очигледна резултатска криза. И покрај најавите за тренерска смена тоа не се случи, па на Елмас веќе му е јасно дека ќе мора да си ја побара среќата на друго место за да се врати во својата препознатлива форма.
Галатасарај и Фенербахче испратија понуди за позајмица, истото го стори и Наполи, а според последните информации последната понуда до Лајпциг пристигнала од Лацио. Римскиот клуб е во потрага по засилување за средниот ред, а фактот дека Елмас е достане на позајмица на шест месеци (во игра се дури и 18 месеци) го прави многу интересен за „лацијалите“. Со оглед на конкуренцијата, Елиф тука има најголеми шанси за позначајна минутажа во споредба со Фенербахче, Галата и со Наполи, па интересно ќе биде да се види како ќе се одвива трката за нашиот фудбалер во наредните денови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА