Елмас ќе мора да прифати и помала плата ако сака да остане во Торино

Елиф Елмас игра извонредна форма во дресот на Торино откако на почетокот од годинава замина од Лајпциг на позајмица во овој италијански прволигаш. Тоа се покажа како вистински потег, но останувањето на Елиф во таборот на „торинезите“ и по истекот на оваа позајмица е компликувана мисија за раководството на овој клуб.

Торино веќе стави до знаење дека нема намера да плати 17 милиони евра и ќе се обиде да ја намали сумата предвидена со клаузулата во договорот за позајмица со Лајпциг. Германскиот клуб е подготвен да преговара на оваа тема, но сега се појави и нов проблем – платата на Елиф е превисока за „торинезите“.

Италијанските медиуми денеска објавија дека Торино нема намера да ја израмни, камоли да ја зголеми платата од три милиони евра по сезона што Елмас ја има загарантирано со договорот со Лајпциг. Максималната плата во Торино е под три милиони евра годишно и клубот нема намера да ја менува политиката поради Елиф, па останува да се види дали ќе може да биде најден заеднички јазик на оваа тема.

Едно е сигурно, ако Елмас продолжи со вакви партии неговата вредност на пазарот повторно ќе скокне, па ќе има доволно понуди за продолжување на кариерата во нов клуб, доколку Торино се реши да не инвестира во него онолку колку што Елиф заслужува.

Се вчитува...