Елиф Елмас врза два натпревари постигнувајќи погодоци против Специја во Купот на Италија и против Парма во Калчо-лигата, покажувајќи дека е подготвен да ја искористи шансата секогаш кога тренерот Гатузо ќе му укаже доверба. Македонскиот „дијамант“ до мечот со Парма немаше ниту еден единствен меч како стартер во Серија А, но доброто издание беше повод тој да го привлече вниманието на италијанската јавност.
Весникот „Република“ во својата анализа за последните натпревари во Италија го потенцираше токму македонскиот ас како клучен за победите на „наполитанците“, повикувајќи го Гатузо да не ја менува тактиката со која почна да го извлекува најдоброто од Елиф.
Гатузо на голем дел од средбите на стартот од сезоната го форсираше Елмас во напаѓачкото трио, најчесто кога не настапуваше Инсиње како стартер. Сепак, прекомандата на Македонецот во средниот ред и давање на слобода во играта се покажа како вистински потег за нашиот интернационалец да почне да прикажува извонредни игри
„Елиф Елмас е препороден, тој процвета во новиот систем на Гатузо и прекомандата во средниот ред. Има слобода во играта и максимално ја користи довербата на тренерот, одлично се вклопи во новата улога и треба да продолжи да биде стартер и на Купот на Италија против Аталанта. Никако не смее да се менува сега влезе во ритам“, пишува италијанскиот весник „Република“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

