Елиф Елмас ги минува последните денови во тимот на Лајпциг откако германскиот клуб јасно стави до знаење дека не смета на нашиот репрезентативец. Секој нов ден носи и нова шпекулација поврзана со иднината на македонскиот „дијамант“, а последните информации говорат дека Елмас одбил богата понуда да се врати назад во турскиот шампионат.
Бешикташ бил клубот што покажал сериозен интерес да го доведе Елиф во своите редови, но поранешниот ас на Фенербахче сепак ја отфрлил оваа опција иако финансиските услови биле одлични. Имено, Бешикташ нудел плата од пет милиони евра по сезона за Елмас, но Елиф сепак решил да ја одбие оваа понуда.
Вест Хем е последниот клуб што покажува интерес за Елиф, откако лондонскиот премиерлигаш се вклучил во трката за потписот на асот на Лајпциг. Стратегот Грем Потер е во потрага по засилувања за средниот ред, а универзалноста на Елмас, кој може да покрие неколку различни позиции во тимот, го прави одличен кандидат за дресот на „чеканите“.
Вест Хем за разлика од останатите клубови е подготвен да испрати понуда за целосен откуп на договорот на Елиф со Лајпциг, што го прави сериозен кандидат во оваа трка. Сепак, останува да се види дали лондонскиот клуб ќе се согласи да плати 15 милиони евра, колку што германскиот прволигаш бара за македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

