Наполи експресно им се врати на победите во Калчо-лигата, славејќи со 0-2 на гостувањето против Сампдорија и оставајќи го зад себе разочарувачкиот пораз од Интер од пред неколку дена. Елиф Елмас даде значаен придонес за овој триумф, постигнувајќи го вториот гол на натпреварот, вкупно четврти за македонскиот „дијамант“ сезонава во дресот на Наполи.
Мечот почна драматично, откако беше досуден сомнителен пенал за Наполи што Политано не успеа да го реализира гаѓајќи го само дирекот од голот на Самп. Домаќините се отворија во обид да постигнат гол, но беа казнети преку една полуконтра, откако Марио Руи го проигра Осимен, кој маестрално ја смести топката во мрежата. Сампдорија пред крајот на полувремето заслужено остана и со фудбалер помалку на теренот, по директниот црвен картон што го доби Ринкон за еден старт врз Осимен.
Бројната предност донесе и бројни шанси за Наполи, но вториот гол беше постигнат дури во 82. минута, откако судијата досуди и втор пенал по една акција на Елмас и играњето со рака на Виеира. Овојпат македонскиот репрезентативец ја презеде одговорноста и шутираше беспрекорно, за водство од 0-2 и печат на победата.
Наполи по овој триумф повторно има седум бода предност во однос на второпласираниот Јувентус, „плус осум“ во однос на Милан кој вечерва го игра својот меч од ова коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА