Елиф Елмас блеска во дресот на Наполи, а одличната форма во последните два месеци ја круниса со погодок на последниот дуел со Торино на кој го постигна својот прв погодок по камбекот во таборот на „наполитанците“.
Антонио Конте не крие дека е воодушевен од македонскиот репрезентативец, по што испрати и јасна порака до управата договорот на Елиф да биде откупен. Тој е дојден на позајмица од Лајпциг со можност за откуп во висина од 17 милиони евра, а ставот на трофејниот стратег е и повеќе од јасен – Елмас ќе му биде од огромна корист и во иднина, не само до крајот од оваа сезона.
На потег е првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис, кој во најскоро време ќе ги почне преговорите со Лајпциг. Де Лаурентис не крие дека сака да ја исполни желбата на својот тренер, но исто така и јасно е дека ќе се обиде да ја спушти цената од клаузулата.
Фактот дека ниту еден клуб минатото лето не понуди ниту приближно до оние 17 милиони евра што ги бара Лајпциг му е адут на претседателот на Наполи, кој е убеден дека може да го договори камбекот на Елмас за помалку од 15 милиони евра.
Едно е сигурно, Елиф е пресреќен во Наполи, игра редовно во една од најсилните лиги во светот и во топ-форма ќе го дочека клучниот меч на македонската репрезентација, гостувањето против Данска во баражот за СП 2026.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

